Власта ветува модел за прочистување во судството во првите 100 дена

Прочистување на судството и обвинителството вети новата Влада

Прочистување на судството и обвинителството вети новата Влада, а веќе вчера министерот за правда Бојан Маричиќ најави дефинирање на моделот до истекот на првите 100 дена од мандатот.

Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски ветуваат дека концептот и моделот ќе бидат дефинирани во комуникација со сите чинители во правосудниот сектор.

– И од претседателот на Судскиот совет и од претседателот на Советот на јавни обвинители добивам уверување дека заедно ќе работиме на овој модел, како и од државниот јавен обвинител и од претседателот на Врховниот суд. Сите тие ќе се вклучат ефективно во креирањето на моделот, но и во неговото спроведување. Без партнери во овие клучни институции тешко ќе успееме. Поради тоа ми е важно и одржувам дневна комуникација со сите нив со цел да направиме модел во којшто јавноста ќе верува, да ги отвориме судските институции за поголема отчетност, пристапност кон граѓаните и јавноста и на тој начин да ги тргнеме сите шпекулации, целата мистерија поврзана со судската власт за да може јавноста да верува и да има двонасочна комуникација со судските власти, рече Маричиќ на вчерашниот брифинг со новинарите.

Идејата е, како што појасни Маричиќ, да има концепт во којшто ќе има проверка на имотот на судиите и на обвинителите, проверка на случаите коишто се застарени или блиску до застарување, проверка на случаите коишто се случиле од висока корупција или висок јавен интерес. Ќе има и ефективна постапка за оние судии и обвинители кај кои ќе се утврди одговорност за непостапување и непрофесионално настапување.

Според вицепремиерот Николовски, процесот на прочистување на правосудството е еден од клучните темели на коалицискиот договор на Владата. На прес-конференцијата во Владата, Николовски рече дека тој процес веќе е започнат со одредени проверки на потеклото на имотот на носителите на јавни функции.

– Бев директно вклучен во самите разговори за договорот. Клучно за државата во моментов се правдата, економијата, борбата против корупцијата, екологијата и уште некои приоритети. Денес кога сите нашите соседи ни се пријатели, кога сме дел од безбедносниот сојуз НАТО, кога се остварени стратешките цели на државата, почнуваме преговори со ЕУ, треба да се зафатиме со работа дома. Граѓаните ја испратија својата порака, сакаат да има одговорност, рече Николовски.

Целта на овој процес, како што појаснуваат надлежните, е да се врати довербата кај граѓаните во правосудниот систем, но и добрите професионалци, односно оние кои добро си ја вршат работата, да бидат наградени, а оние кои не ја вршат добро работата и кои ја зајакнуваат недовербата во правосудниот систем, да бидат отстранети од тој систем. /МИА

Вооружените сили на Хондурас заплениле 2,7 тони кокаин, наменет за американскиот пазар

Вооружените сили на Хондурас соопштија дека заплениле 2,7 тони кокаин скриен во два глисери.

Запленети се вкупно 2.760 пакувања со дрога, тешки по еден килограм“, потврдил портпаролот на вооружените сили на Хондурас, Сантос Ноласко, пренесува парискиот весник „Фигаро“.

Дел од дрогата бил закопан на плажа на Карибите, а потрагата продолжува за да се најдат други пакети скриени во областа, рече Ноласко.

На 24 март, поморските сили на малата централноамериканска земја заплениле повеќе од 1,3 тони кокаин и уапсиле 10 осомничени шверцери на дрога кои дејствувале во регионот на Карибите.

Од 1970-тите, Хондурас е транзитна рута за кокаин од земјите производители во Јужна Америка до САД, но во јануари 2022 година, по доаѓањето на власт, новиот претседател Ксиомара Кастро вети дека ќе се бори против трговијата со дрога.

Неговиот претходник, Хуан Орландо Хернандез, беше екстрадиран и приведен во САД набргу откако тој ја напушти претседателската функција.

На крајот од историското судење, федералната порота во Њујорк на 8 март го прогласи Хернандез за виновен за олеснување на увозот на 500 тони кокаин во Соединетите држави помеѓу 2004 и 2022 година.

Хуан Ернандез ќе биде осуден на 26 јуни и се соочува со доживотен затвор.

ДИК со последни подготовки пред утрешниот изборен ден

Речиси 7.000 болни и изнемоштени лица, затвореници во казнено-поправните домови и лица во притвор, оние во старечките домови, како и нашите  државјани во странство, денеска гласаат, ден пред утрешните претседателски избори.  

Гласањето на болните и немоќни лица, во ДКПта и казнено-поправните домови се одвива без проблеми, а Државната изборна комисија е целосно подготвена и за утрешниот изборен ден- соопшти првиот човек на ДИК Александар Даштевски. Резултатите од гласањето на овие категории на граѓани кои традиционално го остваруваат гласачкото право ден пред сите останати, ќе се пребројат и ќе се објават комплетно по завршување на изборниот молк утревечер. Од ДИК велат дека за следење на овие претседателски избори, освен домашните, интерес покажале значителен број и странски организации и медиуми.

Од Државната изборна комисија соопштија дека во Избирачкиот список за овие избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. Во дипломатско конзуларните претставништва гласаат 2569 граѓани, од казнено-поправните установи 2147 лица, а во своите домови гласачкото право имаат можност да го остварат близу 7000 лица кои се пријавиле како болни и немоќни.

Се намалува цената на електричните автомобили, некои се поевтини и за 2.000 евра

Портпаролот на Tesla денеска изјави дека компанијата ќе ги намали цените на некои модели на автомобили во одредени земји во Европа, вклучително и Германија, како и на Блискиот Исток и Африка.

Во Германија цената на моделот 3 со погон на задните тркала паднал од 42.990 евра на 40.990 евра, пренесува Ројтерс.

Таа компанија, чиј основач и директор е милијардерот Илон Маск, претходно најави намалување на цените во Кина и САД.

Така, во САД цените на трите модели ќе бидат за 2.000 долари пониски, а Model Y ќе чини 42.990 долари, Model S 72.990 и Model X 77.990, пишува ABC News.

На 15 април Маск објави дека 10 отсто од вработените во компанијата ќе бидат отпуштени.

Компанијата Тесла на почетокот на април објави дека испорачала 386.810 возила во првиот квартал од 2024 година, што е за 8,5 отсто помалку во споредба со истиот квартал минатата година, објавија медиумите.

На квартално ниво, испораките на возила на Tesla паднаа за 20 отсто во споредба со четвртиот квартал од 2023 година.

По тој повод, Tesla објави и дека во првиот квартал од 2024 година произвела 433.371 возила, што е за 1,7 отсто помалку од истиот квартал лани.

притисни ентер