Во Португалија целосно се вакцинирани 80 проценти од жителите

Португалија целосно вакцинираше 80 проценти од населението против коронавирус, покажуваат официјалните податоци, со што земјата е една од најдобро вакцинираните нации во светот.

Според Ројтерс, Португалија и Обединетите Арапски Емирати имаат иста стапка на целосна покриеност за вакцинација, највисока во светот.

Португалија, која имаше најлоша епидемиолошка состојба во светот на почетокот на годината, вакцинира речиси 8,2 милиони луѓе од вкупно над 10 милиони жители, објави португалската здравствена агенција СБС.

Речиси сите возрасни на возраст над 65 години и половина од младите на возраст од 12 до 17 години се целосно вакцинирани.

Благодарение на тоа, Португалија успеа да ги укине повеќето ограничувања.

Од понеделник, маските на отворено веќе не се задолжителни.

Единствена Русија потврди дека обезбедила двотретинско мнзоинство на изборите

Владеачката парија на актуелниот руски претседател, Владимир Путин ќе го задржи мнозинството во парламентот и по изборите кои се одржаа изминатите три дена. 

За разлика од порано поддршката за ЕДИНСТВЕНА Русија е намалена, но и покрај тоа според првичните резултати објавени од Централната изборна комисија партијата освоила 49% од вкупниот број гласови или двојно повеќе од второрангираната комунистичка партија. Влез во руската Дума обезбедија и Либерално-демократската партија на Русија која освои 7,55 проценти, Само Русија со 7,37% како и Новата народна партија која го надмина потребниот праг освојувајќи 5,37%.

И покрај огромната победа, ЕДИНСТВЕНА Русија бележи драстично опаѓање на поддршката бидејќи во 2016та оваа партија освои 54% од вкупните гласови. Како причини за падот на рејтингот на владата на Путин,според тамошните анализи се наведуваат обвинувањата за корупција како и затворањето на критичарот на Путин, Алексеј Навални, а организациите кои се поврзани со него беа прогласен за екстремистички со што не им беше дозволено да се кандидираат на изборите.

-Денес завршуваат изборите. Овие избори се многу важни и ќе ја детерминираат иднината на нашиот град и земја. Изборите јасно покажаа дека граѓаните сакаат сувернитет, подобра стратегија за развој и решавање на социјалните проблеми на сите граѓани.-Сергеј Собјанин- градоначалник на Москва.

Резултатите од изборите уште еднаш ја потврдија моќта на партијата на актуелниот руски претседател Владимир Путин која со земјата владее од 1999та, а се уште е непознато дали Путин ќе се кандидира на претседателските избори закажани за 2024та.

На овие избори за прв пат од 1993 гласањето не беше следено од набљудувачите на ОБСЕ, а иако опозицијата обвинуваше за изборни нерегуларности, руското министерство за внатрешни работи соопшти дека гласањето поминало во најдобар ред и дека не се забележани значајни нарушувања во изборниот процес.

Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги закочи измените за недела неработен ден

ВМРО-ДПМНЕ преку своите коалициски партнери се обидува да ги закочи измените за недела неработен ден.

По налог на Христијан Мицкоски, неговите коалициони партнери Алијанса и Алтернатива, овде во Собранието се обидуваат да закочат уште едни важни законски измени.

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика од редовите на Алијанса-Алтернатива, Хусни Исмаили, упорно не закажува седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за работни односи, со кои недела станува ден за одмор за сите работници.

Овие измени на сила треба да стапат на први октомври, а денеска на десет дена пред тоj датум, опозицијата во Собранието се обидува да ги спречи тие измени.

Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога во Собранието треба да се носат закони кои се во корист на граѓаните, оваа партија на секој начин се обидува да ги блокира и закочи.

Овој пат тоа очигледно го прави преку своите коалициски партнери.

Ваквиот лицемерен и неодговорен однос на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните е одамна прочитан и препознаен.

ВМРО-ДПМНЕ не може да понуди ништо освен лажни вести, деструкции и блокади, ВМРО-ДПМНЕ не знае ништо друго освен да работи на штета на граѓаните.

Затоа на изборите ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и нивните коалициски партнери ги очекува нов силен пораз од граѓаните.

Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ

18 годишен тинејџер уби 8 лица во студенскиот кампус во Русија

Навидум мирниот студентски ден во Руски-Перм се претвори во ужас и борба за живот. 

18 годишен тинејџер уби 8 лица и повреди уште неколку во вооружениот напад во студенскиот кампус. Некои спасот го барале заклучувајќи се во амфитеатрите и кабинетите, додека пак други соочени со смртта скокаа од прозорците на објектите за да избегаат од заканата по нивниот живот.

Руските медиуми пренесуваат дека станува збор за Тимур Бекмансуров, 18 годишен студент, кој што непосредно пред нападот оставил порака за мотивот на она што следувало.

-Не сум припадник на екстремистичка организација, не сум религиозен и сум аполитичен. Никој не знаеше што ќе направам и дејствував самостојно. Од кога знам за себе секогаш размислував за смртта. Не знам колку луѓе можам да убијам, но ќе направам се’ за со себе да земам колку можам повеќе животи.- Тимур Бекмансуров.

Според информациите од руското мвр, напаѓачот давал отпор, се забарикадирал во една од училниците и пукал кон полицијата, која во престрелката го ранила, а потоа и го уапсила.

Засега истражните органи кажаа само дека станува збор за студент, кои што потврдија дека напаѓачот давал навистина голем отпор на полицијата, одбивајќи да биде уапсен.

Во Мај во Русија се случи сличен настан, во Катарстан, каде што во училиште беа убиени 9 лица, а преку 30 беа повредени. И тогаш оние кои што беа нападнати спасот го бараа скокајќи од прозорците, некои од нив на тој начин и ги загубија животите.

Во Русија на сила се строги закони за цивилно поседување на оружје, но некои категории, како тие за лов, самоодбрана или спорт, може да се купат по тестирање и исполнети услови. Бекмансуров во својата објава опишал детално како го купил оружјето за кое што вели дека долго штедел.

притисни ентер