Во училиштата во Бутел без проблеми започна новата учебна година

Во Општина Бутел, со почитување на сите пропишани протоколи, започна новата учебна година во  сите седум основни училишта, за учениците од прво до трето одделение. 

Фокусот беше ставен на првачињата кои за првпат и со голема возбуда влегоа во процесот на образованието. Во оваа 2020/21 училишна година во Општина Бутел се запишани 535 првачиња во седумте основни општински училишта.

Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски ги посети седумте основни училишта и на сите првачиња им посака успех во новата учебна година.

Инаку, централната приредба се одржа во ОУ ,,Живко Брајковски,, каде што им беше приреден прекрасен пречек на првачињата: со многу детски песни, со шарени балони и со насмеани лица на нивните учителки.

Градоначалникот Смилевски истакна дека сите седум основни училишта се подготвени за старт на новата, необична учебна година во која сите сме погодени од корона вирусот. Тој додаде дека освен што училиштатата се подготвени за физичко присуство на учениците, завршени се и сите подготовки за он-лајн настава. Сите наставници добија лаптоп комјутери, како и тоа дека сите училишта имаат квалитетен пристап до интернет. Исто така, додаде градоначалникот Смилевски дека Општината уште во февруари им помогна на преку 70 социјално ранливи семејства кога им беа подари компјутери на учениците за да можат да ја следат наставата.

Денеска, на првиот училишен ден сите 535 првачиња од градоначалникот Велимир Смилевски добија на подарок по еден училишен прибор.

Изборите во САД предизвикаа вредноста на еврото во однос на доларот да биде многу ниска

Вредноста на европската заедничка валута во споредба со доларот денеска падна на најниско ниво во последните четири и пол месеци, пишува порталот „Трејдинг економикс“.

Според податоците од берзата, во 10 часот еврото се продавало за 1,06875 долари, што значи дека е најслабо од крајот на јуни во однос на американската валута.

Инвеститорите внимателно ги следат економските и монетарните движења, како и политичката ситуација во Германија, а особено се заинтересирани за можноста за предвремени парламентарни избори во таа земја.

Трговците со валути се свртуваат кон еврото бидејќи победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД ги зголемува шансите за агресивно намалување на каматните стапки во еврозоната, промени кои водат до паритет меѓу еврото и доларот, објави претходно Bloomberg.

Холандските банки ABN Amro и ING веруваат дека еден долар ќе се продава по цена од едно евро во наредните месеци, додека Deutsche Bank прогнозира дека еврото ќе падне на 1,05 долари до крајот на годината.

Ветувањето на Трамп дека ќе воведе високи царини може дополнително да ја ослабне европската економија, што ќе бара од Европската централна банка уште повеќе да ја олесни својата монетарна политика, додава њујоршката агенција.

Шпанскиот премиер: Политичките расправи за поплавите ќе ги одложиме за после обновата

Време за „политички дискусии“ ќе дојде по реконструкцијата, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез, два дена по масовните протести во Валенсија поради лошиот одговор на владата на смртоносните поплави.

„Владата го прави тоа што треба да го направи. И ние треба да се обновиме по оваа трагедија и да ја рестартираме економската и социјалната активност“, рече шефот на социјалистичката влада на прес-конференција.

„Подоцна, политичката дискусија ќе се фокусира на прашањата што треба да се подобрат со оглед на оваа климатска криза и, без сомнение, во поглед на преземањето на политичките одговорности кои секако ќе треба да се оправдаат“, продолжи тој.

Санчез најави и 3,76 милијарди евра дополнителни мерки за обнова на Валенсија по најсмртоносните поројни поплави во модерната историја на Шпанија.

Повеќе од 220 лица загинаа, а 32 се водат како исчезнати по обилните дождови кои предизвикаа поплави во предградијата јужно од регионалната престолнина Валенсија на 29 октомври, според извештајот објавен од властите.

Минатата недела веќе беше најавена помош од 10,6 милијарди евра.

„Сè уште има улици што треба да се исчистат, гаражи што треба да се исцедат, има многу инфраструктура што треба да се санира и, згора на тоа, има многу животи, многу домови и многу работни места што треба да се обноват“, им рече Санчез на новинарите.

Делови од шпанскиот регион Валенсија, кој пред речиси две недели беше погоден од обилни врнежи и поплави, од денеска се враќаат во нормалното секојдневие. Се отвораат 47 училишта, соопшти на Х.

Продолжија напорите за спасување и расчистување во 80-те најтешко погодени општини околу регионалниот главен град, со помош на речиси 20.000 полицајци, војници и волонтери.

Шпанската државна метеоролошка служба АЕМЕТ за денеска предвидува продолжување на врнежите во регионот на Валенсија, а од утре пообилни врнежи од дожд во Каталонија околу Барселона на североистокот на земјата и на Балеарските острови во Средоземното Море.

Стоилковиќ: Во Министерството за односи меѓу заедниците недостасувале 40.000 евра

Заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ вечерва изјави дека никогаш не бил направен попис во министерството со кое сега тој раководи. 

Како што рече, во касата на Министерството (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) од каде се земале пари за да се патува во странство, не бил направен попис и недостасувале 40.000 евра.

- Сите проблеми што се детектирани се документирани и предадени на Финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство. Понатаму не е моја работа, одговори тој на прашање во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Тој рече дека за 100 дена го „скоцкал Министерството“ и сега сите вработени „доаѓаат на работа, за разлика од претходно, каде што никој не доаѓаше на работа“.

Стоилковиќ рече дека задача на Обвинителството е да го гони криминалот, а негова, сѐ што нашол да приложи со докази.

Со поранешното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците раководеше Артан Груби од ДУИ, кој истовремено беше и прв вицепремиер во Владата.

притисни ентер