Во тек неформалните кампањи на претседателските кандидати

Во тек неформалните кампањи на претседателските кандидати, ДИК бара преодна одредба во ИЗ за да се гласа и со стари важечки документи.

Изборната кампања за претседателските избори официјално започнува на 4 април, но кандидатите, особено, оние кои се сметаат за фаворити од двете најголеми партии одржуваат состаноци со партиските бази и реализираат други активности. Државната изборна комисија, пак, предупредува дека многу граѓани нема да можат да го остварат правото на глас поради немање важечки документи.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека Комисијата предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.

- Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, истакна Даштевски.

Што се однесува до лицата кои навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.

-За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е, рече претседателот на ДИК.

Инаку, вчера во Собранието свечена изјава даде Абдуш Демири, новиот член на ДИК со кој се комплетира седумчлениот состав на Комисијата, откако повеќе месеци беше испразнето едно место по заминувањето на Кренар Лога, министерот за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.

Во тек е увидот на Избирачкиот список, тече рокот за поднесување и барања од дијаспората за гласање на претседателските избори на 24 април и на парламентарните на 8 мај.

Според информациите на МИА од ДИК, вкупно 2 140 лица направиле увид во своите податоци во Избирачкиот список (ИС) во подрачните одделенија и канцеларии ДИК, но за тоа колку лица ги провериле податоците по електронски пат во Комисијата за МИА велат дека немаат увид.

Досега три лица поднеле барање за промена на своите податоци во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, а едно поднело барање за запишување на своите податоци.

По електронски пат осум лица поднеле барање за промена на податоци, едно за бришење на податоци и едно за запишување на податоци.

Крајниот рок за поднесување на барања за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список е до 18 март, понеделник. Рокот важи и за парламентарните и претседателските избори.

До петок трае собирањето потписи од граѓаните за кандидатите за претседател на претстојните избори. На листата кандидати кои ги собраа потребните 10 000 потписи, изминатите денови се најдоа и кандидатот од СДСМ Стево Пендаровски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска.

Кандидатот и актуелен претседател Стево Пендаровски до вчера имаше собрано 21 852, а Гордана Силјановска - Давкова 28 029 гласови.

Претходно, потребниот број на гласови ги собраа и кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи, Арбен Таравари од опозицискиот блок „Вреди“, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Билјана Ванковска Цветковска кандидат на Левица и претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Димитриевски има освоено 11 601, Османи 11 085, Јакимовски 10 887 потписи, Таравари 10 709 потписи и Ванковска Цветковска 10 432.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи - кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 596, кандидатот Вело Марковски - 1466 потписи, Ѓорѓи Манасков – 429, Зорица Цветковска – 204, Господин Попоски има 119 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата оставиле вкупно 108 409 граѓани.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март до полноќ.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Пендаровски и Силјановска - Давкова, кои се сметаат за фаворити на изборите и се очекува да бидат противкандидати во вториот круг на изборите, синоќа се појавија на националните телевизии истакнувајќи свои ставови во врска со најважните прашања за државата.

Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта и нанела голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија и тоа е една од причините зошто се кандидирала повторно за претседател. Смета дека времето што го живееме е поинакво од 2019 година.

-Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ и нема да има никаков проблем. И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат, рече Силјановска-Давкова.

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски говорејќи за анкетите за претстојните претседателски избори синоќа истакна дека претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицковски зборува дека нивниот кандидат ќе води со над 100 илјади гласови во првиот круг од изборите, без притоа да каже како ќе биде соодносот во вториот круг.

-Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг. Значи анкетите кои јас ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, е дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат, рече Пендаровски.

Образложи дека условот еден кандидат да победи во првиот круг е за него да гласаат 50 проценти плус еден граѓанин, од сите луѓе запишани во избирачкиот список, значи околу 900 илјади граѓани, што, како што истакна претседателот тој, е апсолутно невозможно.

Американка има хоби: 90% од телото ми е прекриено со тетоважи, но не сум лоша мајка (ФОТО)

Кајла е жена која, како и сите други, има хоби и нешто што ја интересира, меѓутоа, нејзиното хоби е невообичаено на многу начини, бидејќи е опседната со тетоважи.

Иако има околу педесет години, Кајла, која живее во Илиноис, признава дека понекогаш се тетовира двапати неделно, пренесува Мирор.

-Никогаш во животот не замислував дека ќе бидам вака истетовирана - вели Кајла, која признала дека заедно со партнерот Вампиро биле исфрлени од ресторан бидејќи имале премногу тетоважи на телата.

Имено, тие седнале во ресторанот, нарачале оброк, а потоа пристигнал келнерот, кој им рекол дека не се добредојдени на тоа место и дека мора да си заминат. И како што вели Кајла, тие во тој момент биле љубезни како и сите други гости, освен што Кајла и нејзиниот партнер физички изгледале поинаку. Сега стравува дека тоа ќе стане „обичај“, дека нема да смее да користи одредена услуга или слично, само поради нејзиниот изглед и љубовта кон тетоважите.

Сепак, Кајла признава дека најлошите реакции доаѓаат од интернетот.

- Најчестиот коментар што го гледам е 'беше толку убава додека не се уништи себеси со тетоважи'. Ништо од тоа не ми пречи, не е за внимание, едноставно ми се допаѓа како изгледам“, рекла оваа жена.

Коментарите што таа ги чита на социјалните мрежи понекогаш се навистина вознемирувачки: „Каков добар пример за вашите деца! Само не ги разбирам овие луѓе!“, „Каков пример давате?“, „Жал ми е за вашите деца „... се само дел од коментарите.

Но, имало и такви кои ја поддржале и ја бранеле од разни негативни коментари, велејќи дека „тетовираните луѓе и луѓето со пирсинг се најневеројатните луѓе што сум ги сретнал. Ако моите деца некогаш се изгубат, им велам да најдат некој кој има тетоважи или пирсинг или да најде моторџија Овие луѓе ќе ти помогнат да си го најдеш патот до дома“.

Некои други коментари биле дека тоа што некој има тетоважи, дури и многу од нив, не значи дека тоа е знак дека таа личност е лош родител.

„Таа е апсолутно убава со нив“, беше уште еден коментар кој, барем за кратко, стави крај на оваа преписка и дискусија на социјалните мрежи.

Осуденик на доживотен затвор, сопственик на озлогласен сајт- Рос Улбрихт е помилуван од Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека потпишал целосно и безусловно помилување за Рос Улбрихт, основачот на сајтот Silk Road на дарк вебот, која се користел за масовна трговија со дрога.

Улбрихт е прогласен за виновен во Њујорк во 2015 година за заговор со дрога и перење пари и беше осуден на доживотен затвор. Трамп на својата платформа Truth Social објави дека ѝ се јавил на мајката на Улбрихт за да ја извести дека го помилувал нејзиниот син, објави Би-Би-Си.

Веб-страницата „Silk Road “, беше затворена во 2013 година, откако полицијата го уапси Улбрихт, кој продаваше нелегални дроги користејќи биткоин, како и хакирање опрема и украдени пасоши.

„Олошите што работеа да го осудат беа дел од истите лудаци вклучени во модерното вооружување на моќта против мене денес. Тој доби две доживотни казни, плус 40 години. Глупости!“

Улбрихт беше прогласен за виновен за обвиненија, вклучувајќи заговор за трговија со дрога, перење пари и компјутерско хакирање. За време на судењето, обвинителите тврдеа дека веб-страницата на Улбрихт, сместена на скриената „темна мрежа“, анонимно продавала дрога во вредност од над 200 милиони долари.

Тој го водел Silk Road под псевдонимот „Dread Pirate Roberts“, повикувајќи се на лик од филмот „The Princess Bride“ од 1987 година. Обвинителите, исто така, тврдеа дека Улбрихт наредил шест нарачани убиства, вклучително и едно против поранешен вработен во Патот на свилата, иако немале докази дека убиствата навистина биле извршени.

Патот на свилата го добил името по историските трговски патишта што ги поврзувале Европа, Азија и делови од Африка. Веб-страницата се здоби со слава преку медиумски извештаи и онлајн дискусии. Корисниците можеа да пристапат на страницата само преку Tor, систем кој дозволува анонимно користење на интернет без откривање на идентитетот или локацијата.

Судските документи на ФБИ наведуваат дека страницата имала нешто помалку од милион регистрирани корисници, но иследниците не можеле да утврдат колку од нив биле активни. За време на изрекувањето на пресудата, судијката Кетрин Форест рече дека Улбрихт „не е подобар од кој било друг дилер на дрога“.

Таа рече дека страницата е негова „внимателно планирана животна работа“.

Судијката нагласи дека острата казна е и порака до другите кои би сакале да го имитираат дека ќе се соочат со „многу сериозни последици“.

„Сакав да ги поттикнам луѓето да прават свој избор во животот и да имаат приватност и анонимност“, рече Улбрихт при изрекувањето на пресудата во мај 2015 година.

Трамп претходно навести дека планира да му ја ублажи казната на Улбрихт за време на говорот минатата година на Националната конвенција на слободата. Слободарската партија се залагаше за ослободување на Улбрихт, сметајќи го неговиот случај како пример за прекумерно мешање на владата.

Републиканскиот конгресмен Томас Маси, сојузник на Трамп, ја пофали одлуката на претседателот.

„Ви благодарам што го одржавте зборот кон мене и кон другите кои се залагаа за слободата на Рос“, рече конгресменот од Кентаки.

Полицијата во САД има голем проблем: Стаорци ја изеле запленетата дрога, станале зависни(ВИДЕО)

Полицијата во Хјустон и градските власти предупредија на „инвазија на глодари“ што предизвикува големи проблеми во складирањето на докази и запленети предмети.

На јавноста ѝ било кажано дека стаорците биле „привлечени од запленетите наркотици“, со кои се хранеле, додека ги уништувале другите докази, пренесува UPI.com.

„Имаме стотици илјади фунти марихуана во магацините во кои уживаат стаорците“, изјави градоначалникот Џон Витмајр, најавувајќи ја новата акција.

Имено, властите планираат да ги реорганизираат просториите во кои се чуваат 1,2 милиони докази, како и да ги уништат запленетите нелегални супстанции пред 2015 година.

„Ние чуваме толку многу докази кои повеќе не се потребни и немаат влијание врз случаите“, додаде Витмајер.

Шефот на Центарот за форензичка наука, Питер Стаут, за новинарите изјави дека запленетите големи количества дрога ставаат во опасност други докази.

„Полицијата ангажираше служба за контрола и истребување на штетници, но глодарите се упорни. Тешко е да се справиш со нив“, рече Стаут.

Официјалните лица откриле дека стаорците еднаш изглодале низ кеса во која имало количество халуциногени печурки.

Овој проблем, сепак, не е ограничен само на Хјустон. Претставници на полицискиот оддел на Њу Орлеанс во март 2024 година рекоа дека доказите биле под „наезда од штетници“, вклучувајќи стаорци и лебарки.

„Стаорците јадат марихуана, сите се зависници“, изјавила портпаролката на полицијата Ен Киркпатрик.

притисни ентер