Вицегувернерката Митреска на Форумот за Берлинскиот процес

 Имаме висока усогласеност за интеграција во европската платна инфраструктура.

Намалување на трошоците и подобрување на ефикасноста на плаќањата, олеснување на прекуграничната трговија и инвестициите, се само дел од многукратните придобивки од Единствената европска платежна област (СЕПА). Оттаму, од висок интерес за земјите од регионот на Западен Балкан е приклучувањето кон СЕПА и поврзувањето со платежната инфраструктура на Европската централна банка, додека поврзувањето на регионалните платни системи со примена на европските стандарди и регулаторни барања и размената на искуства е значаен чекор напред кон остварување на овие цели. Ова беа главните пораки на панел-дискусијата посветена на „Интеграцијата на регионалните платни системи за олеснување на трговијата и подготовка на земјите од Западен Балкан за евентуална интеграција во еврозоната“, во рамките на Форумот на економските министри за Берлинскиот процес, кој се одржа во Тирана, Албанија, каде што учество зедоа вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Вицегувернерката Митреска истакна дека нашата земја претендира на интеграција на платните системи во европската платна инфраструктура, заради што е спроведен и Проектот за модернизација на платните системи на Западен Балкан, под покровителство на Европската комисија, поддржан од Светската банка. Вицегувернерката појасни дека транспонирањето на европското законодавство за платните системи е во релативно напредна фаза, коешто се должи на новата законска рамка, Законот за платежни услуги и платните системи, како и на сетот од 26 подзаконски акти, со кои се обезбедува спроведувањето на законот, усвоени од Народната банка. Притоа, додаде дека во претстојниот период треба да се пренесат и други прописи коишто се однесуваат на СЕПА и прекуграничните плаќања. Покрај законските, потребни се и технички усогласувања на платните системи во земјава со стандардите коишто се практикуваат од СЕПА, поради што Народната банка, банките, како и операторите на платните системи, се фокусирани на нивно спроведување до крајот на 2025 година. „Имајќи ја предвид комплексноста на овој процес, потребна е координација со другите централни банки во регионот на Западен Балкан, размена на знаењата и засилување на комуникацијата со релевантните институции во ЕУ, со цел да ги премостиме законските и техничките јазови, додека се подготвуваме за апликација во СЕПА“, посочи вицегувернерката.

На панел-дискусијата на која зборуваше вицегувернерката Митреска, учествуваа и гувернерот на централната банка на Албанија Гент Сејко и гувернерот на Косово Ахмет Исмаили и вицегувернерките Ернадина Бајровиќ и Зорица Калезиќ, како претставнички на централните банки на БиХ, односно на Црна Гора.

Мицотакис најави релокација на село погодено од неодамнешните поплави

Локалното население и локалните власти, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на Мицотакис му ги претставиле главните проблеми со кои се соочуваат.

Релокација на селото Метаморфоси во областа Тесалија, кое беше особено погодено од невремето „Даниел“, беше во фокусот на посетата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговата средба со жителите и претставниците на локалната самоуправа, јави дописничката на МИА од Атина.

Локалното население и локалните власти, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на Мицотакис му ги претставиле главните проблеми со кои се соочуваат и разговарале за прашањето за преместување на селото што ќе се гради на повисока точка, по одлуката која самите жители ја донесоа.

По средбата, грчкиот премиер рече дека во рамките на неговата посета на областа Тесалија, сметал дека е негова должност да го посети и Метаморфоси за да поразговара со локалното население за иднината на нивното село.

-Штом и тие сакаат и се чини дека за тоа одлучија преку демократски процедури, им ја пренесов волјата на Владата, да се обврземе за изградба на ново Метаморфоси во просторот што е веќе одреден и веднаш ќе се проучи дали е соодветен. Верувам дека можеме многу брзо да тргнеме во оваа насока и конечно да дадеме дефинитивно решение за преселба на селотп, кое, како што знаете, не е првпат поплавено и ќе биде трајно во „окото на циклонот“ на климатската криза, која можеби станува се полоша и полоша, истакна Мицотакис. /МИА

Министрите од арапските земји бараат итен прекин на непријателствата во Газа

Министрите за надворешни работи на неколку арапски земји и Турција денеска во Вашингтон повикаа на итен прекин на војната во Појасот Газа и апелираа до САД да ја поддржат резолуцијата на ОН за хуманитарен прекин на огнот, пренесе Бета.

-Нашата порака е дека веруваме дека е апсолутно неопходно веднаш да се запрат борбите, рече саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, во име на групата, повикувајќи го Советот за безбедност на ОН да усвои резолуција за хуманитарен прекин на огнот во Газа.

Тој изрази жалење што се чини дека крајот на конфликтот не е „приоритет на меѓународната заедница“.

Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека решението е прекин на огнот, а неговиот јордански колега Ајман Сафади изрази уверување дека „приоритет број еден е да се запре агресијата“.

Тој предупреди дека Израел ќе има одврзани раце да „продолжи со масакрот“ доколку ОН не ја усвојат резолуцијата.

Делегацијата, во која членуваат министри од Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија и палестинските власти, подоцна денеска ќе биде примена од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Саудискиот министер изрази надеж дека американските партнери ќе направат повеќе и уверување дека можат да направат повеќе за да се стави крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас. /МИА

Политико: Администрацијата на Бајден бара прекин на војната во Газа до крајот на годината

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден им порача на израелските лидери дека треба да ја прекинат војната во Појасот Газа против Хамас до крајот на оваа година.

Тоа го објави весникот Политико, цитирајќи тројца неименувани официјални лица во Тел Авив, пренесе Бета.

Во извештајот на весникот се вели дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела го предупредил Израел дека има недели, а не месеци, да ги прекине борбите. Беше објавена и вчерашната изјава на американскиот заменик-советник за национална безбедност Џон Фајнер (Џон Фајнер) дека Вашингтон не му дал „цврст рок“ на Ерусалим.

-Тие не советуваа да не одиме во Газа, но ние отидовме. Отидовме во Газа затоа што тоа е единствениот начин да го уништиме Хамас и да ги ослободиме заложниците. Ни рекоа: „Не влегувајте во терористичките тунели“. Но, ако не влеземе во терористичките тунели, нема начин да го уништиме Хамас. Тие ни рекоа: „Не одете во болниците“, иако Хамас ги користи како командни и контролни центри, но отидовме во болниците и го направивме она што беше потребно“, рече неименуваниот функционер.

Тој додаде дека ќе се направи се што е потребно за да се постигне „решавачка победа“.

Покрај „уништувањето“ на Хамас и ослободувањето на заложниците, израелските лидери најавија дека „целта на војната е да се осигура дека Газа никогаш повеќе нема да биде закана за Израел“. /МИА

притисни ентер