ВМРО-ДПМНЕ:Ковачевски е безгласна буква која само ја чува фотелјата за кадарот на ДУИ

Ковачевски е безгласна буква која само ја чува фотелјата за кадарот на ДУИ дури не го исклучат од функцијата.

Плејстејшн политичарот Ковачевски де го вклучуваат, де го исклучуваат од функција. Изјавата на министерот Османи покажа дека Ковачевски е само чувар на премиерската фотелја за кадарот на ДУИ. Како привремен вршител на должност, Ковачевски само ќе чека кога газдите ќе му кажат дека треба да ја напушти функцијата. Ова е понижувачки и за СДС.

Впрочем СДС и Ковачевски се претворија во безначаен коалициски партнер кој ги аминува политиките на ДУИ. Ниту се спротивставија, ниту ќе се спротивстават. Никаде го нема ни да писне Ковачевски за скандалот со деловниот простор на братот на Груби. Никаде го нема Ковачевски да писне за злоупотребите на Бујар Османи на службени возила. Никаде го нема Ковачевски да писне за лошата економска политика водена пред се од кадрите на ДУИ.

Ковачевски е безгласна буква, која кога веќе не може да се спротивстави на беззаконието, само му се приклучи. Затоа брои денови и чека кога на копче ќе го заменат.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда

Превентивно евакуирани населба, болница и училиште.

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа. /МИА

ОН бара Велика Британија да го преиспита Законот за Руанда

Двајца високи функционери на Обединети нации денеска ја повикаа Велика Британија да го преиспита планот за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалцитe.

Во заедничката изјава на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, Филипо Гранди и Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Волкер Турк ја повикаа Велика Британија наместо тоа да преземе практични мерки за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.

Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Велика Британија за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребна, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци, посочи Гранди.

Тирк, кој претходно го критикуваше планот, наведе дека законот „сериозно го поткопува владеењето на правото во Велика Британија поставува опасен преседан на глобално ниво“.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за британската Влада, но според критичарите планот за депортирање на луѓе во Руанда наместо да се работи со баратели на азил во Велика Британија е нехуман.

Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил, кој илегално ќе пристигне во Велика Британија ќе биде испратен во Руанда. Тоа ќе важи и за оние кои поднеле барање за азил во Велика Британија и никогаш досега не стапнале на африканскиот континент.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, изминатите години стигнаа до Велика Британија поминувајќи го Ла Манш со мали чамци, а организирани од бандите шверцери на луѓе.

Горниот дом на Парламентот вчера го усвои Законот за Руанда со кој се овозможува испраќање на илегалните мигранти во Руанда, каде ќе се обработуваат нивните барања за азил во Велика Британија.

Британскиот премиер Риши Сунак, по усвојувањето на Законот за Руанда, посочи дека „ништо нема да ни застане на патот“ и оти авионите за африканската земја ќе полетаат за 10 до 12 недели.

- Донесувањето на оваа значајна легислатива не е само чекор напред, туку суштинска промена во глобалната равенка за миграцијата. Го воведовме предлог-законот за Руанда за да ги одвратиме ранливите мигранти од опасни премини и да го скршиме бизнис моделот на криминалните банди кои ги експлоатираат. Донесувањето на оваа легислатива ќе ни овозможи да го направиме тоа и многу јасно ќе ни даде до знаење дека ако нелегално дојдете овде, нема да можете да останете, посочи Сунак.

Откако Законот за Руанда ќе добие кралска согласност, што се очекува во наредните денови, ќе започне процесот на ратификација на договорот подготвен со Руанда. /МИА

Британскиот парламент усвои закон за враќање баратели на азил во Руанда

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда.

Британскиот премиер Риши Сунак вчера во денот кога Горниот дом на парламентот го усвои потребниот закон вети дека во рок од 10 до 12 недели ќе започне да испраќа во Руанда баратели на азил за да ги процесуираат нивните барања, што беше одложено со месеци поради парламентарните обиди за промена на планот.

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда, политика за која се надева дека ќе ја зајакне неговата Конзервативна партија пред изборите подоцна оваа година.

Домот на лордовите долго време одбиваше да го поддржи нацрт-законот, што нема дополнителни заштитни мерки и беше раздор, но на крајот попушти откако Сунак рече дека владата ќе го принуди парламентот да заседава онолку долго колку што е потребно за да го усвои.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во изминативе години поминувајќи го Ламанш со мали чамци на ризични патувања организирани од банди шверцери на луѓе.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за владата, но критичарите велат дека планот да се депортираат луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехуман. Тие ја наведуваат загриженоста за состојбата со човековите права во источноафриканската земја и ризикот барателите на азил да бидат вратени назад во земјите каде што се соочуваат со опасност.

И по успешното надминување на парламентарните пречки, Сунак се уште може да се соочи со правни предизвици за законот. /МИА

притисни ентер