Наместо 99те згради на поранешниот градоначалник Темелковски кои ги дигнаа на бунт граѓаните на Кисела Вода, во Расадник, со новиот ДУП приоритет ќе биде хуманото живеење, вели градоначалникот на Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски. Тој додаде, според идејните решенија од меѓународниот конкурс кој го распиша општината за оваа градска четврт, станбените капацитети, во однос на предлогот од 2020 година ќе бидат намалени за 80 проценти, односно од еден милион м2 станбена површина, на речиси 200.000 м2, а зеленилото ќе се зголеми за 10 пати, ...
-Ако 80% е намалена површината, тогаш може да земете во предвид дека 80% би имало помалку згради, од тоа што се предвидувало. Еве јас да бидам попрецизен, јас не кажувам бројка, но кажувам дека една нова идеја и еден нов концепт победи. Сите денес изложени решенија, на кои што можете да видите и самите имаат над 100.000 м2 зелена површина, односно, Кисела Вода и Скопје добиваат нов градски парк.- Орце Ѓеорѓиевски – Градоначалник на Кисела Вода
Претседателот на жири-комисијата и декан на архитектонскиот факултет во Скопје – Огнен Марина посочи дека во изготвувањето на ДУП-от ќе се земат во предвид најдобрите работи од сите пет решенија. Колку згради би имало во Расадник засега не се знае, но деканот посочи дека местото нема да се прави една голема спална соба во која не е предвидена социјална инфраструктура во која граѓаните ќе останеле без дополнителни квалитети на живеење.
-Не се работеше, ниту пак се оценуваше, ниту пак некој ги броеше зградите поединечно, не се работи за бројот на згради, туку се работи за мерката, што треба да биде достигната таму, односно, човекомерноста на решението. Сега имаме решенија кои што ги предвидуваат сите овие идни ситуации, па во едното решение имаме дури две градинки предвидени, имаме основни училишта, имаме комерцијални програми имаме општествени програми и сето она што го чини урбаното живеење поквалитетно.- Огнен Марина – Декан на архитектонски факултет во Скопје
На конкурсот има две прво наградени решенија, едното е на архитекти од Грција, а другото од Хрватска. Трети завршија Литванците, а општината се решила да го откупи и решението на нашиот меѓународен балкански универзитет, но секако, инспирацијата најмногу ќе се црпи од првонаградените идеи. ДУП-от ќе почне да се изготвува на почетокот на 2024 година, кога на тендер ќе се избира и планерската куќа.