Сугерираат државата да ги засука ракавите и најпрво фокус да стави на борбата со работата на црно. Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Зоран Јовановски, кој вчера присуствуваше на првата јавна расправа во министерствто за финансии во чиј фокус беа евентуалните промени во даночната политика - за Канал 5 вели дека државата најпрво треба да ја сузбие сивата економија, а дури потоа да се разговара за било какви промени во даночната политика.
„Првиот чекор треба да биде борбата против сивата економија, односно пронаоѓање и вклучување во даночната база на оние што остваруваат приходи, ги кријат тие приходи и не ги плаќаат обврските кон државата. Државата треба да наплати прво од таквите субјекти, а дури потоа да размислува за сите други што редовно и во целост си ги плаќаат обврските кон државата.“ изјави за Канал 5 Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанска комора.
Претставниците од останатите Комори кои беа дел од состанокот не сакаа да коментираат додека не ги видат конкретните предлози од финансии, но во телефонски разговор коментираат дека било какво зголемување на даноците во време на неколку кризи во кои се наоѓа државата, може да доведе до демотивација на бизнисите да ги плаќаат давачките и со тоа да се зголеми процентот на сивата економија која во моментов е 40% од БДП.
Вчера од финансии инфомираа дека на јавната расправа со Царина, УЈП и сите стопански комори се дискутирало за данокот на добивка, личен доход, ДДВ-то, акцизата и еколошката даночна политика. А, станало збор и за прогресивниот данок.
Неофицијално, дел од предлозите се: ...За договорците на дело да се плаќа здравствено и пензиско, да се даночат штедните влогови, да се укине даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка.