„Обвинетиот, Анџело Ѓорѓиевски го осудива на казна затвор во траење од 18 години, во која казна согласно член 47 од кривичниот законик му се засметува и времето поминато во притвор, сметано од 13.04.2022 година. Обвинетата Клементина Лефковска, судот, ја осудува на казна затвор во траење од 18 години, во која казна согласно член 47 од кривичниот законик ѝ се засметува и времето поминато во притвор, сметано од 08.04.2022 година. Обвинетиот Андреј Костовски, судот, го осудува на казна затвор во траење од 16 години, во која казна согласно член 47 од кривичниот законик му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 08.04.2022 година.Со овие казни, судот смета дека во доволна мера ќе се влијае на обвинетите во иднина да не се јавуваат како сторители на кривични дела, а воедно, ќе се влијае и на планот на генералната превенција“, рече судијаката Елена Илиевска Јосифовиќ при објавата на пресудата во скопскиот Кривичен суд.
Пресудата за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот, што ја соопшти судијаката Елена Илиевска Јосифовиќ, дочекна во лелек, солзи и тензии. Тензиите во судницата се зголемија при барањето за продолжување на притворите.
„Притоа, имајќи во предвид дека обвинетиот Анџело веќе еднаш се даде во бегство. – Сам се пријавив“, дофрли обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски при барањето на обвинителката Тања за продолжување на пртиворот на тројцата обвиенти.
Од Судот побараа правосилната пресуда да ја чекаат во домашен, а не во затворски притвор.
„ Барам поблага мерка, меѓутоа знам дека нема да ја добијам, така што не е проблем да останам во притвор“, побара првообвинетиот за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот.
„Исто така јас сама се пријавив во станица. Не правев никаков проблем и делото кога го извршив имав 18 години, сега направив 19 години. Во притвор“, рече второобвинетата Клементина Лефковска.
„Останувам, на се што кажа мојот бранител“, рече третообвинетиот Андреј Костовски.
Судот одлучи сите тројца обвинети да бидат во затворски притвор сè до правосилност на пресудата. Кривичен им пресуди вкупно 52 години, а адвокатите најавија жалби.
„Мислам дека пресудата е драконска. Казната превисока. Мислам дека една трагедија не се решава со друга трагедија. Ова за нас претставува голема неправда“, изјави Илија Танев, адвокат на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски.
„Превисока е определена оваа казна. Сметаме дека кон нашата обвинета Климентина во никој случај не постои ова кривично дело убиство, да има преземено одредени дејствија, удар, меѓутоа од нејзиниот удар нема настанато смрт“, изјави Емил Гугучевски, адвокат на Лефковска.
Надлежната обвинителка не ја коментира пресудата, но оцени дека казната е во законски предвидената рамка..
„Па казната е во рамки на законски предвидената казна, така што тоа е одлука на судот. Фактите правилно се оценети, да“, рече во кусата изјава обвинителката од ОЈО Скопје, Тања Трајчевска.
Судијката Елена Илиевска Јосифковиќ во изрекувањето на пресудата се осврна и на барањето на адвокатите да не се гонат обвинетите за убиство со умисла. Судијката во пресудата наведе дека обвинетите биле свесни за последиците, а обвинетите Аџело Ѓорѓиевски и Андреј Костовски не ѝ кажале на Брзата помош дека го удирале Денис Тот. Хрватскиот ракометар Тот почина во болница, ден по повредите кои ги доби од обвинетите пред ноќен клуб во Скопје.