ВМРО-ДПМНЕ ќе бара гласање недоверба на владата на премиерот Заев

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев, поради, како што велат пазарење со македонските национални интереси и негирање на историјата. 

Според опозицијата, Заев со скандалозните тврдења во интервјуто, од кои не отстапува, целосно ги руши преговарачките позиции на Македонија. Потпретседателот на партијата Александар Николовски потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене прашање за доверба на Владата во Собранието.

- Зоран Заев треба да си даде оставка и да замине. ВМРО-ДПМНЕ по завршуивањето на 100-те од доаѓањето на Владата ќе покрене прашање за доверба на Владата во Собранието на Република Македонија. И очекуваме Владат да не ја добие довербата, односно најмалку 61 пратеник да изгласаат недоверба на Владата на Зоран Заев, изјави Николовски.

Премиерот Заев ваквите најави од ВМРО-ДПМНЕ, кои вчера ги потврди и партискиот лидер Христијан Мицкоски, ги оцени како неодговорни за иднината на државата и македонскиот народ. Премиерот за Канал 5 вели дека Владата е секогаш подготвена да даде одговор пред законодавниот дом, ако Парламентот заклучи дека треба да ја прифати инцијативата за интерпелација.

Во меѓувреме, дел од владините функционер и сопартијци со поддршка за ставовите на Заев. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски факт е дека Македонија и неговото Куманово се ослободени од македонските партизани, но минатото не треба да биде пречка за иднината. На слична линија е и вицепремиерот Љупчо Николовски.

Дел од коалицинионите партнери, пак, бараат средба со Заев по интервјуто за бугарски БГНЕС. Од ЛДП побараа коалиционите партнери да разговараат за еу перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија, велат од партијата.

Согласно Деловникот на Собранието и Уставот, одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба таа е должна да поднесе оставка.

Самит на ЕУ посветен на Украина

Претседателот на Советот на Европска Унија, Шарл Мишел испрати писмо до лидерите на земјите-членки на ЕУ, во кое ги покани на Самитот закажан за денеска и утре во Брисел.

Мишел преку писмо ги информира лидерите на ЕУ дека главна тема на разговор денеска ќе биде Украина.

Самитот ќе почне на работен ручек со генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, на кој ќе се разговара за клучните геополитички прашања и глобалните предизвици, а потоа украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе им се придружи на лидерите преку видео-конференција.

Мишел истакна дека ЕУ, како и секогаш, ќе ја потврди својата „непоколеблива посветеност да и помогне на Украина“, што вклучува продолжување на работата за користење замрзнати руски средства.

- Најважно, од нашата последна средба во февруари, работиме на итно зголемување на производството и испораката на муниција во Украина. Нашата цел е да и обезбедиме на Украина еден милион парчиња муниција во следните 12 месеци и да обезбедиме соодветно финансирање. За таа цел ќе треба да преземеме мерки за зајакнување на производствениот капацитет на европската одбранбена индустрија, посочи Мишел.

Бербок: Не смееме да ги изневериме Македонките и Македонците

Местото на Македонија е во ЕУ, исто како и на нашите останати партнери од западниот Балкан. 

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која денеска ќе престојува во посета на Македонија, пред пристигнувањето во Скопје порача дека очекува широка поддршка во парламентот за уставните измени и тргање настрана на партиските интереси.

Бербок Скопје ќе има средби со државниот врв и опозицијата во обид да им даде поттик на уставните измени со кои Бугарите и други заедници треба да бидат вклучени во Уставот.

- Местото на Македонија е во ЕУ, исто како и на нашите останати партнери од западниот Балкан. Дека навистина го мислиме тоа, покажавме најдоцна со официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година, порача Бербок пред полетувањето за Скопје, пренесува Дојче веле.

Таа вели дека не смеат да се изневерат очекувањата на големото мнозинство граѓани во земјата.

- Големите надежи и очекувања, кои луѓето во Македонија ги имаат за пристапниот процес, за нас се шанса и опасност истовремено. Опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување, рече шефицата на германската дипломатија.

Од германското МНР, пред посетата, оценија дека Македонија е „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ, посочувајќи дека главната цел на посетата на Бербок е откочување на процесот на уставни измени. Тоа го најави и Бербок во изјавата.

- Можам добро да сфатам дека во моментов сите прашања за сопствениот идентитет, за сопствената историја, јазик и култура се дискутираат во Македонија со срце и страст, тоа ни кај нас не е различно и е природно при важни прашања како промена на Устав. Но искуството покажува: во вакви ситуации се исплаќа да се тргнат настрана партиско-политичките калкулации, да се водите од јасна цел и во таа насока одлучно да се борите. Широката поддршка во парламентот на Македонија за промена на Уставот ќе испрати сигнал не само во самата земја, туку и подалеку во целиот регион: ние апсолутно сакаме да влеземе во ЕУ и правиме сѐ што е неопходно од наша страна, изјави Бербок пред посетата на Скопје.

Американски воен брод навлегол во кинески територијални води

Кинеската армија соопшти дека американски воен брод илегално навлегол во територијалните води во Јужното Кинеско Море, во близина на спорните острови Парацелз.

Во соопштението се наведува дека кинеската армија го следела и протерала американскиот воен брод „Милиус“, што илегално влегол во водите околу Парацелските Острови, со што го нарушил мирот и стабилноста на прометниот воден пат.

- Нашите сили постојано ќе одржуваат високо ниво на подготвеност и ќе ги преземаат сите неопходни мерки за одлучно да ги зачуваат националниот суверенитет и безбедност, како и мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море, се наведува во соопштенеито на Јужната команда на кинеската армија.

притисни ентер