Во Панама седум лица осудени на 50 години затвор поради егзорцизам

Судот во Панама ги осуди на 50 години затвор членовите на една секта, кои во јануари 2020 година „истерувале демони" и убиле шест деца и една бремена жена.

Судот изрече максимална казна од 50 години затвор за секого од седумтемина обвинети од сектата Ново божја светлина.

– Судот во Чангуинола, североисточна Панама ги прогласи за виновни членовите на сектата дека ги врзувале своите жртви, вклучително и шест деца и млади луѓе на возраст од една до 17 години, пред да ги претепаат до смрт со стапови, со библијата и други предмети под изговор дека истеруваат демони.

Бремената жена била насилно однесена во црквата на сектата,каде била убиена пред очите на нејзините пет деца, кои потоа биле претепани до смрт заедно со уште едно малолетно лице.

Неколку очевидци, кои исто така биле повредени во ритуалот, потоа успеале да побегнат и да пријават во полиција.

Северна Кореја истрела неидентификуван проектил во Јапонското Море

Северна Кореја истрела неидентификуван проектил во Јапонското Море, соопшти Заедничкиот комитет на началници на Генералштабот на Јужна Кореја.

Пентагон соопшти дека САД сакаат да разговараат за спорните прашања со Северна Кореја.

Ова е четврто истрелување ракета од страна на Пјонгјанг оваа година. Претходните се извршени на 5, 11 и 14 јануари. Во првите два случаја, Северна Кореја соопшти дека успешно тестирала хиперсонични ракети. На 14 јануари, две балистички ракети со краток дострел беа истрелани од железнички ракетен комплекс.

Средба на претседателот Пендаровски со Ана Лирман, германска државна министерка за Европа

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ана Лирман, државна министерка за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Честитајќи ѝ за преземањето на функцијата, претседателот Пендаровски оцени дека посетата на министерката Лирман набрзо по нејзиното именување, ја демонстрира јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски се заблагодари што проширувањето на Европската Унија и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц.

Претседателот Пендаровски истакна дека Република Македонија останува посветена на европската агенда и го реафимираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Во таа насока, претседателот Пендаровски посочи на подготвеноста на нашата држава за продолжување на дијалогот со Република Бугарија, во духот на добрососедските односи, со цел надминување на блокадата во однос на европските интеграции.

Во контекст на билатералните односи, претседателот Пендаровски оцени дека Германија е клучен политички и економски партнер на земјава и еден од најзначајните трговски партнери во годините наназад. Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете држави, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО, како и очекување за натамошно зголемување на трговската размена.

Водата во Скопје безбедна и квалитетна за пиење

Водата во Скопје изминатата недела била безбедна и квалитетна за пиење, покажуваат примероците за физичко-хемиска и микробиолошка анализа земени од 47 мерни места во Град Скопје, информираат од ЈП „Водовод и канализација – Скопје".

Ова го покажува неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, во кој земените 196 примероци за физичко-хемиска и 196 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење, од 47 мерни места во град Скопје, во периодот од 10 до14 јануари 2022 покажува дека сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

притисни ентер