Владимир Талески осуден на 8 години затвор за случајот „Транспортер“

Денот на македонското правосудство во услови на вонредна состојба во земјава, скопскиот Кривичен суд го одбележа со намален обем на работа но со две изречени осудителни пресуди по предметите на некогашното СЈО.

Екс битолскиот градоначалник Владимир Талески доби 8 години затвор за случајот Транспортер за злоупотреба на службената положба околу превозот на ученици од средните и основните училишта на територијата на Битола. Затворска казна од 6 години и 6 месеци доби и другиот вработен во општината Слободан Бончаноски.

Осум директори на училишта и двајца управители на фирми за превоз поминаа условни казни, додека останатите сопственици на фирми се осудени на затворски казни кои се движат од 2 до 3 години.

Судијката Добрила Кацарска пресудата ја изрече пред само двајца од обвинетите превозници и дел од адвокатите. Според пресудата фактурите за превоз со повисока цена од договорената компаниите ги праќале на директорите на училиштата кои пак ги доставувале до Општината која ги исплаќала. Направената штета е над 34 милиони денари.

На барање на обвинителот Трајче Пеливанов во куќен притвор ќе останат Талески и Бончаноски.

По три и пол години затвор добија и функционерите на ДУИ Ејуп Аљими и Исмет Гури во случајот Титаник 3. Ги осудија за виновни за изборни измами дека како членови на Општинска изборна комисија во Чаир за време на локалните избори во 2013 години, уништувале изборен материјал. Судијката Марија Клетничка ја образложи пресудата пред обвинетиот Гури, додека Алими не дојде да ја слушне.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека не бара мерки притвор за нив, поради опасност од дополнително оптоварување на истражниот затвор.

Гури и Алими имаат право на жалба пред Апелација.

притисни ентер