Во Македонија уапсен екс припадникот на ОВК–косовското МНР бара негово ослободување

На влез во државава, на граничкиот премин со Косово „Јажинце“ синоќа во 16 часот македонската полиција го уапсила Блерим Рамадани, поранешен припадник на УЧК, кој се бара со потерница од Интерпол Србија. 

Како што информираа од МВР тој бил уапсен при пасошката контрола откако системот јавил дека лицето се евидентира со мерката „АПСИ“, по што бил предаден на полициски службеници од СВР Тетово..

Од Jавното обвинителство информираа дека предметот е префрлен во Обвинителството за организиран криминал во Скопје. Од таму велат дека ја добиле целосната документација и согласно надлежностите ќе побараат од судијата на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд на Рамадани да му определи екстрадициски притвор.. Од Министерството за правда пак велат дека до овој момент од ниту една институција не добиле инфромација за апсњето на Рамадани.

Во меѓувреме, Србија бара Рамадани да им биде испорачан, додека од Косово порачуваат да не се екстрадира во Србија каде што е баран за извршени воени злосторства за време на војната 1999 година.

-Многу често се случува земјите да уапсат некого, а потоа да не го екстрадираат. Ако некој навистина сака да се бори против воените злосторства, ако има документирани обвиненија, тогаш секако очекуваме да биде екстрадиран за да одговара за злосторствата,- Ивица Дачиќ - Вицепремиер на Србија и МВР.

„Нашето Министерство за правда е во комуникација со Владата на Македонија за да дознаеме повеќе за косовскиот државјанин кој се наоѓа таму во притвор и дека нема да дојде до потчинување на агресивноста на Србија кон Косово што се рефлектира преку потерниците за апсење за нашите граѓани“,-Албин Курти – Претседател на Владата на Косово .

Претходно, амбасадорот на Косово, Флоријан Ќехаја како што пренесе косовска „Газета Експрес“ уверил дека Македонија нема да го екстрадира Рамадани во Србија,. Додека за апсењето на Рамадани со реакција на Фејсбук се јавија и од Организацијата на воени ветерани на ОВК наУрошевац.

Додека косовските власти се гласни околу евентуалната екстрадиција на Рамадани, Македонија се уште чека во земјава да бидат екстрадирани доживотно осудените бегалци за петкратното убиство кај Смилковското езеро,Африм Исмаиловиќ и Алил Демири за кои Министерството за правда неколку пати бараше нивно испорачување.

ПОЦ: За една недела санкционирани 155 непрописно паркирани возила на територијата на О. Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 3 до 9  февруари, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 155 непрописно паркирани возила .

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 3 до 9 февруари, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 155 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар соопштуваат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територијата на општината.

Официјално пуштена во употреба компресорската станица за хируршките клиники

 Компресорската станица за хируршките клиники во комплексот клиники Мајка Тереза, денеска официјално беше пуштена во употреба.

Министерот за здравство, Арбен Таравари изрази задоволство што освен континуирани инвестирања во реновирања и опремувања во здравството, се решавале и долгогодишни наследени проблеми како овој со станицата. Тој истакна дека за среќа, функционира и старата компресорска опрема, со што, како што нагласи, би се избегнале проблеми како минатогодишните. Во изјава за медиумите, тој ги наброја салите што ја користат оваа станица, нагласувајќи дека сите што ќе сакаат, ќе можат да се приклучат.

- Станицата веќе се користи, тестирана е и по сите стандарди, подвлече Таравари.

Во месец мај, минатата година, операционите сали на Клинички центар беа затворени поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”. Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството.

Истражување: Дури и кратка изложеност на загаденост влијае лошо на вниманието, расудувањето....

Дури и кратка изложеност на загаденост влијае лошо на вниманието, расудувањето и однесувањето.

Загадувањето на воздухот, т.e. дури и кратко изложување на загаденост, го намалува вниманието и лошо влијае на способноста за расудување.

Имено, како што пишува „Гардијан“ (The Guardian), способноста на човекот да се сосредоточи на секојдневните задачи е повлијаено и од најкуса изложеност на загаден воздух, покажа истражувањето спроведено во Велика Британија. Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ (Nature Communications), покажа дека изложеноста на високо ниво на ПМ-честички влијае на селективното внимание и препознавањето на емоциите кај испитаниците - без разлика дали дишат нормално со нос или преку устата. Ова може да влијае на способноста на поединецот да се концентрира на задачите, да избегнува одвлекување на вниманието, па и да се однесува општествено прифатливо.

- Учесниците (во испитувањата, з.п.) изложени на загаден воздух не покажаа добри резултати кога им беше привлечено вниманието. Тоа значи дека можеби ќе бидете расеан во секојдневниот живот. Купувањето во супермаркет е добар пример... Може да значи дека ќе бидете повеќе склони кон импулсни купувања додека шетате низ продавницата, бидејќи не можете да се фокусирате на Вашите цели, објасни д-р Томас Фајерти од Универзитетот во Бирмингем, еден од испитувачите.

Научниците ги анализирале податоците од когнитивни тестови кои 26 учесници ги завршиле пред и откако биле изложени на високи нивоа на ПМ-честички, користејќи чад од свеќа и чист воздух, со изложеност во траење од еден час.

Загаденоста на воздухот е еден од најголемите фактори на ризик за јавното здравје во светот. Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот на отворено предизвикува околу 4,2 милиони предвремени смртни случаи во светот годишно.

Испитувањето, исто така, покажа дека учесниците имале полоши резултати и во препознавањето на емоциите по изложеноста на ПМ-честици.

- Тие полошо препознаваат лице, во смисла - дали е исплашено или среќно, а тоа може да има последици за тоа како се однесуваме со другите луѓе, рече Фајерти.

На тој начин, некои истражувања го поврзуваат загадувањето на воздухот со насилниот криминал, особено во градовите во САД. Од друга страна, пак, работната меморија на испитаниците не била засегната, што посочува дека некои функции на мозокот се поотпорни на краткорочна изложеност на загадување.

Истражувачите велат дека наоди би можеле да се искористат во значителни социјално-економски области, како и околу образованието и продуктивноста на работа.

- Истражувањето беше спроведено кај клинички здраво возрасно население, што значи дека испитаниците беа во добра здравствена состојба и немаа клинички респираторни или невролошки проблеми... Инаку, одредени други групи може да бидат поподложни на овие влијанија, додаде Фајерти.

Студијата е дел од обликувањето на идните политики и мерки за јавно здравје.

- Поголемиот проект ги проучува различните извори на загадување коишто се сѐ почести... Како што се испуштањата од апаратите за готвење, согорувањето дрва, издувните гасови од автомобилите и производите за чистење, за да видиме дали можеме да ја насочиме политиката во одредена насока. Ако знаеме дека производите за чистење ги предизвикуваат повеќето од проблемите што ги опишувам, тогаш можеме да влијаеме на политиките, појасни Фаерти.

Целта, се вели, е да се поправи работите што се погрешни во основа, наместо само да се мери што има во воздухот откако тој е загаден.

притисни ентер