Владата ќе ја разреши Афрона Верзиволи од главен ревизор на ИПА фондови

Од Владата велат дека сега најважно е вниманието да се насочи кон истрага за сомнежите за злоупотреби на ИПА Фондовите.

По најавите од Делегацијата на ЕУ дека ќе испитува дали Владата поставила несоодветна ревизорка за контрола на европските пари во Македонија, од „Илинденска“ бр.2 соопштија дека назначената Афрона Верзиволи утре ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Образложение нема, ниту пак објаснување дали таа на 30 јули била именувана иако не поседувала лиценца за ревизор..

Од Владата велат дека сега најважно е вниманието да се насочи кон истрага за сомнежите за злоупотреби на ИПА Фондовите, за кои велат постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

- Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Верзиволи во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Пренасочувањето на вниманието кон други теми го толкуваме како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби. Одговорност ќе има – велат од Владата..

Реагираа и од „Вреди“, на чиј предлог е назначена Верзиволи. Од коалицијата објаснуваат дека тие уште пред неколку денови го повлекле нејзиното именување како ревизорка на ИПА фондовите, но и признаваат дека таа немала соодветен сертификат.

-Ја информираме јавноста дека коалицијата ВЛЕН уште пред неколку дена го повлече именувањето на Афрона Вервизоли како ревизорка на ИПА фондовите. Иако Вервизоли има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот, велат од „Вреди“.

Од СДСМ, пак, сметаат дека Верзиволи ќе биде повлечена благодарение на нивниот притисок и оној од јавноста. Од опозициската партија реагираат дека Мицкоски е решен, како што велат, по секоја цена, да постави блиски луѓе, па откако ќе сфати дека не поминуваат во јавноста, ги повлекува.

- Благодарение на притисокот на СДСМ и јавноста, уште еден таков кадар Афрона Верзиволи, ќе биде повлечен. Но, очигледно Мицкоски нема да се откаже од овој начин на именување кадри. За него и ВМРО-ДПМНЕ број еден приоритет е послушноста и партиската припадност, а квалификациите изгледа се на последно место. Токму оваа политика ги обесхрабрува граѓаните и професионалците кои ја губат довербата во институциите и бараат работа надвор од државата. Не е ни чудно што владата е катастрофа, со ваква кадровска политика не може повеќе да се очекува – стои во реакцијата на СДСМ.

Биографијата на Верзиволи не беше објавена, а по инфомациите во јавноста дека таа имала единствено искуство од работа во банка, случајот предизвика интерес и во Делегацијата на ЕУ во Скопје, од каде најавија дека ЕУ внимателно ќе ги испита именувањата од оваа перспектива, нагласувајќи дека „важно е сите назначувања на надлежни позиции во државните институции да се вршат со почитување на сите законски услови за работното место и релевантна стручност“.

Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска за Канал 5 потврди дека и тие постапуваат по пријава за назначување на несоодветно лице за главен ревизор на претпристапната помош од ЕУ и дека доставиле барања до Владата и Ревизорското тело за ИПА фондови во Скопје за информации за нејзината стручност и дали ги исполнува законските услови за да биде главен ревизор за ИПА фондовите.

Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат пред ЕУ, а за оваа позиција постојат строго дефинирани услови.

Автобус слета од пат во близина на Мачу Пикчу во Перу, повредени се над 30 туристи (ФОТО)

Над 30 туристи се повредени кога автобус излетал од пат во Перу, во близина на древниот град на Инките, Мачу Пикчу, објави порталот Перу 21.

„Околу 32 туристи се повредени и сите се однесени во градот Куско“, изјави претставник на перуанската полиција.

Порталот јавува дека возачот на автобусот изгубил контрола бидејќи видливоста била намалена поради магла.

Меѓу повредените има шест Италијанци, пет Мексиканци, двајца Јапонци и еден Кинез.

Полицијата отвори истрага за несреќата.

За 25 милиони долари се продава „куќата на гревот“ во Лас Вегас, сопственикот се сели од САД

Ден Билзериан се сели од „градот на гревот“ Лас Вегас. Односно се сели од САД.

Тој ја продава луксузната вила во која живеел и се забавувал за 25 милиони долари, што ја прави најскапиот имот во градот во моментов. Агент за недвижности изјави за TMZ дека „никогаш не видел нешто слично“.

Огромниот имот, кој се наоѓа во луксузната населба Spring Valley, изгледа како игралиште за возрасни. Има седум спални соби, 14 бањи и гаража која може да собере 16 автомобили. На 3.700 квадратни метри има карпа за качување, игралиште за хокеј на ролери, теретана, кино, соба со тобогани, огромен базен, винарска визба која тешко се гледа и во најголемите винарии, но и соба за оружје...

„За 25 години работа со недвижен имот никогаш не сум видел нешто слично. Трошоците за изградба беа над 20 милиони долари во времето кога беше изграден. Откако Дан го купи овој имот, тој инвестирал милиони за дополнително подобрување на имотот. Квалитетот на градбата и завршните работи се најдобро што сум ги видел, тој увезуваше материјали од целиот свет“, изјавил агентот за недвижности Френк Наполи II.

Билзериан сега ќе живее делумно во Дубаи, а делумно на Бали. Тој планира да го интернационализира својот бренд Ignite.

Ден Билзериан е самопрогласениот „крал на Инстаграм“ кого на социјалната мрежа го следат 32 милиони луѓе. Билзериан тврди дека своето богатство го стекнал на турнири во покер и дека заработил 50 милиони долари во период од 14 месеци. Некои други во светот на покерот тврдат дека ова е едноставна лага и дека тој сигурно не заработил толку пари од покер.

Vice еднаш напишале дека Билзеријан ужива во незаконски стекнатото богатство на неговиот татко. Ден ги оспорил тие тврдења, велејќи дека „луѓето веруваат во секакви работи“.

Игра со трагичен крај: Четири деца починале кога се затвориле во замрзнувач

Полицијата во Намибија ја истражува смртта на четири деца кои си играле во празен стар замрзнувач во североисточниот регион Замбези.

Децата на возраст од три до шест години биле пронајдени во неискористен замрзнувач во густо населена област Катима Мулило, јави Би-Би-Си.

Полицијата верува дека децата случајно се заглавиле додека си играле и се задушиле внатре, но допрва треба да се направи конечен извештај.

Од четирите деца, две починале во замрзнувачот, а две во болница.

„Кога дојдов, видов како брза помош им помага на ќерка ми и на уште едно девојче. Брза помош ги однесе во болница“, изјави за The Namibian Арангес Шоро, таткото на децата.

Децата кои биле итно пренесени во блиската државна болница биле прогласени за мртви по пристигнувањето, објави јавниот сервис NBC.

притисни ентер