Влада: Престанува да важи забраната за одржување спортски натпревари, ќе се одржуваат без публика

Владата донесе протоколи за работа на музеи, галерии, за работа на компании за промотивни настани, донесена е одлука за постоење кризна состојба на јужната и северна граница.

Владата на денешната 73-та седница донесе измени и дополнувања на Протоколот за редовна работа на уплатно-исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница (трета фаза), измени и дополнувања на Протоколот за работа на угостителските објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување).

На оваа своја седница Владата ги донесе и Протоколот за работа на музеи, галерии и изложбени простори, Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, Протоколот за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, Протоколот за работа на танцовите и балетските клубови, Протоколот за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во Македонија.

На денешната седница Владата донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите.

На денешната седница на Владата е разгледана информацијата по однос на записникот од Шестата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 26 јуни 2020 година, и ја донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија.

Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.

Со оваа одлука Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.

На предлог на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Предлог - национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства (жени и деца), и даде согласност на Националниот план.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за јуни 2020 година, и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на парични права од социјална заштита до деловните банки најдоцна до 3 јули 2020 година, на кои им е препорачано да обезбедат достапност на средствата од јунските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 4 јули 2020 година.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата и го усвои Акцискиот план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи" за сезоната 2020/2021, според кој бројот на лица што ќе бидат опфатени со оваа бесплатна четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000, се зголемува на 60 илјади граѓани од следните ризични групи: возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Видео: „Мона Лиза“ рапува со помош на вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ја претстави новата технологија со вештачка интелигенција наречена „ВАСА-1“, што може да сними фотографија и аудиоисечок и да ги комбинира во реалистична видеоснимка.

За почеток, технолошкиот гигант претстави видео на кое „Мона Лиза“ на ренесансниот уметник Леонардо да Винчи „ја рапува“ песната „Paparazzi“... Но, овде не се работи за хитот на Лејди Гага, туку рап-верзијата што Ен Хатавеј ја изведе во „Емисијата на Конан О'Брајан“ во 2011 година.

„Ова е толку смешно, плачам од смеење“, „Само Да Винчи да можеше да го види ова“, „Уште едно страшно видео со вештачка интелигенција“, „Ова е морничаво“ - се дел од коментарите.

Видеото набрзо собра над 7,1 милиони прегледи на само еден профил на „X“.

Мадуро размислува повторно да се отвори Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела

Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права, откако претходно, во февруари, венецуелската Влада побара од вработените во Канцеларијата да ја напуштат земјата во февруари.

-Добив предлог за повторно отворање на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во Венецуела и се согласувам дека треба да ги надминеме нашите разлики, изјави Мадуро за венецуелската национална телевизија, за време на заедничкиот говор со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Мадуро додаде дека е подготвен наскоро да се сретне со Фолкер Тирк и дека претставникот на Канцеларијата е добредојден да дојде на разговори за разликите што ги имаат и начините за надминување на конфликтот што произлезе.

Откако кон средината на февруари од персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН беше побарано да ја напушти Венецуела, владата најави дека во рок од еден месец ќе ги ревидира техничките услови за соработката.

Венецуелската влада потоа го критикуваше „колонијалистичкиот, навредлив и насилен однос“ на ОН, откако специјалниот известувач рече дека венецуелската програма за храна не се занимава со основните причини за гладта во земјата, потсетуваат британските медиуми. /МИА

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

притисни ентер