Владина делегација положи цвеќе во спомен на загинатите кај Љуботенски бачила

Владина делегација положи цвеќе во спомен на загинатите армиски припадници кај Љуботенски бачила.

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска, во придружба на советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василевски, денеска, во касарната „Илинден“ и во село Љубанци оддаде почит и положи цвеќе на спомен обележјата поставени во чест на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата, загинати кај месноста Љуботенски бачила, кога во 2001 година за време на вооружениот конфликт, армиско товарно возило нагази на две противтенковски мини.

Во име на Владата, советникот Василевски оддаде почит и положи цвеќе и во Ѓорче Петров и с. Волково, во знак на сеќавање на загинатите бранители, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

Денеска, кога се одбележува 21-годишнината од нивното загинување, венци цвеќе положија и почит оддадоа повеќе високи делегации, меѓу кои припадници на Армијата и полицијата, претставници на бранителите и блиски и членови на семејствата.

Во Државниот архив отворено Одделение за средување и обработка на архивски материјал

Од самото доаѓање како директор на оваа институција ветив дека ќе формираме едно Одделение за османлискиот период. 

Во Државниот архив на Македонија денеска беа отворени просториите на Одделението за средување и обработка на архивски материјал од османлиски период и стар период, кои се реновирани и опремени со Центарот за дигитализација, од страна на претседателството на турската Агенција за соработка и координација ТИКА.

По тој повод, директорот на Државниот архив Македонија Емил Крстески одржа средба со потпретседателот на ТИКА од Република Турција, Махмут Чевик и програмскиот директор на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут.

Директорот Емил Крстески денеска по отворањето на Центарот изјави дека односите со Република Турција се на многу високо ниво и се надева оти и понатаму ќе продолжи професионалната соработка, особено во однос на дигитализирање на документите од османлискиот период и од поновата историја.

-Од самото доаѓање како директор на оваа институција ветив дека ќе формираме едно Одделение за османлискиот период. Тоа денеска се реализира, со опрема што ја донира Агенцијата ТИКА, со која имаме одлични односи и добра соработка. Генерално, односите со Република Турција се на многу високо пријателско ниво и се надевам дека и понатаму ќе продолжи професионалната соработка во однос на размена на експерти и на дигитализирање на документите што се од османлискиот период и од поновата историја, додаде Крстески.

Потпретседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА од Република Турција, Махмут Чевик денеска изјави дека целта на Одделението е зачувување на архивите и нивно пренесување на идните генерации.

-ТИКА е организација која постои малку повеќе од 30 години, а 17 години има своја канцеларија во Македонија. Со ова, се обидуваме да го зачуваме нашето заедничко наследство, нашата заедничка историја. Големите држави имаат свои архиви кои го покажуваат нивното богатсво. Ние сме должни да ги зачуваме овие архиви и да ги пренесеме до идните генерации. Сега првпат имаме можност да промовираме ваков значаен проект кој се реализира во рамки на нашата програма, која ја водиме во овој регион, со цел зачувување на документите кои потекнуваат од османлискиот период, рече Чевик.

Тој додаде дека станува збор за прв ваков Оддел за средување и обработка на архивски материјал од османлиски период, во нашата држава, а како што рече, опремување и обновување на документите е извршено од страна на ТИКА, во соработка со претпоставените од Државниот архив.

-Сите ние вложуваме во тоа да продолжи нашето пријателство, кое е започнато со осамостојувањето на Македонија. На денешната средба имавме можност да разговараме и да се увериме во тоа дека историјата зборува со документи, рече Чевик.

Како што рече, ваква програма ќе се реализира и во Албанија, а постои интерес да се реализира и во Босна и Херцеговина.

Каевски: Мицкоски струјата од неговите хидроцентрали да ја даде бесплатно на граѓаните

Бидејќи е познат по своите хидроцентрали за производство на струја, го повикуваме Христијан Мицкоски струјата да има ја даде бесплатно на граѓаните.

На што личи тоа Мицкоски наутро да лаже на прес конференции а навачер да брои пари од високите фактури за струја од неговите хидроцентрали?

Христијан Мицкоски е основач и сопственик на фирмата „Енерготек“ со која влегува во конзорциумот „Минка – Енерготек“.

Во 2015 година од Владата на Груевски добива 33 илјади метри квадратни државно земјиште и гради хидроцентрали.

Еве ги документите кои го потврдуваат тоа.

Мицкоски токму во тој период во истата таа Влада од која добива земјиште и концесија е советник за енергетика на неговиот шеф и ментор, тогаш премиер, Никола Груевски.

Затоа и меѓу своите од ВМРО-ДПМНЕ го добил и надимакот Хидро Мицко.

Во време на светска економска и енергетска криза, но и години претходно, Мицкоски го полнел џебот продавајќи електрична енергија од своите хидроцентрали.

Ако е загрижен за струјата и стандардот на граѓаните, Мицкоски ќе ја отстапи бесплатно струјата од своите хидроцентрали за граѓаните.

Прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ

СДСМ

Вешти лица од Судска медицина и психијатријата сведочеа на судењето за убиството на Денис Тот

Со изведување на докази од Обвинителството, во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи доказната постапка за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје.

На денешното рочиште сведочеа две вешти лица од Судската медицина.

Вештото лице Ана Ивчева рече дека настанатите повреди се механички повреди и се настанати со дејство на тапо-тврда сила во конкретните регии.

– Во однос на севкупното дејство на повредите, станува збор за тешки телесни повреди со конкретна опасност по живот на повредениот, рече таа.

Како причина за смртта на сега покојниот Денис Тот таа го посочи нагмечувањето на ‘рбетниот и големиот мозок.

На прашање од одбраната дали нагмечувањето на ‘рбетниот мозок е нанесено со удар или со пад, вештото лице одговори дека е настаната поради дејство на тапо тврда сила која предизвикала ротација на главата а со тоа и последователна повреда на ‘рбетниот мозок.

Вештото лице од областа на психијатријата, Александар Марцикиќ, се изјасни за здравствената состојба на обвинетите која, како што рече, „ја констатирав на 28 април 2022 година, кога и го извршив прегледот“.

Тој посочи дека обвинетата Клементина Левковска е психички здрава индивидуа со уредна интелигенција.

– Со прегледот се констатирани реакција на актуелната стресогена ситуација за неа која ценам дека е од висок степен поради настанот и исходот од настанот кој што се случил, како и репрекусиите кои дошле после тоа, во вид на кривична постапка и притвор, рече тој.

За обвинетите Анџело Георгиевски и Андреј Костовски, исто така, посочи, станува збор за психички здрави особи со просечна, односно уредни интелектуални капацитети и кај нив е констатирана психичка реакција на стресни ситуации во рамките на нормална реакција поради исходот од настанот, притворот и кривичната постапка која се води.

Во врска со прашањето дали обвинетите до сега страдале од некое минливо или трајно психичко пореметување, вештото лице одговори дека од прегледот, кој го направил констатирал дека кај обвинетата Клементина Лековска на 13 годишна возраст било констатирано минливо психичко пореметување во вид на пореметување на однесување во детска возраст.

– Ова пореметување значи дека во тој период од животот таа манифестирала и однесување кое се карактеризирало со дисоцијални постапки, агресивност, раздразливост, кое го надминувало бунтовното и инаетливо однесување карактеристично за овој период во кој што таа се наоѓала, тоа е период на пубертет, рече тој.

Прашан дали обвинетите при прегледот биле агресивни, насилни или во состојба да ја искривуваат вистината, тој одговори дека при прегледот, ниту еден од обвинетите не манифестирал какви било знаци на пасивна или активна агресивност.

– Како што опишав, кај нив беше актуелна психичката реакција на исходот од настанот и реперкусиите од нив, кои што воглавно се со слични манифестации, грижа на совест, чувство на вина, видлива вознемиреност поради исходот на случката и кривичната постапа против нив, страв или анксиозност од самата постапка и последиците, пред сѐ мислам на социјалните последици, рече тој.

На прашањето дали тројцата обвинети во моментот на извршувањето на кривичното дело можеле да го сфатат значењето на делото и дали истите можеле да управуваат со своите постапки, вештакот рече дека секој од обвинетите во време на настанот бил со запазено психичко здравје, така што, како што посочи, можеле да ги разберат своите постапки, да ги претпостават последиците од истите и да раководат со истите.

Одбраната во своите воведни зборови кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.

Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.

притисни ентер