Ова видео од Бруклин, каде две полицислки возила удираат во барикада од луѓе дополнително ги разгоре судирите меѓу демонстрантите и полицијата во повеќе американски градови и покрај воведениот полициски час, откако во понеделникот во Минеаполис почина афроамериканецот Џорџ Флојд, кој со колено беше задушен од полициски службеник.
Демонстрантите сакаат силите за спроведување на законот овојпат да бидат одговорни за насилната неоправдана смрт откриена со видео кое беше споделено во светот – пренесуваат тамошните медиуми.
Синоќа, демонстрации и судири со полицијата имаше во Филаделфија, Питсбург, Мајами, Атланта, Денвер и Милвоки, потоа во Чарлстон, Јужна Каролина, но и во Флорида, Тексас, Тенеси, Охајо и Јута.
Тензични протести се одржаа и пред Белата куќа..
Секако дека ние сме сите загрижени затоа што коронавирусот е тука, но уште поважно е да се бориме за нашето угнетување. Нашето здравје е важно, но ова е уште е поважно, затоа што ние сме едно и мора да се бориме заедно.
Јас се надевам дека Владата го гледа коруптивниот начин на третирање на случаите со црните луѓе , кои се обидуваат да одат во продавница , луѓето кои се приведуваат , но умираат неколку денови подоцна. Да го согледаат проблемот и да го решат и да сфатат дека ние сме луѓе кои треба да бидат заштитени, исто како и некоја бела девојка или некој бел маж.
Американскиот претседател Доналд Трамп во една од објавите на Твитер им порача на демонстрантите пред Белата куќа дека би можеле да бидат „дочекани со најопасните кучиња и најопасното оружје“ ако ја преминат оградата... Тој во неколку наврати ја осуди „трагичната“ смрт на Џорџ Флојд и оцени дека насилните демонстранти го срамотат споменот за тој човек.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц ги осуди елементите што ги нарече анархисти кои сеат немири.
Тоа што се случува во Минеаполис повеќе не е за убиството на Џорџ Флојд, туку е за да се нападне цивилното општество и да се влее страв и да се нарушат нашите големи градови - изјави Волц.
За да ја врати контролата, тој најави мобилизација на 13.000 припадници на Националната гарда и побара помош од Министерството за одбрана, што е првпат по Втората светска војна Националната гарда да биде ставена во подготовена состојба.