ВМРО-ДПМНЕ: Во Македонија над 4000 фирми се затворени за 6 месеци

Во Македонија над 4000 фирми се затворени за 6 месеци, а Заев се луксузира со златни лажици од 50 илјади евра.

Поради погрешните политики на Зоран Заев во Македонија само во 6 месеци од минатата година згаснале 4000 компании, над 54 илјади лица останале без работа, а уште толку нередовно земаат плата.

Економијата тоне, а народот осиромашува и преку половина милион граѓани живеат со помалку од 2 евра дневно, додека Заев ужива во луксузот и златниот прибор кој чини 50 илјади евра.

Власта на Заев не мрднува ни со мал прст да ги заштити граѓаните среде економска и здравствена криза. Македонија е последната земја во Европа која ќе набавува вакцини со цел да ги спаси животите на граѓаните и да го сочува нивното здравје, ама затоа Заев вработува нови советници во својот кабинет и на тој начин ќе потроши 400 илјади евра годишно за своите партиски послушници.

Поради Заев Македонија е најсиромашната, најкорумпираната и најнесреќната држава во Европа. Народот тоа го гледа и за жал го чувствува и на својот грб и по својот џеб.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Пендаровски се обрати на доделувањето на Светската награда за хуманизам на Охридската Академија

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на онлајн настанот на доделување на Светската награда за хуманизам за 2021 годнина, на истакнатиот филозоф од Босна и Херцеговина, академик Абдулах Шарчевиќ.

Светската награда за хуманизам е признание коешто го доделува Охридската Академија на хуманизмот, на истакнати личности од доменот на културата, уметноста, книжевноста и општествениот живот. Годинава признанието се доделува по 15-ти пат.

Почитувани членови на Охридската Академија на хуманизмот,

Почитуван академик Абдулах Шарчевиќ,

Драги пријатели,

Ви благодарам на можноста и на честа да ви се обратам по повод доделувањето на Светската награда за хуманизам која годинава по 15-ти пат ја доделува Охридската Академија на хуманизмот. Овогодинешното доделување на наградата, токму на големиот христијански празник Богојавление - Водици, има особена симболика и значење за нас. Таа симболика е дополнително засилена со фактот што на денешен ден се навршуваат 30 години од основањето на Охридската Академија на хуманизмот.

Низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската Академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на Свети Климент Охридски и на неговата надалеку чуена Охридска книжевна школа.

Надвор од секакво сомнение е дека меѓу мноштвото активности на Академијата особено значајно место зазема доделувањето на светската награда за хуманизам. Востановена во 2007-та, наградата се доделува секоја година на светски познати уметници, интелектуалци, истакнати имиња, но, пред се, на посветени хуманисти. Кон долгата листа импозантни имиња на лауреати, годинава се придружува и името на академикот од Босна и Херцеговина, почитуваниот господин, Абдулах Шарчевиќ, несомнено еден од најзначајните филозофи во нашиот регион, признат и познат многу подалеку од неговите граници.

Посебен, и за нас значаен куриозитет е податокот дека академик Шарчевиќ почетоците на својата научна кариера ги имал на Филозофскиот факултет во Скопје, во втората половина од педесетите години на минатиот век. Се надевам дека и по добивањето на ова престижно признание, личните и професионалните контакти кои професорот Шарчевиќ одамна ги има изградено со Македонија само ќе добијат на интензитет.

Академик Георги Старделов кој, за жал, пред само некој ден не напушти, преселувајќи се во вечноста на човековото паметење, оставајќи неизбришлива трага во македонската култура и општествена мисла, за годинешниот добитник на светската награда за хуманизам, не без причина, напиша: „неговото филозофско дело ни дава една храбра и навистина сеопфатна дијагноза на нашето време и во него: на нашата цивилизација, на нашата културна историја, на нашето општество во кое опстојуваме; сеопфатна анализа за тоа што се случува со човекот денес во 21 век, во векот на неговото отуѓување од сето човечко и човечно".

Со пандемијата која ги загрози нашите животи и нашето здравје, ни го промени секојдневието и буквално го промени ликот на целото човештво, за жал, само уште повеќе се зголеми човековата отуѓеност, правејќи не ранливи, осамени и затворени во себеси. Имено, во вакви времиња ни е и тоа како потребна хуманоста, солидарноста и взаемната почит. Да го победиме Ковид-19 и да се вратиме во нормалното секојдневие, но и да ја афирмираме и повторно актуализираме духовноста и културата. Накусо, да ја вратиме човечноста на човештвото.

Почитувани пријатели,

Се надевам дека набргу ќе можеме сите да се собереме во древниот Охрид и непосредно да комуницираме, како некогаш.

На Охридската академија на хуманизмот и го честитам јубилејот, на академик Абдулах Шарчевиќ му честитам на наградата и му посакувам што побрзо да дојде во посета на нашата земја, поточно, на неговата и наша, заедничка земја.

На крајот од моето кусо обраќање, дозволете да ви посакам добро здравје и радост на сите во 2021-та.

Затворен угостителски објект во Боговиње поради непочитување на ковид мерките

Еден локал е затворен поради непочитување на мерките за заштита од Ковид-19 во текот на вчерашната контрола од 18 до 21 часот на тетовското подрачје извршена од полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од ДПИ.

– Во угостителски објект во село Боговиње, тетовско, сопственост на Џ.Б.(50) од Боговиње, биле затекнати четири лица и сопственикот. Од страна на ДПИ објектот бил затворен, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат денеска од СВР Тетово.

Сопственикот ќе се соочи со пријава за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија".

Во текот на изминатото деноноќие за неносење заштитни маски на 37 лица тетовската полиција им издала прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба.

Богојавление-Водици одбележан со свети литургии во црквите

Православните верници денеска го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици со свети литургии во црквите и нивните дворови. 

Годинава првпат, поради пандемијата со Ковид-19, изостана вековната традиција на положување на крстот во светите води.

Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан по повод празникот служеше Златоустова литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица" во Скопје. Светата црква секоја година речиси повеќе од два милиениума преку сите содржини, и богослужбени и обичајни не навраќа на смислата на тој спасоносен настан на крштевањето Христово и моментот кога се покажала целата света Троица . Денешниот празник Богојавление всушност, рече, ги објаснува сите други празници и сите други настани, ни ја објаснува целта на Хритовото доаѓање како син божји како вистински богочовек, тајната на кршевањето, но и на покајанието и на исповетта.

Меѓу нас, истакна г.г. Стефан, многу слабо или воопшто не се практикува покајанието или исповетта, а во светата црква тоа е една од седумте свети таинства, но при покајанието, при исповетта не е доволно да кажеме дека сме грешеле, дека грешиме и дека се каеме. Потребно е, вели, гревот да не го повторуваме, и да се трудиме што помалку да грешиме. Но очигледно е недоволното познавање на верата.

-Ако знаеме што учи нашата света вера и помалку ќе грешиме, а ако грешиме ќе знаеме и да се покаеме. Еве од каде и да тргнеме, од семејството, од соседството, од работно место, од меѓупартиското живеење од секаде и насекаде се гледа што е поголемо во нас – љубовта или омразата, верата или неверието, слогата или неслогата, вистината или невистината, подготвеноста или неподготвеноста да си простиме и да се помириме или не. Дури и на непријатели и на подалечни ќе им простиме и ќе им подадеме рака, што е и добро, но на блискиот, на братот свој не можеме да му простиме. Е тука навистина има место за загриженост и, секако, потреба да се сфати и местото и улогата на покајанието, а со тоа и на исповетта кои се неодвоиви од практиката на вистинскиот христијански живот. Како црква и духовни пастири должни сме постојано да повикуваме кон покајание, кон исповед и кон помирување, зашто кој не може да се помири најпрвин со себе си и со братот свој, како ќе се помири со Бога, рече поглаварот г.г. Стефан, кој по завршувањето на литургијата го изврши осветувањето на водата во црквата.

Присутните верници се придржуваа кон мерките за заштита од ширење на коронавирусот со носење заштитни маски и одржување на физичка дистанца.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

До минатата година, празникот се одбележуваше во сите епархии во земјава, а централната манифестација се одржуваше во Скопје каде поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан го положуваше светиот крст во водите на реката Вардар.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

притисни ентер