Вкупно 12 лица во самоизолација во Македонска Каменица

Вкупно 12 лица потврдиле дека се во самоизолација во Македонска Каменица, но се уште нема лица со решенија за карантин.

Ова го потврди градоначалничката на Македонска Каменица Соња Стаменкова, која информираше дека генерално мерките од Владата и Министерството за здравство главно се почитуваат и спроведуваат.

-Нема лица со решенија во карантин. Има 12 луѓе со изјава кои се во самоизолација бидејќи патувале во странство. Во соработка со МВР им укажавме на граѓаните дека не смеат да се собираат за време на пандемијата, изјави Стаменкова.

За спроведувањето на мерките од Владата, Стаменкова потенцираше дека врз основа на заклучоците на Општинскиот кризен штаб, се врши постојана дезинфекција на градските улици, јавните простори и урбаната опрема, дезинфецирани се влезовите во колективните станбени објекти, а се дели и бесплатно средство за дезинфекција за граѓаните од индивидуалните и колективните живеалишта.

Дополни дека во соработка со текстилни фабрики од Македонска Каменица во тек е производството на заштитни маски за потребите на општината.

-Маските првично ќе бидат доделени на припадниците на МВР, Итните медицински екипи вклучително и матичните доктори со медицинскиот персонал во Здравствената станица „Гоце Делчев". Исто така медицински заштитни маски, покрај комуналните работници и пожарникарите, ќе добијат и учениците од двете општински училишта, сите вработени, пензионерите, лицата со посебни потреби и социјално загрозените семејства на ниво на Општината, дополни Стаменкова.

Во изминатиот период во насока на заштита од заразата со КОВИД-19, надлежните целосно ја завршија дезинфекцијата на сите јавни локални и подрачни институции и канцеларии во општината./МИА

притисни ентер