Во карантин македонски државјани кои дошле од Авганистан, дел од нив позитивни на Ковид-19

Македонски државјани кои пристигнале од Авганистан се сместени во карантин бидејќи меѓу нив имало позитивни лица на Ковид 19, потврдија за МИА од Министерството за здравство.

– Македонски државјани се пристигнати од Авганистан. По добиени информации дел од нив се позитивни. Поради безбедност на граѓаните, во консултација со Комисијата за заразни болести и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вечерва ќе бидат во карантин, а утре епидемиолог ќе одлучи што понатаму, наведоа од Министерството за здравство. /МИА

Владата донесе Одлука за 30-дневна кризна состојба на јужната и северната граница

Владата ја донесе Одлуката за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија.

Владата денеска на седница, согласно заклучокот од седмата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Владата ја донесе Одлуката за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија и заради постоењето на пандемијата и опасноста од ширењето на КОВИД-19, која ќе трае 30 дена од нејзиното влегување во сила.

-Со оваа одлука се утврдува постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија и тоа на подрачјата на јужната и северната граница на Република Македонија, и се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање и кој има задолжение да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, соопшти владината прес-служба.

Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука, додаваат од Владата, ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, а сите органи на државната управа се задолжени да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи./МИА

Прекин во водоснабдувањето во поголем дел од Тетово

Прекин во водоснабдувањето во поголем дел од Тетово имаше денеска поради голем дефект на една од главните водоводни цевки ф-300 во мрежата на улицата „Цветан Димов". 

Поради големиот дефект и течење на вода, како и дождот поплавена беше и улицата „Цветан Димов" со што беше отежаното движењето по таа сообраќајница на која се наоѓааат и објектите на СВР Тетово и Архивот.

– Оценуваме дека околу 60 отсто од градот се соочува со прекинот во водоснабдувањето. Станува збор за пукната стара салонитна цевка која и при изведувањето на работите поради дотраеност продолжи да пука по нејзината должина. Работниците почнаа со интервенција од 11: 30 часот и ќе се работи се до завршување – поправка на дефектот, односно замена на водоводната цевка. Работниците од претпријатието од работна единица „Водовод и канализација" ќе бидат максимално ангажирани за побрзо и поефикасно санирање на дефектот, истакна раководителот на водотехничката лабораторија, Љуљзим Шаќири.

Во моментот, водоводната мрежа на градот Тетово има максимална издашност од своите извори од 400 литри вода во секунда./МИА

Детектирани случаи на нудење осигурителни услуги од друштва кои немаат дозвола за работа во земјава

АСО апелира до граѓаните на внимателност.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето апелира до граѓаните да внимаваат од кои друштва за осигурување купуваат полиси за осигурување, со оглед на тоа што во послдно време се детектирани случаи на нудење, рекламирање и склучување полиси за осигурување издадени од странски друштва за осигурување, особено од Република Бугарија, кои немаат дозвола за вршење работи на осигурување од АСО.

Агенцијата апелира граѓаните да внимаваат од кои друштва за осигурување купуваат полиси за осигурување, а особено поради фактот што постои можност, доколку полисите ги купат од странски друштва за осигурување кои немаат дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување, во иднина, да не можат да ги остварат своите права од склучените договори за осигурување, за кои уредно од нивна страна е платена премија за осигурување.

– Врз основа на следење на состојбата на осигурителниот пазар во земјата, посебно во делот на рекламирање и продажба на осигурителни производи, Агенцијата за супервизија на осигурување во последно време детектира случаи на нудење, рекламирање и склучување полиси за осигурување издадени од странски друштва за осигурување (особено од Република Бугарија) кои немаат дозвола за вршење работи на осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурување, информираат од АСО.

Агенцијата напоменува дека вршењето работи на осигурување, работи на застапување во осигурување односно осигурително брокерски работи без дозвола од Агенцијата претставува кривично дело за кое согласно Законот за супервизија на осигурување е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.

Од Агенцијата ги предупредува сите субјекти кои вршат работи на осигурување, работи на застапување во осигурување, односно осигурително брокерски работи без дозвола од страна на Агенцијата, дека во случај на идентификување на овие субјекти, против нив ќе бидат преземени сите со закон пропишани мерки и санкции.

Согласно Законот за супервизија на осигурување, правните и физички лица може да се осигуруваат исклучиво во друштва за осигурување кои имаат дозвола од Агенцијата за супервизија на осигурување, а за кои може да се инфомрираат на веб страницата на Агенцијата. /МИА

притисни ентер