Но, премиерот Зоран Заев не ја отфрла можноста за вакви разговори по Нова Година. Вели отворен е за соработка со сите политички субјекти.

„Можеби ќе се случат разговори после Нова година. Не би бил чесен ако не кажам дека сакам наместо 61 да имам 65 пратеници што значи и постабилно парламентарно мнозинство. Јас ќе продолжам да разговарам и со помали политички партии и одговорноста на овие ресори морам да ја распределам“, истакна премиерот Заев.

По напуштањето на Алијанса за Албанците на владината коалиција и оставките од позициите кои ги држеа кадри на Зијадин Села, премиерот најавува пополнување на испразнетите места до 15 јануари. Но, вели функцијата вицепремиер за реформи којашто ја понуди на Алијансата ќе ја чува токму за нив.

„Потпретседател на Владата за реформи значи да го координира дури и Заев, да го координира и министерот за правда, министерот за внатрешни работи, министерот за европски прашања и другите соодветни министерства. Успешноста на реформите на една мала партија ќе и даде отскочна даска или скалило повеќе во нејзиното позиционирање, истакна Заев.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски исто така вели дека се отворени за соработка со сите политички субјекти. Кирацовски вели за реформските закони очекуваат поддршка и од ВМРО ДПМНЕ и се надева дека пратениците на опозицијата ќе се врати во Собранието со почетокот на Новата година.




Датум на објава: петок, 29 декември 2017 во 15:29
Јулијана Николовска
Обновено во: 15:31

коментари

остави коментар