Во трката за пратеници 1.578 кандидати на 15 коалиции и партии

Граѓаните на Македонија на предвремените парламентарни избори можат да гласаат за кандидатските листи на 15 коалиции и партии со вкупно 1.578 кандидати, од кои 903 се мажи, а 675 жени.

Според статистичките податоци на ДИК, по возраст најмногу или 795 се меѓу 30 и 49 години.

Изборот се прави со заокружување на редниот број пред кадидатските листи на гласачкото ливче, чиј редослед беше утврден со жрепка.

Партиите на гласачкото ливче ќе ги носат следните редни броеви:

1 – Демократска партија на Албанците – ДПА

2 – Политичка партија Демократи

3 – СДСМ и коалицијата „Можеме"

4 – Левица

5 – Алијанса за Албанците и Алтернатива

6 – Глас за Македонија

7 – Граѓанско демократска унија – ГДУ

8 – Интегра

9 – Демократска унија за интеграција – ДУИ

10 – Социјалдемократска унија – СДУ

11 – Никогаш Северна, само Македонија – Единствена Македонија

12 – МОРО работничка партија

13 – Народна партија на Ромите

14 – ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија"

15 – Твоја партија

Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме" предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија", политичката партија Интегра, „Никогаш северна, секогаш Македонија", Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија.

СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во шестката, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. Твоја партија доставила кандидатски листи за изборните единици 1, 2 и 5, а Народна партија на Ромите само во втората изборна единица. ДПА има кандидатски листи во пет изборни единици.

Носител на листата на СДСМ и коалицијата во првата изборна единица е актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров, техничкиот премиер Оливер Спасовски е во втората, партискиот генерален секретар Љупчо Николовски во третата, во изборната единица четири носител ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, петката ќе ја предводи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, а носител во шестата изборна единица ќе биде лидерот на Беса Билал Касами. Карактеристично за овие листи е тоа што е запазено правилото половина од кандидатите да бидат жени. СДСМ за овие избори направи коалиција со Беса, која на кандидатските листи има 14 члена на партијата.

Носители на листите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден е професорката Гордана Силјановска, во двојката Владо Мисајловски, во тројката Игор Јанушев, во четвртата изборна единица Александар Николоски, во петтата изборна единица оперскиот пејач Игор Дурловски и во шестата Дафина Стојановска.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети е носител на кандидатската листа на партијата во шестата изборна единица, Талат Џафери во петтата изборна единица, во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во втората изборна единица министерот за образование Арбр Адеми и во првата изборна единица носител е партискиот потпретседател Изет Меџити.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села е носител на кандидатската листа на коалицијата со Алтернатива во шестата изборна единица, додека Африм Гаши од Алтернатива во втората изборна единица. Во првата изборна единица носител е Скендар Реџепи, во третата Беким Татеши, во чевртата Валбона Река, а во петтата Сурија Рашити.

Носител на листата со кандидати за пратеници на ДПА во шестата изборна единица е лидерот на партијата Мендух Тачи. Во првата изборна единица носител е Ниметула Демири, а во втората Орхан Ибрахими. Прв од кандидатите во третата изборна единица е Сами Рушити, додека во четвртата изборна единица ДПА нема да има кандидати. Во петтата изборна единица носител на кандидатската листа е Васви Доко.

Носители на листата на Политичка партија Демократи се во ИЕ 1 – Катерина Тодоровска, ИЕ 2 – Христина Гаши, ИЕ – 3 Жарко Кучишки, ИЕ 4 – Никола Бујуклиев, ИЕ 5 – Јорго Огненовски и ИЕ 6 – Изет Зејделовиќ.

На Левица носител во ИЕ 1 е Димитар Апасиев, во втората изборна единица е Реџеп Исмаил, во третата изборна единица Борислав Крмов, во четворката Бранко Ристов, во петката – Јована Мојсовска и во шестата изборна единица Сенада Ибраимова.

Носител на кандидатската листа на Глас за Македонија во првата изборна единица е Солза Грчева, во втората Адријана Богдановска Тоскиќ, во третата е Лидија Горачинова Илиева, во четвртата Гоце Златев и во петтата Наташа Котлар Трајкова.

Носители на листи на Граѓанско-демократска унија се: во првата изборна единица Ана Глигорова, во двојката Есед Јусуфовски, во третата Петар Колев, во четворката Добре Митрев и во петтата Даниел Јордановски.

На партијата Интегра – Македонска конзервативна партија носители се: во ИЕ 1 – Љупчо Ристовски, во ИЕ 2 – Александар Главинов, ИЕ 3 – Сузана Чесмаџиска, ИЕ 4 – Воислав Зафировски, ИЕ 5 – Николче Талевски и ИЕ 6 – Виолета Србиновска.

Носител на СДУ во првата изборна единица е Петар Богојески, во втората Снежана Костадиноска Милошеска, во третата Војо Беловски, во четвртата Жарко Бошкоски и во петтата Стево Насковски.

На Единствена Македонија носители се: во ИЕ 1 – Биљана Чинго, ИЕ 2 – Јове Кекеновски, ИЕ 3 – Вангел Симев, ИЕ – 4 Јанко Бачев, ИЕ – 5 Ацо Николовски и ИЕ 6 – Љупчо Столевски.

Носители на листи на МОРО – работничка партија во изборна единица 1 – Атанас Трајковски, во втората Горан Зафировски, во третата Светлана Здравковска, во четвртата – Киро Јовчевски, во петтата Жарко Гроздановски и во шестата Иван Јанкуловски.

Народна партија на Ромите има листа во втората изборна единица, а носител е Ѓеѓе Демировски.

Носител на кандидатската листа во првата изборна единица на Твоја партија е Мирјана Најческа, во втората Ѓорѓе Марјановиќ и во петтата Илија Тодоровски.

САД запленија иранска нафта наменета за Венецуела

Соединетите држави заплениле товар од четири танкери кои превезувале иранска нафта во Венецуела во име на чуварите на револуцијата, што Вашингтон ги смета за терористичка организација.

Запленети се повеќе од милион барели нафта, најголемата заплена на иранска нафта во САД, додаде американското Министерство за правда во соопштението, потврдувајќи ги информациите објавени во Волстрит џурнал.

Министерството соопшти дека поднело тужба и потерница на 2 јули во федералниот суд во Вашингтон за заплена на товар од нафтените танкери Бела, Беринг, Панда и Луна, кои биле на пат кон Венецуела.

„Владата денес известува дека успешно запленила околу 1,12 милиони барели нафта“, се вели во соопштението објавено вчера. „Со помош на странски партнери, запленетиот товар сега е во рацете на САД“.

Во изјавата не се наведува кога или каде биле запрени бродовите, но претседателот Доналд Трамп изјави дека танкерите се наоѓале во Хјустон, Тексас.

„Иран не треба да го прави тоа“, предупреди тој.

Без вода дел од корисниците на булевар „Партизански одреди"

Без вода утре ќе бидат корисниците на дел од булеварот „Партизански одреди", односно на потегот од улицата „Костурски Херои" до „Христо Смирненски".

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација"-Скопје прекинатото водоснабдување ќе биде поради дефект на затворач ф-80мм на булевар „Партизански одреди" 47, а корисниците вода ќе немаат од 8:40 часот до санирање на дефектот.

Заврши рокот за „купувај домашно": Граѓаните со картичките се прехрануваа

Денеска е последниот ден за граѓаните да ги искористат домашните платежни картички за „Купувај домашно". 

Од 16 август како што информираат од банките средствата не може да се користат и неискористеното се должни да го вратат во државниот буџет. Можноста со платежни картички ја имаа преку 324.000 корисници во четири категории: социјално загрозените, вработените со низок доход, младите лица и здравствените работници ангажирани за справување со пандемијата. Неколку десетина илјади корисници беа и од Прилеп. На сметката на корисниците имало 28 милиона евра.

Дали сите ги искористија средствата и за што? Картичките беа дистрибуирани преку 9 банки. Од банките велат дека повеќе од 90 проценти платежни картички се подигнати. Останаа неколку проценти за кои не се знае од кои причини граѓаните не ги зеле.

Според Стевчо Димески, регионален директор на А.Д. Стопанска банка – Скопје, со седиште во Прилеп, банката учествуваше со околку една третина изготвени платежни картички.

– Останаа неподигнати неколку проценти, не се знае од кои причини. Инаку, според законот, во периодот по 15 август неискористените средства банките се должни да ги вратат во државниот буџет, вели Димески.

Но, за платежните картички имаше и преку 30.000 жалби од оние кои сметаа дека неправедно не добиле домашна платежна картичка. Само околу 10 насто од приговорите беа прифатени.

Во анкетата со граѓаните сите без исклучок одговорија дека знаат за последниот рок за користење на средствата е 15 август и ги искористиле државните пари. А за што најмногу ги потрошиле? – најголемиот дел велат дека парите биле наменети за прехранбени и основни продукти.

– Добив 9 000 денари и сите отидоа, за што друго, освен за храна. Малку залебивме. За тоа најмногу се троши, вели прилепчанец кој е стечаен работник.

– Ги потрошивме парите за храна, а и го искористивме и ваучерот за летување. Добар потег и немаше проблем, вели млад прилепчанец.

И од Државниот пазарен инспекторат потврдуваат дека граѓаните главно парите ги трошеле во маркетите за прехранбени и основни продукти. Според Стојко Пауновски, постојано се следела акцијата.

– За да нема неправилности уште во почетокот почнавме со опомени и едукација за стопанските субјекти за тоа што се домашни производи. Главно беше во ред. Инаку, грашаните, освен во трговијата можеа да трошат и во угостителството и занаетчиството. Можеше да се оди и на фризер и на козметичар, на пример, ни рече Пауновски.

Какви ефекти имаше од овој трет сет владини економски мерки. Според универзитетскиот професор од прилепскиот Економски факултет Димитар Николоски кој го анализира пазарот на трудот, домашните платежни картички се краткорочни економски мерки и имаат позитивни сигнали во јавната потрошувачка и во поттикнување на домашното производство.

– Од домашните платежни картички има повеќе бенефити во поглед на поттикнување на агрегатната побарувачка. Имено, се зголемува личната потрошувачка на населението што влијае врз подобрување на животниот стандард на населението. Со оглед на тоа што картичките се наменети за купување производи од домашни производители, исто така, се поттикнува и производниот циклус на компаниите, вели Николоски.

Николоски споменува дека сега, кога се најавува и економски и здравствено тешка есен, неопходни се економски мерки на среден и подолг рок. Тоа е голема обврска на новата влада. Инаку, како што вели Николоски,според податоците на Агенцијата за вработување се проценува дека од почетокот на кризата без работа останале повеќе од 20.000 работници. Сепак, за поточна оценка се чекаат податоците од Анкетата за работна сила за вториот квартал во 2020 година.

– Претходната влада реализираше неколку пакети мерки за брзо интервенирање со цел ублажување на последиците од кризата. Освен тоа, неопходно е правилно секвенционирање на политики со подолгорочни ефекти. Во овој контекст, пред идната влада се поставуваат големи предизвици за натамошни чекори за излез од економската криза. Прво, мора да има мапирање на најранливите категории население кои се долгорочно под опасност од невработеност и ниски приходи. За оваа категорија е неопходно креирање соодветна социјална програма за обезбедување загарантиран минимален приход комбинирана со соодветни активациски политики. Потоа, треба да има помош за креирање работни места во стратешките сектори што би требало да биде симултано поттикнато од фискалната и монетарната политика. Со оглед на неизвесноста за иден нов бран на епидемија, домаќинствата и компаниите се претпазливи. Затоа, потребни се мерки за враќање на довербата кај потрошувачите и кај бизнис секторот преку креирање бизнис-амбиент кој би ја инкорпорирал новата реалност. Владата треба да игра клучна улога преку поттикнување на побарувачката во градежниот сектор, реализацијата на инфраструктурни проекти и на други јавни работи. Посебен акцент треба да биде ставен врз активните политики на пазарот на трудот и асистирање во потрага по работа за да се обезбеди брза релокација и повторно вработување на работниците што ја загубиле работата. Со тоа би се овозможило брзо регрутирање на работници во секторите кои се во експанзија како резултат на пандемијата, на пример во здравството, прехранбена индустрија, објаснува универзитетскиот професор Димитар Николоски од приелпскиот економски факултет.

Ако според граѓаните малку „залебиле" со платежните картички за „Купувај домашно", а според експертите треба да се „засукаат ракавите" за подолгорочни економски мерки, тогаш голем е предизвикот пред новата влада да ги санира големите економски дубиози од пандемијата./MИА

притисни ентер