Вкупно 34 пожари на отворено вчера, шест се активни

Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 34 пожари на отворен простор, од нив шест се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

За пожарот на прилепската територија, од ЦУК појаснија дека активни се краците кон селата Крушевица, Чумово и Селце и накај место викано „Чуле“ на Селечка Планина. На овие места горат нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума.

Активен е и пожарот во подрачјето на општина Чашка, во регионот на селото Ораов Дол. На оваа територија горат ниска вегетација, како и мешана, борова и липова шума.

Нискостеблеста шума гори во општина Петровец, кај селата Брезница, Градманци и Катланово.

Во штипскиот регион, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци и Топлик, како и во подрачјето на полигонот „Криволак“, опожарени се нискостеблеста шума, смреки и сува трева.

Мешана шума гори во општина Чучер Сандево, на територија на село Танушевци, место викано „Рамно“.

Сува трева и мешана шума горат во село Десово, општина Долнени.

Од ЦУК потенцираа дека пожарот на градската депонија во општина Крушево е ставен под контрола.

Пи Диди уапсен поради трговија со луѓе

Хип-хоп магнатот Шон „Диди“ Комбс е уапсен во Њујорк под „неодредени федерални обвиненија“, изјавија федералните власти, јави Би-Би-Си.

Апсењето на Менхетен уследи по рациите на два негови имоти во Лос Анџелес и Мајами во март. Лице блиско до обвинителството за „Њујорк тајмс“ изјави дека верува оти познатиот американски рапер е обвинет за рекетирање и трговија со луѓе во својство на сексуална експлоатација.

Адвокатот на Комбс, Марк Агнифило, рече дека се „разочарани“ од апсењето и дека неговиот клиент е „невин човек“. Музичарот се соочи со низа обвинувања, од сексуален напад до малтретирање, вклучувајќи ги и оние од неговата поранешна партнерка Касандра „Каси“ Вентура. Тој негираше се за што беше обвинет. /МИА

Герасимовски: Пријавете дупка на улица во вашето маало

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повика граѓаните да пријавуваат дупки на улиците со цел истите да бидат санирани.

Граѓаните тоа може да го направат преку пријавување на телефонскиот број 076381673 секој работен ден од 8 до 16 часот.

„Верувам дека овој начин на комуникација ќе донесе поголеми и побрзи резултати за граѓаните. Ние досега реконструиравме 17 улици, во моментов се работи на две тоа се улиците Елисие Поповски и Блаже Тодоровски и следуваат уште неколку за реконструкција. Но доколку станува збор за одредена дупка ги повикувам граѓаните да се јават на телефонскиот број, да ни остават точна локација и нашите службеници ќе ја пополнат,“ истакнува Герасимовски.

Општина Центар ќе продолжи да работи на редовно одржување на улиците со цел безбедно движење на граѓаните, велосипедите и автомобилите.

Со почит,

Општина Центар

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, како последица на вирусот починале четири лица

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години. 

Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица - две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=39; 68,4 отсто), a највисока инциденца е регистрирана во Делчево (14,7/100.000).

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.

Во текот на минатата недела (09-15.09.2024), пријавени се четири починати лица асоцирани со КОВИД-19, од Скопје (2), Битола и Тетово. Сите починати лица се на возраст над 70 години. Тројца починале во болнички услови, а кај три лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица се невакцинирани против КОВИД-19.

Во текот на 2024 година, а заклучно со 15.09.2024, во земјава се регистрирани вкупно 1.560 заболени и 20 починати лица асоцирани со КОВИД-19. Од појавата на првиот случај на КОВИД-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351.876 заболени со КОВИД-19 и 9.999 починати лица асоцирани со КОВИД-19.

притисни ентер