Од тој датум парно за скопјани ќе има до 1 по полноќ.
Колку точно ќе не чини оваа кризна состојба проценки нема, Бектеши вели дека за сега на располагање има 6 милиони евра, но колку точно пари ќе бидат потребни ќе зависи од движењето на цените на гасот во наредниот период.. Сепак уверува дека во државната каса на располагање има 100 милиони евра предвидени за кризи.
„Калкулациите за 6те милиони евра се направени со берзанските цени на природен гас за месец јануари. Сега ги очекуваме понудите за месец февруари и март, согласно тие проекции ќе се направат калкулации, но јавност да знае не субвенционираме приватни фирми и затоа има одлука ЕСМ да преземе и во пресрет на граѓани ќе излеземе преку ЕСМ, а не БЕГ.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Додека ЕСМ го преземе управувањето парното нема да се гаси, но трошоците кои ќе ги направат снабдувачите со топлинска енергија за набавка на енергенси ќе си ги покријат самите, објаснува Бектеши.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, прашуваат зошто Владата дозволила земјава воопшто да се најде во кризна состојба кога цената на гасот е ситуација која може да се предвиди.
„Зошто Владата на СДСМ не успеа да обезбеди гас по ниска цена како што тоа го направија и останатите земји од регионот и светот ? зошто Владата на СДСМ го претставува ова како свој успех кога цената на гасот повторно ќе се плаќа од парите на граѓаните ?“ истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Проблемите со парното греење почнаа по Нова година, кога голем број корисници се соочија со ладни радијатори или воопшто немаа греење и на минусни температури. Откако БЕГ предупреди дека веќе нема гас за да произведува топлинска енергија, Владата склучи договор со ТЕ-ТО, според кој оваа гасна централа ќе работи 7 дена во недела.. Вишокот струја ќе го купува ЕСМ по 170 евра , а топлата вода што ја добива во произведоството, ќе ја пушта во системот на БЕГ.