Владата побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи за предложените мерки

Владата жна денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледа предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на КОВИД-19 вакцинацијата и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во Македонија.

Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со КОВИД-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.

Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест КОВИД-19.

На оваа своја седница Владата ја разгледа информацијата за планот за пренесување на повредените лица и на телата на починатите во сообраќајната несреќата во Бугарија за што е формирана работна група предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во која уште членуваат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче.

Владата го задолжи Министерството за здравство да обезбеди соодветни амбулантни возила за повредените лица и целосно да ги покрие финансиските потреби за нивниот транспорт во земјата, како и да обезбеди соодветна здравствена нега, без разлика дали повредените лица се осигуреници во Фондот за здравствено осигурување или не.

Министерството за надворешни работи е задолжено да изврши избор на соодветно транспортно претпријатие и во целост да реализира достоен транспорт на посмртните останки на починатите од Бугарија до Македонија, а средствата за транспортот и погребот во целост да ќе ги покрие Генералниот секретаријат на Владата.

Министерството за внатрешни работи е задолжено да обезбеди непречен премин со полициска придружба од границата со Бугарија до крајните дестинации.

Владата даде согласност на Електрани (ЕСМ) да го активира со работа ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза.

Владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД „ЕСМ" и АД ТЕЦ „Неготино" за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 - април 2022, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба.

Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД „ЕСМ" ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино" и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.

Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД „ЕСМ" ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД „МЕПСО", додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.

Владата ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и АД „ЕСМ" со свои средства. Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД „ЕСМ" за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба.

Со оваа одлука ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа зголемување и на БДП, а ТЕЦ Неготино кој 12 години беше ладна резерва, ќе биде ставен во функција и ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и стопанството во услови на глобална енергетска криза.

Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра/мегават-час. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 ден/кг, производната цена на ТЕЦ Неготино доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра/мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра/мегават-час.

ТЕЦ „Неготино" има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола.

Државната термоелектраната Неготино е изградена во 1978 година и истата последен пат работела во 2009 година.

Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино" ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата, се наведув аво соопштението од Владата.

Разбојници ја убиле сопругата на легендарен музичар

Сопругата на легендарниот музичар Кларенс Авант е убиена во вторникот во нејзиниот дом во елитната населба Трусдејл Естејтс во Лос Анџелес.

Имено, таа била убиена од крадци кои упаднале во нивната семејна куќа.

Полицијата на Беверли Хилс била повикана во куќата во Трусдејл Естејтс во вторникот вечерта околу 2.30 часот по полноќ, откако на телефонскиот број 911 добиле повик дека некој бил застрелан и убиен.

Сопругата на Авант, Жаклин Авант, итно била пренесена во болница, каде што подоцна починала. Таа имала 81 година.

Семеен извор изјавил за ТМЗ дека разбојниците пукале додека влегле во куќата и ја погодиле сопругата на Авант.

Авант (90) во тој момент бил дома, но не е јасно дали е повреден во нападот.Легендарниот музичар беше примен во Куќата на славните во октомври, а покрај него беше неговата сопруга.

Нивната ќерка Никол Авант е во брак со извршниот директор на Нетфликс, Тед Сарандос.

СЗО: За неколку дена ќе знаеме колку е заразен омикрон

Светската здравствена организација очекува за неколку дена да има повеќе информации за тоа колку е заразен новиот сој на корона, омикрон, изјави денеска техничкиот директор на СЗО Марија ван Керхове.

Во соопштението се посочува дека СЗО ќе има податоци за омикрон многу побрзо од предвиденото, бидејќи Женева претходно соопштила дека ќе бидат потребни недели за да се добијат податоците, пренесе Ројтерс.

Некои од главните прашања се дали сојот е позаразен или отпорен на заштитата од вакцини, а одговорите треба да се почекаат, се додава.

Софија Вергара на луда латино забава во кругот на семејството (ВИДЕО)

Софија Вергара (49) изгледа сензационално на прославата на американскиот Ден на благодарноста, а актерката на социјалните мрежи се пофали со фотографии и видеа од забавата на која присуствуваа членовите на нејзиното семејство.

На ѕвездата од ТВ серијата „Модерно семејство“ и` се придружија помладата сестра, музичарката Вероника (21) и внуката Клаудија (29). Веселото трио танцува пред огледалото, а на Софија подоцна во танцовите чекори и се придружила и нејзината баба.

Се чини дека на споменатата забава не присуствувал актерот Џо Манганиело (44) за кого заносната американско-колумбиска дива се омажи во 2015 година.

- Среќна шеста годишнина од бракот, љубов моја! Уште многу години заедно! Те сакам – напишала Софија на Инстаграм во вторникот.

Двојката се свршила на Божиќ за време на романтичен одмор на Хаваи во 2014 година, само шест месеци откако Вергара раскинала со Ник Лоеб. Тие се венчале во 2015 година во Палм Бич, Флорида. Заедно немаат деца, а Софија е мајка на 27-годишниот син Манол, кој го доби со поранешниот сопруг Џо Гонзалес.

притисни ентер