Во Велес вчера осум нови случаи на Ковид -19, вкупно 18 заболени

Во Велес вчера се регистрирани осум новозаболени со Ковид-19, со што бројката се искачи на 18 заболени, а од ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес денеска информираат дека сите осум случаи се поврзани со претходно регистрирани заболени од Ковид-19.

Тони Димитриев директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје, за МИА изјави дека сите случаи се локални и нема заболени лица повратници од странство.

Портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, др, Весна Најдовска Николова изјави дека во Инфективното одделение во болницата  моментално има девет пациенти од кои кај шест случаи е потврдено присуство на коронавирус, а кај тројца се чекаат резултати од направеното тестирање.

-Од осумте новозаболени едно лице веќе е меѓу хоспитализираните во Инфективното одделение, а двајца се во домашна самоизолација. Останатите петмина се лекуваат по препораки на своите матични лекари, појасни др Неделковска Николова.

Директорт на ЈЗУ Центар за јавно здравје апелира до граѓани кои се сомневаат дека на некој начин биле во контакт со некое заразено лице понатамошните контакти да ги прават со матичните лекари.

-Матичните лекари се тие кои ќе утврдат дали има потреба од земање брисеви или ставање во самоизолација.нема потреба за паника од граѓаните и  обраќање до нас.Затоа што матичните лекари се тие кои оценуваат на кои лица им е неопходно земање брис за корона тест, по што тие закажуваат кај нас за тестирање, појасни Димитриев.

Инаку, во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес до денеска се направени 275 тестови за Ковид – 19.

Од ЈЗУ Центар за јавно здравје апелираат до поедини медиуми да се воздржат од изнесување на информации за  лицата  кои се заболените со Ковид -19.

– Со посочување во медиумите на заболените лица, тие медиуми  буквално си поигруваат со човечките судбини и овие лица  јавно  ги обележуваат и линчуваат. Затоа апелирам до новинарите  да се воздржат да посочуваат кои се тие наши сограѓани, бидејќи на оваа болест никој не е имун, потенцира Димитриев.

Според податоците на СВР Велес, бројот на лица во самоизолација под контрола на полицијата денеска е намален од 25 на 12 лица. /МИА

притисни ентер