Владата ги донесе Протоколите за работа на базените и плажите

Владата ја укина одредбата од протоколот за работа на кафулиња и ресторани на една маса да седат двајца, или четворица само ако се во роднинска врска, а земјата се приклучува кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19.

Владата на денешната 76-та седница ги усвои протоколите што ги предложи Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19.

Согласно Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19, освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 - 2 метри, често миење на рацете со вода и сапун, и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, задолжително е точното и видливо информирање на посетителите со информативно - едукативен материјал за посетителите во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.

На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 - 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.

Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.

Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19 уште ги уредува и санитарно - хигиенски мерки, препораките за вработените, а за користење на угостителски услуги се препорачува почитување на Протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија со КОВИД-19.

На плажите не се препорачува користење на гардероби на плажа.

Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со КОВИД-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува како задолжително пред билетарите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 - 2 метри. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 - 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети.

Пред влезот на базените задолжително е да се постави дезбариера (подлога) за дезинфекција на сите посетители и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.

Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување на ред и незадржување од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто).

При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.

Сите вработени лица и посетителите до влегување во базенот задолжително да носат лична заштитна опрема на лицето што подразбира било каква форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата, како и да одржуваат физичка дистанца од 1,5 – 2 метри вклучително и во базенските води.

Се ограничува бројот на посетители во објектот согласно квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м² нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м² во базенот, и задолжително да се одредат лица кои ќе го контролираат бројот на пливачи во базенот (согласно погоре наведениот норматив) и кои ќе го контролираат на спроведување на мерките.

Протоколот ги утврдува и останатите санитарно - хигиенски мерки и препораки за вработените кои се задолжуваат да водат евиденција за секој тренинг, организирана спортско - рекреативна активност или слободно користење на базенот од страна на граѓаните со цел полесно епидемиолошко следење во случај на појава на заразен со КОВИД-19. За секој посетител да се обезбеди податок за време и дата на посета/тренинг, име и презиме, телефонски број за контакт, име на тренерот/група/инструктор итн.

На базените не се препорачува користење на угостителски услуги, а за оние во состав на хотелски капацитети се препорачува почитување на горенаведените препораки, со напомена користењето на базенот да биде дозволен само за гостите од хотелот.

Владата денеска донесе и измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана со кои се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.

На седницата беше заклучено Комисијата за заразни болести да го разгледа прашањето за давање дозвола за транзит со приватно возило низ територијата на Македонија за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кое не беше опфатено со мерките за државјаните на овие земји.

Владата на оваа своја седница ја разгледа и усвои Информација за можноста на Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19, преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, и го овласти министерот за здравство да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон COVAX механизмот, и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот, што ќе се одржат во текот на овој месец.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата и го усвои текстот на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025) – стратешка рамка, и го задолжи Министерството за одбрана да ги координира сите активности за имплементација на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025) – стратешка рамка.

Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование, Министерство за правда, Министерство за финансии, Центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, да изработат оперативни планови за имплементација на вториот НАП за Резолуцијата 1325 (2020 – 2025) во координација со Министерството за одбрана до крајот на месец септември 2020 година, додека на единиците на локална самоуправа им се препорача да изработат оперативни планови за имплементација на оваа резолуција.

Министерството за одбрана има задолжение да координира со процесот на мониторинг и известување преку формирање на тело (работна група за координација, мониторинг и евалуација на вториот НАП за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025), како и да изработи и да достави до Владата информација за степенот на реализација на втората етапа до крајот на месец октомври 2020 година.

Владата, на денешната седница донесе Одлука за испраќање на припадници на Армијата за учество на вежбата „SABER JUNCTION 20" во Сојузна Република Германија во периодот од 28 јули до 25 август 2020 година.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за индикативни услови за финансирање на фотоволтаичните електрани Осломеј 2 и фотоволтаичната електрана Битола со поддршка на Европската банка за обнова и развој и ја задолжи АД „Електрани на Македонија" во државна сопственост по завршувањето на формалната процедура да ја извести за финалните понудени услови за финансирање.

По повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година, на денешната седница Владата заклучи Организацискиот одбор за прославата на националниот празник Илинден 2020 година да го предводи претседателот на Владата, а во одборот да бидат вклучени претставници на Канцеларијата на претседателот на Владата и претставници од Секторот за односи со јавност на Владата.

Оваа година делегација на Владата по повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Скопје ќe ја предводи претседателот на Владата, прославата во Крушево ќе ја предводи претседателот на Собранието, а прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Пелинце ќе ја предводи и ќе се обрати претседателот на Македонија.

Со заклучок на денешната седница е утврдена и Владината делегацијата по повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Смилево.

Во врска со организацијата и прославата на државните празници, Владата го задолжи Министерство за здравство, преку Комисијата за заразни болести да обезбеди протокол за организација на државните настани во време на пандемија.

Италијаните му продале заштитен остров на Украинец за 10 милиони евра

Италијанскиот остров Галинара во Лигурското Море е продаден за повеќе од 10 милиони евра на украинскиот бизнисмен Александар Богуслаев, јавија денес италијанските медиуми.

Според Кориере дела Сера, Богуслаев (42) е син на украинскиот претприемач и политичар Бијачеслав Богуслајев, сопственик на компанија која била лидер во производството на мотори за авиони и хеликоптери.

Куќите во форма на желка на островот, кои се наоѓале на 1,5 километар крај брегот на Лигурија меѓу Аласија и Албенка, некогаш припаѓале на Римокатоличката црква, а во последните 150 години на богатите банкари и индустријалци, бидејќи биле приватизирани.

Весникот наведува дека тој потпишал договор со претставниците на девет семејства од Лигурија и Пиемонте, кои биле сопственици во последните 40 години.

Се додава дека Александар Богуслајев поседува недвижен имот и на југот на Франција.

Островот е прогласен за заштитен парк на природата и не е достапен за туристите , пишува„ Кориере дела Сера “.

Со комбинација на лекови, кубанските лекари ги излекувале болните од корона

Голема група кубански научници и лекари објавија студија која сè уште е препринт (не ја поминала т.н. стручна рецензија) што укажува на многу ветувачки резултати во лекувањето на САРС-КоВ-2 .

Заразените со коронавирусот се лекувале со комбинација на интерферон алфа-2б и гама и интерферон алфа-2б.

Според сознанијата на кубанските научници, интерферон-терапијата „негативно“ делува на РНК во вирусите. Стапките на успех за брзо решавање на инфекцијата со вирусот САРС-КоВ-2 се навистина импресивни, но ова е релативно мала студија во која биле вклучени 79 пациенти на возраст од 19 до 82 години заразени со коронавирус. Во едната група, испитаниците добиле комбинација од 3,0 интерферон алфа-2б и 0,5 интерферон гама двапати неделно. Во втората, добиле инјекција од 3,0 интерферон алфа-2б три пати неделно. Покрај тоа, пациентите добиле стандардна кубанска терапија на лопинавир-ритоавир со хлорокин.

Во првата група, вирусот бил „негативен“ кај 78,6 проценти од пациентите за само 4 дена, а во втората кај 40,6 проценти од пациентите. RT-PCR-испитувањата се користеле за верификација и било откриено дека времето потребно за неутрализација на виралноста е помеѓу три до пет дена.

Влошување на респираторните симптоми е забележано кај 6,6% од пациентите во првата група и 3,3% од пациентитево втората група. Ниту еден пациент не развил тешка форма на болеста.

По 14 дена од третманот, тестовите со РТ-ПЦР покажале негативен резултат кај едната група кај 100 проценти од пациентите и во 91% во другата. Кубанците го припишуваат успешното елиминирање на виралноста на значителното зголемување на лимфоцитите, како и на значително намалување на CRP во рок од седум дена.

И во двете групи, сите пациенти закрепнале за 14 дена и нивните лабораториски наоди се вратиле во нормала.

Најчестите несакани ефекти со овој третман биле главоболки, а кај две групи се забележани кај околу 30% од случаите.

Запленет имотот и две телевизии на албански бизнисмен поради шверц со дрога

Албанските обвинители заплениле огромни средства што му припаѓале на бизнисмен и медиумски магнат, осомничен за изградба на неговата империја од трговија со дрога.

Специјалното јавно обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал, познато како СПАК, соопшти дека властите заплениле имот во кој биле вклучени неколку станови, земјиште, шуми, возила, вклучувајќи Ролс Ројс и две телевизиски станици РТВ Ора и Канал Еден, врз основа на основано сомнение, потврдени со докази дека Или Ндроки, познат и како Џамал Пасмациу, бил вмешан во криминални активности.

Ндроки е виден како одел во полициската станица, но не бил приведен, пренесе АП.

Ндроки претходно бил уапсен во Турција и Италија под сомнение за припадност на криминални организации вклучени во трговија со дрога, но бил ослободен и во двата случаи.

Адвокатите на Ндроки изјавија дека ќе поднесат жалба против запленувањето, а самиот Ндроки изјавува дека запленувањето се случило затоа што тој е во кавга со градоначалникот на Тирана.

притисни ентер