Во завршна фаза проектот за загуби на вода меѓу Водовод Скопје и Водовод Будимпешта

Во завршна фаза проектот за загуби на вода меѓу „Водовод и канализација" – Скопје и Водовод Будимпешта.

ЈП „Водовод и канализација" – Скопје по потпишување на Меморандумот за соработка со Водовод Будимпешта, изработи проект со кој, во март минатата година аплицираше за грант преку инструментот „Western Balkans Green Center" (WBGC), основан во Унгарија за поддршка на зелената транзиција во земјите од Западен Балкан. Проект стигна до финалната фаза од реализацијата на работните активности.

Како што соопштија од ЈП „Водовод и канализација" – Скопје, проектот е насловен како „Намалување на ефектите од климатските промени, зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, употребата на енергија, планирање на реконструкции и обезбедување на непрекинато водоснабдување во определени зони во Скопје, главниот град на Северна Македонија".

Проектот е финансиран од WBGC, во висина од околу 122.000 евра.

Од ЈП „Водовод и канализација" – Скопје информираат дека во изминатиот период, реализицијата на проектните активности се одвиваше во неколку фази во кои беа опфатени консултативни средби, определување на зона за испитување и изработка на анализи врз основа на достапни податоци. Во втората половина на мај почна завршната фаза во која беа опфатени теренските активности во определената зона за испитување Трнодол и Жданец. Во овој период зоната, во која влегуваат Трнодол и Жданец, се приспособи за изведување на мерењата со кои ќе се детектира промена на протокот на водата во системот, односно загуби на вода.

Приспособувањето на зоната се изведе со поставување на специјализиран тип на опрема на неколку клучни точки, преку која се овозможува детектирање на загубите на вода.

Откако заврши инсталацијата на специјализираната опрема, во текот на оваа недела тимовите на ЈП „Водовод и канализација" – Скопје, Водовод Будимпешта и Аквакуст Будимпешта, пристапија кон изведување на контролните мерења во кои се опфати ноќно мерење на проток на вода во затворен систем и дневно звучно мерење.

Како што се посочува во соопштение на претпријатието, по успешното изведување на мерењето следува изработка на извештаи и анализи во насока на зголемување на ефикасноста на водоснадувањето, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на загубите на вода и ефектите на климатските промени. Инсталираната опрема во зоните Трнодол и Жданец, останува во сопственост на ЈП Водовод и канализација – Скопје, за понатамошна употреба и продолжување на ваквиот тип на мерење.

– Горд сум што и во услови на криза, не дозволивме застој во работењето и продолживме со вложување напори и ресурси за подобрување и унапредување не само на работните процеси и услугите кои се насочени кон нашите корисници, туку и кон заштита на расположливите природни ресурси, во нашиот случај водата за пиење, изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Според Весковски, успешната реализација на проектните активности од овој проект, размената на искуства меѓу тимовите на ЈП „Водовод и канализација" – Скопје, Водовод Будимпешта и Аквакуст Будимпешта, бенефитите за граѓаните се само дополнителна мотивација за да продолжат да се движат во оваа насока. /МИА

МИОА потпиша меморандум за соработка со Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации

Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер потпишаа Меморандум за соработка , соопшти МИОА.

– Со потпишување на овој Меморандум, страните ја изразуваат подготвеноста за соработка на полето на слободниот пристап до информации од јавен карактер, подигнување на јавната свест за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и градење на капацитети за доследна имплементација на законската регулатива, се наведува во соопштението од МИОА.

Од таму дополнуваат дека предмет на овој Меморандум е едуцирање на вработените во МИОА за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и зголемување на активната транспарентност, во насока на доследно спроведување на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер како и советување за прашања од делокруг на својата надлежност.

„Дан“: Црна Гора го отповика почесниот конзул Азески бидејќи работел против владата

Црна Гора го отповика почесниот конзул Бранко Азески. 

Според пишувањата на тамошните медиуми, Азески се обидел да ги омаловажи и да ги компромитира највисоките власти во Подгорица, презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на владата. Одлуката е донесена на предлог на министерот за надворешни Ѓорѓе Радуловиќ, а по последната седница на црногорската Влада решението е потпишано од премиерот Здравко Кривокапиќ. Во образложението на одлуката, како што наведува весникот Дан, Министерството за внатрешни работи дошло до сознанија дека Азески во контакти со угледни бизнисмени, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за кредибилитетот на нејзините тела.

Имајќи го тоа предвид, Министерството за надворешни работи смета дека наведените активности можат сериозно да го нарушат угледот на државата, и затоа нема основа за продолжување на неговата функција, по што предложи Бранко Азески да се отповика од должноста почесен конзул на Црна Гора во Штип,– Министерство за надворешни работи на Црна Гора.

Азески кој е актуелен претседател на Стопанската Комора на Македонија во писмена изјава до медиумите не ја коментира одлуката на Подгорица но се заблагодари на сите со кои соработувал а на Црна Гора и посака брз развој и просперитет.

-Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна гора ѝ посакувам брз развој и просперитет, а на компаниите поголем профит,- Бранко Азески – Претседател на Стопанска Комора.

Во земјава има околу 40 почесни конзули на странски држави. Освен сега отповиканиот Азески кој беше задолжен за штипскиот регион, почесен конзул на Црна Гора во земјава е и Милорад Андријашевиќ задолжен за регионот Битола.

Заев: Програмата за соработка со Швајцарија е израз на нејзината силна пријателска посветеност

„Програмата за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024, и понатаму е израз на силната посветеност на оваа наша пријателска земја да ја продолжи поддршката на решавањето на преостанатите предизвици на нашата политичка определба.“

Ова го изјави премиерот Заев на денешната промоција на Програмата каде беа присутни и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Премиерот Заев изрази благодарност, во свое и во име на Владата, за грижата и приоритетите утврдени во Програма за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024 година, кои како што рече „се особено релевантни за натамошниот развој на нашата земја и за благосостојбата на сите граѓани" и додаде дека посебна нагласка од главните области на Програмата имаат темите кои и Владата ги утврдила како приоритет за просперитетот на земјата со фокус на: борбата против корупција, понуди за миграција на сивата економија кон легалните економски текови, дигитализација и климатски промени.

„Финансиската поддршка од 65 милиони швајцарски франци за Програмата за соработка со Македонија 2021-2024 е креирана во тесна соработка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања, со институциите од централната и локалната власт, со партнерите од граѓанското општество и приватниот сектор. Швајцарија има релевантно искуство и експертиза во сите овие области", подвлече премиерот Заев издвојувајќи неколку од придобивките од Швајцарската програма за соработка со Македонија, особено во областа на демократското управување како најдолготрајна.

„Благодарение на поддршката на Швајцарија, Собранието на Македонија ги зајакна капацитетите за работа, огромен број членови на општинските совети речиси во сите општини во земјата стекнаа знаења и вештини за подобро креирање на општинските буџети и за надгледување на буџетските трошења и, како особено важно, значително се зголеми довербата во граѓанските организации преку проектите за приближување на работата на овие организации до граѓаните. Благодарение на проектите поддржани со оваа програма ние денеска имаме поголема транспарентност и отчетност на институциите на централната и на локалната власт, неколку илјади работни места, како и пристап до квалитетна вода за над 100 илјади граѓани во неколку општини", заклучи премиерот со уверувањето за ефективен придонес во прифаќањето и имплементацијата на најдобрите практики за натамошен развој.

На промоцијата на Програмата за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024, организирана од страна на Швајцарската амбасада во земјата, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и заменик-амбасадорот, Лусиен Егетер, присуствуваа и заменик-претседателот на Собранието Горан Мисовски, директорката на Центарот за истражување и креирање на политики Марија Ристеска, претседателката на деловниот клуб Македонија - Швајцарија, Јасминка Талеска и претставници на важни партнерски институции и организации.

притисни ентер