Влада: Одлука за намалување на цените на прехранбени производи за најмалку 10%

Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Со одлуката се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица и кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:

1) ориз бел, во пакување од 900 гр до 1 кг;

2) брашно пченично тип 400 и тип 500;

3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;

4) други пекарски производи;

5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;

6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;

7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица, обични) без и со јајца од 500 гр;

8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;

9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;

10) мелено месо свинско и јунешко;

11) пиле свежо или замрзнато (цело);

12) пилешки стек свеж или замрзнат;

13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;

14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);

15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;

16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;

17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л;

18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;

19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 гр;

20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);

21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);

22) свежи јајца од кокошка;

23) свежо овошје и

24) свеж зеленчук.

Највисоките цени овие производи/стоки се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба), коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.

Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.

Трговците за вршење дејност - производство и за вршење дејност - трговија на големо, имаат обврска, производите/стоките посочени во оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност - трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.

Одлуката е донесена имајќи ги предвид состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот на трговија на големо и на мало, коишто, според предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, предизвикаа сериозно зголемување на цените на основните прехранбени производи.

Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните, оценето е дека за заштита на животниот стандард на населението е потребно повторно да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи, коишто се доминантни производи за конзумирање и за коишто Државниот завод за статистика објавува месечни статистички податоци за мерење на трошоците за живот.

Целта на владината Одлука е да се спречат натамошни пореметувања на пазарот и да се отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник “, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.

Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за дополнување на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока.

Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.

Воедно, одлучено е, цените во трговијата на мало, коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба (акција).

Оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Македонија.

Владата, на денешната седница ja разгледа и усвои Информација за потребата за изработка на Национална Стратегија за безбедност на Македонија и донесе Одлука за формирање Управен комитет за координација и изработка на Национална стратегија за безбедност на Македонија, во којшто ќе учествуваат претставници на Владата и сите министерства како и од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Македонија.

Националната безбедност е основа за просперитет на државата. Само безбедна средина може да обезбеди функционирање на зрел и демократски уставен поредок, одржлив економски раст, заштита на човековите права и слободи и одржливост на граѓанското општество. Со оглед на изменетите околности во безбедносната средина настанати на европскиот континент, меѓу кои и воената агресија врз суверена и демократска држава на европскиот континент, како и постојаната закана од активни малигни актери и нивните обиди директно или индиректно да ја влошат постојната рамнотежа, постојат повеќе прашања околу обезбедувањето храна, енергија и клучни суровини, што влијаат врз стабилноста и потенцијалот за развој на одделни земји и региони, коишто треба да се разгледаат од призма на сегашниот геополитички и безбедносен контекст.

Владата, на денешната седница го разгледа и текстот на Предлог законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на Предлог законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија со надлежните институции.

На седницата Владата го задолжи Инспекцискиот совет на Македонија итно да преземе мерки за решавање на статусот на општинските даночни инспектори преку издавање лиценци за работа, согласно Законот за инспекциски надзор, со што ќе се реши долгогодишниот проблем кој датира од 2019 година.

Со ова, Владата им овозможува на единиците на локална самоуправа преку општинските даночни инспектори, непречено да ги извршуваат своите работни задачи согласно законите и со тоа се подобрува инспекцискиот надзор врз даночните обврзници во единиците на локална самоуправа. На овој начин се придонесува кон зголемување на буџетот на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје.

Со ова Владата дава поддршка за унапредување на самостојноста во функционирањето на општините, во интерес на подобар живот на граѓаните, соопшти Владата.

Татко - херој: Се удавил додека го спасувал својот син (ВИДЕО)

Американецот Гери Симард (44) се удавил на плажа во Масачусетс додека се обидувал да го спаси својот син.

Тој кобниот ден бил на плажа со семејството. Неговиот син пливал во океанот, кога струите наеднаш го одвлекле од брегот во длабочините.

Гери го слушнал како вика за помош, а потоа се втурнал во водата за да го спаси.

Неговиот син бил извлечен на безбедно од двајца пливачи, но Гери за жал се удавил.

Лекарите од Итната помош се обиделе да го реанимираат на плажата, бил префрлен во болница, но сепак починал.

Семејството на Гери го опишале како голем херој кој живеел за своите деца.

"Мојот син е херој. Го спаси својот син и го загуби животот", изјавила неговата мајка Линда.

Зад себе ги остави сопругата и четирите деца, објави Њујорк Пост.

Европската Комисија ќе обезбеди помош од 500.000 евра за Нагорно Карабах

Европската комисија ќе обезбеди хуманитарна помош од 500.000 евра за поддршка на населението погодено од воените операции во Нагорно Карабах.

Во соопштението на ЕК се наведува дека помошта од ЕУ е наменета за жртвите да ги задоволат нивните основни потреби. Вонредното финансирање е како додаток на хуманитарната помош од 1,17 милиони евра што ЕУ ја посвети на почетокот на годинава за решавање на кризата во Нагорно Карабах, се наведува во соопштението за медиумите, а пренесува порталот „Ерменија Ајкор“.

„Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилното население. Како одговор, ЕУ обезбедува дополнителни 500.000 евра итна хуманитарна помош за поддршка на раселените лица. Ние внимателно ја следиме ситуацијата на терен и сме подготвен да понудиме дополнителна помош“, изјави еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Тој ги повика сите страни во конфликтот да обезбедат непосреден и непречен пристап до хуманитарните организации. ЕУ е во близок контакт со хуманитарните партнери на терен и е подготвена да одговори на новите хуманитарни потреби во случај на натамошна ескалација, се заклучува во соопштението на ЕУ, која обезбеди повеќе од 21 милион евра хуманитарна помош за Ерменија и Азербејџан од ескалацијата на конфликтот во 2020 година.

По новиот бран конфликти, вчера беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските трупи во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци.

Договорот беше постигнат со посредство на рускиот мировен контингент, откако официјален Баку започна „антитерористичка операција“ во Нагорно-Карабах за да го врати уставниот поредок во областа контролирана од ерменските сепаратисти.

Поенти „Само Вистина“

Вечерва во Само Вистина дебатираа пратениците Павле Трајанов од ДС, Ненад Коциќ од СДСМ и Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ. Со нив разговараше Андријана Лазова. 

Трајанов: Амнестија има цел да поминат уставните измени. Сите фракции во партиите пропаднале, тој што не ја слуша матицата, нема просперитет. Законот за амнестија е подготвен по теркот за аболиција на Ѓорѓе Иванов, на ист начин. Најмал проблем е внесувањето на Бугарите во уставот, прашањето е покомплексно. Три работи се клучни за нас: Бугарија да ги признае правата на Македонците, да имаме реципроцитет, Советот на ЕУ да донесе одлука дека македонскиот јазик ќе биде официјален службен јазик по приемот и ако Советот на ЕУ не може да ја промени рамката да донесе одлука дека историските прашања нема да бидат основа за блокада од Бугарија. Да не беше отпорот на јавноста ќе имаше и нови барања. Прво треба да заврши скринингот, нема да се отвораат кластери во 2024 година, таа година нема ништо да се случи.

Коциќ: Партија што му направила споменик на Симеон Радев ќе не брани од бугарски диктат? Антиевропското крило тесно соработува со Софија. Ајде да ги изгласаме измените, доколку утре некој не уценува, ќе ги отповикаме. Ние самите се блокираме како држава, не е изолација, туку е само изолација. Амнестија за криминалците нема да има, не за тие што ќе бидат осудени. Според официјалниот попис Бугарите се 3506, провокации се од страна на Бугарија тврдењата дека има 120 илјади Бугари во Македонија. Треба Македонија да им ја оставиме на младите, а не во балканската кал заедно со Косово и БиХ.

Јаревски: Ова е самоуништување, дали на Бугарите ќе им следува место во меѓуетничката комисија? Не е само влазот во Преамбулата, следува место и во комитетот на меѓуетничките заедници, значи им следат сите работи по Бадентер, значи вработувања, канална телевизија со своја програма каде ќе слуѓаме дека Гоце бил Бугар. Интересот на Македонците со СДСМ и ДУИ е загрозен, се докажавте како трговци со националните интереси. СДСМ дозволивте работа на историска комисија, на историски личности и приказни да бидат фактор за напредок кон ЕУ.Зошто Владата не реагира на типичната асимилација на Македонците во Албанија?

притисни ентер