Во Корча се одржа промоција на македонски народни носии од регионот Преспа

Во пресрет на 8 Септември Денот на независноста, денеска во Библиотеката „Тими Митко“ во Корча, се одржа промоција на македонски национални носии од Преспа.

Во пресрет на 8 Септември Денот на независноста, денеска во Библиотеката „Тими Митко“ во Корча, се одржа промоција на македонски национални носии од Преспа, што е завршен настан од проектот „Создавање традиционални носии на македонското национално малцинство од областа на Преспа“.

На настанот присуствуваа Ерјон Неџипи, претседател на Советот на Округот на Корча, Атанас Плоча, заменик градоначалник на Пустец, претставник од Митрополијата на Корча, Марјана Костофски, претставник на македонското малцинство при Комитетот за националните малцинства, претставници на македонското малцинство и љубители на македонскиот фолклор.

Пред присутните се обрати Васил Стерјовски во името на Македонското друштво „Сонце“, кој најпрво го честита 8 Септември - Денот на независнота упатувајќи „срдечни честитки до сите Македонци и граѓани на Македонија, посакувајќи светла иднина за Македонија".

- Македонското друштво „Сонце“ со поддршка на Комитетот за национални малцинства денеска ја има честа да ја организира завршната активност од проектот „Создавање традиционална носија на македонското национално малцинство од областа Преспа“. Овој проект има за цел зачувување и обновување на еден важен од нашето културно наследство, истакнувајќи ја убавината на народната носија што ја придружува нашата заедница од генерација на генерација, рече Стерјовски.

Најави дека освен во Корча, слична активност ќе биде организирана и во општина Пустец, каде, како што рече, со гордост ќе го прославиме ова достигнување за нашиот идентитет.

Се заблагодари на Комитетот за национални малцинства, кој преку фондот на малцинствата ја поддржал оваа важна иницијатива на Македонското друштво „Сонце“.

-Благодарение на оваа поддршка, успеавме да подготвиме четири традиционални женски носии од Преспа, 21 традиционални носии од Преспа во минијатура и двојазична брошура, на албански и на македонски јазик, во 300 примероци за да ја информираме јавноста за ова скапоцено наследство. Посебна благодарност упатувам до познатата костимографка, Лирика Појани, која со посветеност ја проучи народната носија на Преспа и стари фотографии кои и послужија како основа за нивната најверна репродукција, зачувувајќи ја автентичноста и културните вредности на овој крај. Таа подготви и минијатурни верзии на овие костими со прекрасни детали, нагласи тој.

Посочи дека областа на Преспа, населена со признато македонско малцинство, има богата културна историја која вклучува јазик, традиции, фолклор и културни вредности и оти овој проект претставува заеднички напор за зачувување и промовирање на македонските традиции.

-Народната носија е еден од најважните елементи на нашиот културен идентитет и во себе ја носи историјата на цели генерации. Преку овој проект целиме не само да ги зачуваме овие традиции, туку и да ги пренесеме на идните генерации, правејќи ги горди на своето македонско потекло и култура, посочи Стерјовски.

Писателот и професор на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, Ерис Руси, ја промовираше брошурата за македонските народни носии од областа на Преспа, чиј автор е Васил Стерјовски. На промоцијата, Руси изрази задоволство од значењето на ова дело за зачувување и промоција на македонската културна традиција во Албанија.

Ерјон Неџипи, претседател на Советот на Округот на Корча во својот поздравен говор ја истакна важноста од зачувувањето на традиционалните носии на Македонците од Преспа, кои, како што рече се богатство за Округот на Корча и Албанија.

Позната костимографка од Корча, Лирика Појани, се заблагодари на македонското друштво „Сонце“ за довербата да ја репродуцира македонската народна носијата од Преспа, каде уметноста испреплетена со традицијата ги истакнува благодатите на овој национален скапоцен камен.

Исто така, на настанот беа распределени минијатурни народни носии од Преспа на повеќе институции а активноста заврши со македонски песни и ора од девојчина кои што беа облечени во македонските народни носии на Преспа. Настанот го следеа и повеќе албански медиуми.

Во Собранието доделена наградата за животно дело „11 октомври“

Во Собранието денеска бешe доделена државната награда „11 октомври“.

Годинешните добитници се актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков, мултимедијалниот уметник, Љупчо-Бубо Каров и фолклористот Марко Китевски. Каров, Темков и Михајловски се наградени за животно дело во областа на културата и уметноста, а проф.-д-р Китевски во областа на науката..

Фернандеш: Во репрезентацијата уживам во мојот фудбал

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, ги опиша двете последователни исклучувања во една недела како неправедни.

Во моментов плејмејкерот е со репрезентацијата на Португалија за натпреварите на „морнарите“ во Лигата на нации против Полска и Шкотска. Фернандез е една од ѕвездите на Португалецот, а во последно време е критикуван поради тоа што неговиот настап во репрезентацијата често е на повисоко ниво од она за „црвените ѓаволи“.

-Кога зборуваме за лош момент, тоа се двете исклучувања во една недела што ги сметам за нефер. Едното е веќе поништено, а второто, бидејќи е жолт картон нема да биде, но сето тоа е дел од фудбалот и не можам да размислувам за тоа. Ја презедов одговорноста за овие ситуации затоа што, особено против Тотенхем, ги оставив соиграчите во тешка ситуација да бараат пресврт откако заостанувавме во резултатот. На клупско ниво работите треба да се подобрат. Во последно време поставив високи стандарди со количината на голови што ги постигнувам и сакам да ги задржам тие стандарди. Се надевам дека ќе постигнам гол штом ќе се вратам. Се чувствувам многу добро во репрезентацијата, уживам во мојот фудбал, во динамиката благодарение на многуте квалитетни играчи со кои сум опкружен, изјави Фернандеш. /МИА

Квалификации за ЕП 2025: Македонија до 21 ја победи Молдавија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година оствари победа со 2:1 против своите врсници од Молдавија во рамките на претпоследниот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП кое ќе се одржи во Словачка 2025 година.

Ова беше четвртата победа во овие квалификации за нашите момци.

Избраниците на селекторот Драги Канатларовски денеска ја оправдаа фаворитската улога и сосема заслужено славеа триумф над Молдавија.

Бехар Фета отвори во 11. минута, додека Беким Камбери во 90. минута ја зголеми предноста на Македонија.

Противникот во следниот напад успеа само да постигне почесен погодок за намалување на нашата предност.

Во последното коло од квалификациите, нашата млада репрезентација на 15. октомври ќе игра против Грузија на гостински терен./МИА

притисни ентер