ВМРО-ДПМНЕ предлага дополнителен опсег на мерката минимална плата со олеснување на процедурите за добивање

​Jа поздравуваме намерата на владата за помош и олеснување на состојбата во спортот како последица на пандемијата со вирусот Ковид 19 кај нас.

Во оваа прилика нудиме дополнителен опсег на мерката минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај, затоа што сметаме дека мерката е рестриктивна со недоволен опфат, и без финансиска рамка и премногу оптоварена со административни процедури. Со цел опфаќање на поголем број на чинители во спортот кои со уредбата на владата не се опфатени предлагаме олеснување на процедурите за добивање на средствата со цел спречување на собирање на голем број на документи и потврди, а имајќи ги во предвид условите за работа како на клубовите така и на федерациите.

Предлагаме АМС средствата да ги исплаќа до матичните федерации, а секоја федерација до спортистите и спортските работници врз основа на список доставен од клубовите, а со претходен увид во базата на регистрирани играчи, тренери, контролори и судии за натпреварувачката 2019/20 година.

Со нашиот предлог мерки сакаме да дадеме сигурност на сите спортски субјекти. Воедно нашите предлог мерки се димензионирани со конкретна финансиска рамка од околу 2.000.000 евра и со конкретен број на опфатени спортисти и спортски работници околу 4.200. Средствата би се црпеле од буџетот на Агенцијата од фондот во кој се слеваат средствата од игрите на среќа и електронски апарати. Имено во моментов на оваа сметка има 1/2 милион евра, а до 15 мај во овој фонд ќе има речиси 1 милион евра што е доволно за првата исплата за месец април. За втората исплата во јуни за платите во мај месец предлагаме со уредба на влада да се префрлат уште еден милион евра од ставката капитални инвестиции, поради евидентната неискористеност на овие средства во овој период. По нормализацијата на состојбите и новиот прилив на средства во овој фонд овие еден милион евра би биле вратени за капитални инвестиции и би биле во функција во периодот од септември до крајот на 2020 година.

Овие мерки ќе ги опфаќаат сите спортски екипи кои што се натпреваруваат во соодветниот систем натпревари на нашите федерации. И тоа:

– Сите прволигашки екипи во фудбал (М) каде што би добиле по 30 минимални плати за тренери, доктори, играчи и физотерапевти – Фудбал (Ж) 20, ракомет 20, кошарка 20 и одбојка 20 (М)(Ж)

– Во делот на второлигашки екипи во фудбал би имало 20 минимални плати, ракомет 15, кошарка 15 (М), или вкупно 2.350 спортисти, тренери, доктори, физиотерапевти.

Од бројот на минимални плати по клуб минимум 70% од средствата мора да бидат за исплата на плата на играчите, а останатите 30% за тренери, доктори, физиотерапевти и администрација.

Понатака тренери во младински спортски школи кои што не се дел од претходно зафатените клубови кои што се основа на масовноста на нашиот спорт би биле поделени 700 минимални плати, лица вработени во спортски федерации 350, судии и службени лица од највисок ранг и кои со мерката не се опфатени 300. Сите индивидуални спортисти на кои државата има издадено ваучер околу 300. Нивните тренери односно тренери на индивидуалните спортисти 100. И лица вработени во приватни спортски објекти кои што исто така се засегнати со вирусот и оваа состојба во нашата држава околу стотина.

Распределбата на средствата за судии, контролори, тренери во индивидуален спорт и вработени во федерациите би ги одлучувала секоја матична федерација за својот спорт одделно.

Исто така би сакале да дадеме дополнителни индиректни мерки, да ги предложиме до Владата:

– На сите третолигашки екипи во фудбал, општините каде што се организирани и регистрирани клубовите да им исплатат средства во висина на добиениот спортски ваучер за 2020-та година. Оние клубови кои што до крајот на годината ќе го реализираат истиот ќе имаат обврска истите средства да ги вратат во буџетот на општините.

– Дополнително на сите клубови или спортски школи кои што користат државни или општински спортски објекти, со уредба со законска сила договорите да им бидат продолжени по автоматизам до крајот на 2020-та година и да бидат ослободени од закупнина до месец септември 2020.

Почитувани,

Ова е време кога засегнатите федерации и клубови треба да седнат и да се договорат за идните насоки за развој на спортот во следните неколку години. Многу работи во иднина нема да бидат исти и овој период треба да се искористи за прилагодување на ситуацијата, можностите и потребите на македонскиот спорт.

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија е подготвена преку својата партиска комисија и како преку и стратешките соработници на претседателот да даде свој придонес со предлози и решенија во интерес на спортот.

Со овие дополнителни мерки вистински ќе се помогне на најголемиот дел од спортските субјекти кои по завршувањето на оваа криза уште долго ќе ги трпат последиците кои неминовно ќе постојат кај економските субјекти поддржувачи на спортот.

Влатко Неделковски, ВМРО-ДПМНЕ

Собранието ја донесе декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од НАТО

Собранието на денешната последна пленарна седница на овој парламентарен состав ја усвои декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основањето на алијансата.

До 4 април кога почнува изборната кампања спикерот Јован Митрески вели дека има простор за уште една седница, за евентуално итни прашања. На денешниот брифинг Митрески потврди дека додека трае изборната кампања нема да има седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница.

Ова се редовни парламентарни избори и согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание, потсети спикерот.

До 12 мај тој треба да ја свика седницата за инаугурацијата на новиот претседател а најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарн состав. Инаку, денеска декларацијата за НАТО беше изгласана со 87 гласа „за“ и два „против“

Починал ученик во основно училиште во Белград, откако по физички контакт ја повредил главата

На 18 март во училиште во Белград се случила несреќа, по што еден од учениците го загубил животот, дознава Телеграф.рс.

Како што изјави директорот на училиштето за Телеграф, немало тепачка, но поради сплет на несреќни околности поради физички контакт, еден од учениците паднал, се здобил со сериозни повреди на главата и починал.

- Сакаме да нагласиме дека немало тепачка или конфликт меѓу двајца ученици, туку дека поради несреќен сплет на околности поради физички контакт, еден од учениците паднал, се здобил со сериозни повреди на главата и за жал подоцна починал. Училиштето веднаш реагирало, му пружило прва помош на ученикот и повикало брза помош, која брзо пристигнала и го пренела ученикот во Ургентниот центар. За време на инцидентот учениците биле под надзор на наставник и две медицински сестри вработени во училиштето. За жал, и покрај напорите на лекарот, ученикот починал на 22.03.2024 година. - изјавила таа за Телеграф.

Таа додаде дека за да се надмине оваа кризна состојба, училиштето има подготвено план за поддршка на учениците, вработените и родителите согласно процедурите за справување со кризна состојба.

- Училиштето е во постојан контакт со родителите на учениците и со надлежните институции - Министерството за образование и полицијата, која врши активности во нејзина надлежност - додаде таа.

Истрагата ќе ја покаже вистинската причина за смртта.

Како што неофицијално дознаваме, побарана е обдукција на телото.

Екипата на Телеграф денеска излегла на местото на настанот, но по 15 часот директорот и другите вработени од управата не биле во училиштето. Она што неофицијално можевме да го слушнеме е дека сите се многу потресени од овој настан, објави Телеграф.

Бугарија оди на шести избори за три години

Бугарија и дефинитивно оди на предвремени парламентарни избори откако и официјално пропаднаа сите обиди за формирање на влада по расколот во коалицијата меѓу ГЕРБ и Продолжуваме со промената.

Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека во наредните неколку дена активно ќе разговара со сите потенцијални кандидати кои ќе треба да состават техничката влада за организирање на избори. Единствено нешто што засега е нејасно е само дали изборите ќе се одржат во ист ден со европските на почетокот на јуни или пак, бугарите ќе одат на гласање два пати за кус временски период.

-Започнувам средби со сите потенцијални премиери. Денеска или утре ако треба и за викендот. Го одложив и мојот напорен меѓународен распоред за следните 10 дена, кој вклучуваше и посета на странски претседател и моите официјални посети во странство. Како што изјавив и вчера, ќе направам се што е можно тој процес за формирање на техничка влада да биде забрзан,- - Румен Радев – Претседател на Бугарија.

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов пак, го повика претседателот да не именува технички премиери од редовите на неговата партија, бидејќи не сака да се даде впечаток дека тие владејат со земјата во периодот пред изборите. Неговиот ривал пак, Кирил Петков пак, побара фокусот да биде ставен на организирање европските и парламентарните избори во ист ден.

-Единственото нешто на кое опстојувам, а никако нема да го дозволам е тоа да е Росен Желјазков (за технички премиер). И навистина се надевам дека претседателот нема да го именува ниту Димитар Главчев, бидејќи тие на некој начин би биле поврзани со ГЕРБ. Бидејќи целата кампања ќе помине како ние да управуваме. Ние управувме откако ќе добиеме избори,- - Бојко Борисов – Претседател на ГЕРБ.

-Враќањето денеска на (мандатот) дава можност за 2 во 1 избори и да се заштедат 100 милиони за бугарските даночни обврзници. Барем тоа да го направиме. Така што, во моментот претседателската институција, во разговорите со потенцијалните идни технички премиери да не ја испуштиме датата да може да се случат 2 во 1 (избори),- - Кирил Петков – Продолжуваме со промената.

Бугарија изминатите неколку години беше управувана од серија на технички влади поради не можноста на политичките партии да формираат стабилно мнозинство во парламентот. На тоа барем навидум се стави крај по формирањето на коалицијата меѓу ГЕРБ и Продолжуваме со промената чија договорена ротација на премиерската функција на девет месеци и составот на владата се претвори во фијаско.

притисни ентер