Во светот има 900 000 заразени и 45 000 починати од коронавирус

Бројот на заразени со коронавируси во светот се зголемува од минута во минута, достигнувајќи 911.308, додека бројот на загинати се искачи на 45.497, покажуваат податоците на американскиот универзитет Џон Хопкинс.

Заразата низ целиот свет не се намалува, при што епицентарот од Источна Азија се пресели во Европа и Северна Америка во последните неколку недели. Универзитетот Џон Хопкинс исто така на својата страница објави дека бројот на официјално потврдени закрепнати лица од „Ковид-19“ достигна 191.673.

Додека најголем број во моментов заразени во Соединетите Држави е над 200.000, најголем број смртни случаи има во Италија. Досега во таа земја се пријавени 110.574 случаи, со загинати 13.155 лица. Италијанските здравствени власти веруваат дека инфекцијата во Италија е на својот врв, но Италијанците низ целата земја се повеќе се борат да го издржат карантинот, кој треба да трае до Велигденскиот понеделник, 13 април. Првиот случај на „Ковид-19“ во Италија беше пријавен на 31 јануари, пред 59 дена.

Шпанија е втората европска земја зад Италија по стапка на смртни случаи и заболени. Досега се заразени 102.136 лица, а 9053 пациенти починале. Првиот заразен е откриен на 1 февруари, еден ден по Италија. На главниот плоштад Порта дел Сол, во Мадрид, знамињата се спуштени на половина копја, а секој ден напладне има минута молчење во знак на сеќавање на сите мртви, иако местото е напуштено со денови.

Третата најпогодена европска земја е Германија со 76.544 заразени, а потоа следува Франција со 52.870, по неа Велика Британија со 29.842. Од овие земји, Франција има најголема стапка на смртност со 3532 смртни случаи, додека во Германија овој број сè уште е под контрола со 858 починати, при што многу помалата Белгија забележа 828 смртни случаи.

Германија ги проширува ограничените мерки за движење за да се спречи ширење на коронавирусот до крајот на велигденските празници, односно до 19 април, според денешната видео-конференција на канцеларката Ангела Меркел со премиерите на сојузните покраини. Граѓаните биле предупредени да се воздржат од патувања во Германија и во странство. Ова вклучува и посети на роднини.

Со петстотини смртни случаи во еден ден, најголем број од избувнувањето на епидемијата и по смртта на 13-годишник, пандемичниот коронавирус драстично се забрзува во Велика Британија, бидејќи се слушаат критики за недостаток на тестови за персоналот во итните служби. Коронавирусот го зарази премиерот Борис Џонсон, кој моментно е во карантин, министерот за здравство Мет Хенкок и принцот Чарлс.

Иако вкупниот број заразени случаи во Соединетите Држави надмина 200.000, Томас Инглсби, директор на Центарот за здравствена безбедност Џонс Хопкинс, во неделата предупреди дека инфекцијата со коронавирус во Соединетите држави штотуку започнува.

Њујорк, финансискиот главен град на државата, е најпрометниот град на Америка. Таму започна поставувањето на теренски болници за зголемување на капацитетот пред врвот на епидемијата. Првиот случај е регистриран на 1 март, а наскоро стана епицентар во САД.

Индустриското производство во февруари зголемено за 0,3 отсто

Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани е поголемо за 0,3 отсто. 

Во периодот јануари – февруари 2024 година, пак, споредено со првите два месеца од 2023, растот изнесува 1,5 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст од 5.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 0.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14.5 %. Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки, Производство на останата опрема за транспорт, Производство на мебел, Останата производствена индустрија и Поправка и инсталирање на машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.9 %, Капитални производи за 4.8 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 3.4 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 15.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %

Фетел одговори на прашањето дали се враќа во Формула 1

Себастијан Фетел го прекина молкот за гласините за неговото враќање од пензија за да го замени Луис Хамилтон во Мерцедес.

Четирикратниот светски шампион се прости од трките на крајот на 2022 година во автомобил на Астон Мартин за да помине повеќе време со семејството, но германскиот возач тогаш за можното враќање рече: „никогаш не треба да се каже никогаш“.

Откако Хамилтон во февруари објави дека ќе го напушти Мерцедес и ќе се пресели во Ферари од 2022 година, се шпекулираше дека Фетел ќе го замени, но…

-Сè уште сум заинтересиран и ги следам трките. Во моментов се случува многу - на и надвор од патеката. Но, за мене Формула 1 не е во фокусот во моментов. Кога заминував, реков дека никогаш не вели никогаш за враќањето, но намерата не ми беше да застанам и потоа да почнам повторно, изјави Фетел и со тоа ги демантираше гласините дека се враќа. /МИА

Тројца загинати во сообраќајна несреќа во Кичево

Три лица загинаа во сообраќајна несреќа што денеска се случи на излезот од Кичево, во насока кон Скопје.

Според соопштението од СВР – Охрид, несреќата се случила утрово во 4:50 часот на улицата „Магистрален пат“ во Кичево, кога се судриле патничко возило „Пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „Фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол.

Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, се здобиле 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П.(21) од селото Подвис, кичевско, П.К.(21) од Кичево и еден малолетник од Кичево, сите сопатници во возилото „Пежо“.

На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.

притисни ентер