Ова е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за лидерска средба на сите парламентарни партии што ја најави премиерот Ковачевски за в понеделник во Собранието. Мицкоски вели таква покана се уште немаат добиено, но го повтори ставот дека ВМРО-ДПМНЕ под овие околности нема да прифати промена на Уставот за внесување на Бугарите во него. Ако власта и Груби се сигурни дека имаат 80 пратеници за уставни измени, како што изјавуваат, вели Мицкоски, нека поднесат иницијатива во Парламентот.
Во врска со барањето од албанските партии за бришење на формулацијата 20 отсто од Уставот за албанскиот јазик, Мицкоски вели на Европа не и треба нова Босна на Балканот, а ако намерата е федерализација на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, тоа нема да го дозволи.
- Пострашно беше тоа што го кажаа како дообјаснување претставниците на албанските партии, а тоа е формирање на дводомен парламент, што би значело де-факто и де-јуре федерализација и мислам дека тоа е многу погрешен потег, односно нарушување на унитарниот карактер на Македонија. Мислам дека ниту на Европа ниту на светот, не им е потребно уште една Босна на Балканот. Да не создаваме нови поделби и нова поларизација, рече Мицкоски.
Иницијативата од премиерот Ковачевски за лидерска средба, пак, нема да ја премисли БЕСА од намерата да се сретнат лидерите на албанските партии и да изградат заеднички став за бришењето на формулацијата 20 отсто од Уставот. Од партијата на Касами за Канал 5 само кратко изјавија дека поканата од Ковачевски уште не ја добиле, но таа нема ништо да смени во нивната агенда за средба со албанските партии.