Владата предлага укинување на законот за пазарџиите, ќе се носи ново решение

Владата на денешната седница донесе решение да се укине Законот за трговија на зелените пазари, што беше донесен на иницијатива на повеќе пратеници во јануари 2018 година и требаше да стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Анализите на Министерството за економија, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, покажале дека од законското решение ќе имаат штета сите, а особено пазарџиите поради што е предложено негово укинување. Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува по скратена постапка да биде поништено законското решение.

Во меѓувреме, како што рече Бектеши, Министерството ќе изготви нов закон во консултација со сите засегнати страни во кои ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.

– Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметковниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека поради тоа се оценило дека е потребно овој закон да престане со важност.

Според најавите од министерот Бектеши, се очекува на почетокот на наредната година да биде донесено ново законско решение за трговија на пазарите на зелено во консултација со сите засегнати страни – трговците на зелените пазари, коморите на трговци, организаторите на пазари и државните институции.

– Тоа ќе го направиме со цел во наредниот период да изготвиме законско решение кое ќе биде вин-вин ситуација за сите засегнати страни, посебно за продавачите на зелените пазари. Ако ги утврдиме сите отворени прашања со засегнатите страни тоа ќе биде донесено некаде на почетокот на наредната година, рече Бектеши.

Досега според законското решение за кое се предлага укинување нема издадено ни една лиценца. Токму најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа за висината на надоместокот за лиценцата и обврската само една комора да ги доделува лиценците, како и на пензионерите да не им биде дозволено да продаваат на зелените пазари. Во новото законско решение, како што најави Бектеши, ќе бидат вклучени сите комори за да можат да вршат контрола врз продажбата и функционирањето на зелените пазари, а со организаторите на пазарите ќе биде утврдена и цената за надоместокот што го плаќаат пазарџиите. Воедно, ќе биде тргната одредбата за пензионерите која, како што кажа, беше преземена во претходното законско решение од другите закони со кои се уредува начинот на кој пензионерите можат да работат и во кои дејности можат да работат дополнително.

Страшно невреме во Хрватска: Соборени дрвја во Загреб, снег на планините

Пожарникарите во Загреб и во Осиек денеска имаа бројни интервенции поради ветрот кој кршеше гранки.

Наглиот пад на температурата во Загорје донесе снег, а во исто време во 15 часот во Шибеник изнесуваше 25 степени.

Силна промена на времето стигна и во Хрватска, додека вчера беше речиси 30 степени, а денеска паѓа снег во Загорје, јавува 24сата.хр.

„Нестабилно и постудено од просекот е кон средината на април. Променливо и претежно облачно на копното, а на Јадранот променливо сончево. Во првиот дел од денот дожд на исток, врнежи и грмежи во Далмација. Попладне можни се локални врнежи од дожд во внатрешноста и во северниот дел на Јадранот, а во Горска Хрватска паѓа снег и дува умерен ветер од северен правец“, прогнозираат од ДХМЗ.

Со дрвјата се бореше и противпожарната служба на градот Осиек. Гранки, како што известија, паднале врз автомобили.

„Од 7 до 12:30 часот извршивме 12 интервенции, два пожари, осум интервенции главно поврзани со отстранување на гранки и дрвја, едно отстранување на лим и еден увид во врска со автомобил во Сава“, рече наредникот на противпожарната служба Синиша Џембрич.

Муцунски пред пензионерите од Аеродром: Вашето искуство и вашата мудрост се непроценливо важни

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претседателот на советот, Дејан Митески денеска присуствуваа на настан на кој беше одбележана 15-годишнината од формирањето на Здружението на пензионери – Аеродром.

Во рамки на своето обраќање Муцунски истакна дека искуството и мудрост на пензионерите се непроценливо важни во создавањето подобра општина, а Општина Аеродром секогаш е отворена за предлозите, сугестии и забелешките што доаѓаат од нивна страна.

Тој се заблагодари за поддршката која пензионерите ја даваат на општината и нагласи дека и понатаму тој и Општина Аеродром остануваат отворени за соработка.

„Како заедница, општина, но и како држава мораме поактивно да работиме на подобрување на статусот на пензионерите и решавање на предизвиците со кои тие се соочуваат во животот. И понатаму, лично ќе се заложувам Општина Аеродром да биде важен партнер во реализација на нивните планови и активности“, потенцираше Муцуски во своето обраќање пред пензионери, се наведува во соопштението.

Бриселската полиција спречи одржување на десничарска конференција

Белгиската полиција денеска спречи одржување собир во организација на десничарската Фондација „Едмунд Бурк“ во Брисел, на кој меѓу останатите требаше да учествуваат и унгарскиот премиер Виктор Орбан и главниот промотор на Брегзит, Најџеј Фараж.

- Властите одлучија да го спречат настанот поради можност за јавни нереди, изјави претставник на полициската управа на Брисел.

Организаторите на собирот, насловен Конференција за национален конзервативизам, соопштија дека полицијата ги информирала оти „постои ризик демонстранти да предизвикаат граѓански нереди во текот на попладнето“.

При интервенцијата на полицијата, Фараж рече дека сфаќа оти „полицијата многу, многу сака да го спречи“ настанот.

- Ако сакаат да го спречат, може да го направат тоа со мене на бината, изјави Фараж поздравен со овации од присутните на собирот.

Претставник на еден од коорганизаторите на собирот, тинк-тенкот Колеџ „Матијаш Корвин“ (МЦЦ), Френк Фуреди оцени дека ваквиот потег претставува диктатура.

- Тие се обидуваат да искористат техничка причина за да пренесат политичка поента. Рекоа дека ако не прекинеме, ќе ја исклучат струјата, изјави Фуреди за „Политико“.

Ова е трета локација на која требаше да се одржи Конференцијата, откако сопствениците на првите два избрани објекти им откажале на организаторите, поради, како што тврдат тие, притисок од локалните левичарски власти.

Емир Кир, градоначалник на бриселската општина Сен-Жос-тен-Нод, на чија територија се наоѓа објектот во кој требаше да се одржи собирот, од претходно најави дека ќе „преземе мерки за да го спречи“ настанот.

Друг претставник на МЦЦ, Ентони Гиланд најави дека ќе се обидат преку суд да ја оспорат одлуката на Кир со цел собирот сепак да се одржи.

Според планот, Конференција за национален конзервативизам требаше да се одржува денеска и утре. /МИА

притисни ентер