После предолги 20 годишни меѓусебни убедувања, закани, закажувања па откажувања, преговарања, преку разговарања со претходните Претседатели на Македонија, Пендаровски, Мијалков, Шеќеринска како и со помош на разни меѓународни фактори, конечно се оствари средбата помеѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.
Локацијата на средбата беше една клупа во Жена Парк во Скопје каде двајцата лидери си закажаа политичка дијалог средба но и една партија „табла“, за да во релаксирана атмосфера ги дискутираат горливите теми кои ги бараше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред почетокот на разговорите и „табла“ партијата, многубројните медиуми од Македонија и регионот го прашаа Ковачевски што очекува од новата Влада во Бугарија на што тој одговори:
Јас подолг период ( преку 20 год. н.з. ) потенцирам дека јас сум за брзо но не и избрзано решение со Бугарија, и останувам на тој став. Потоа Ковачевски седна на клупата редејќи ги своите пулови за првата игра од „таблата“.
Потоа до клупата на која ќе се случи средбата и партијата „табла“ се доближи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше прашан од новинарите кога конечно ќе почнат протестите на улиците низ Скопје, протести кои предолго ги најавува но никако не се случуваат, а Мицкоски во стил на стар скопски шмекер одговори:
Како одговорен политичар, следејќи ја политичката навигација на граѓаните, незадоволството од СДСМ кој нели, блеска со своите резултати, сакав да дадам шанса на политичкиот дијалог. Но еве денес, на 8 Април 2042 година ако не се договориме за предвремени избори ќе го повикам народот на Скопје да излезе на улиците и гласно и јасно го артикулира своето незадоволство од Заевизмот на Ковачевски и неговата партија СДСМ.
Нашата но и другите екипи присуствуваа на експлозивна реакција од страна на Ковачевски кој ја фрли „таблата“ на тревата во Жена Парк, и со драстично повишен тон му се обрати на Мицкоски: Јас избори не дозволувам се додека не дојде редовниот термин во 2044 год. Г-дине Мицкоски , убаво ви реков, ќе ви пуштам во „табла“ но разговор за избори не прифаќа, по што лидерот на СДСМ заедно со своите внуци ја напушти клупата во Жена Парк.
Мицкоски остана уште некое време сам, коментирајќи „Ние ќе ја кроиме иднината на нашата Македонија врз основа на потребите на граѓаните. Затоа бараме предвремени парламентарни избори, затоа што ние нема да дозволиме иднината да се крои во Мала Речица“, по што и тој со својата внука се упати кон својот дом.
Канал 5 ТВ побара став од двајцата премиери на Македонија ( Скопје ), г-дин Груби и г-дин Камчев, за нивен коментар за оваа историска средба, но од кабинетот на двајцата премиери само кратко одговорија:
„Владата на Македонија ( Скопје ) нема намера да коментира ставови на самонаречени лидери на партии кои повеќе од 10 години ги нема ниту во правниот ниту во политичкиот промет, за проблеми со земји кои повеќе не постојат, и како Влада сметаме дека двајцата некогашни политичари се одлична атракција за нашата нова земја Македонија ( Скопје ) која заедно со нејзините 400.000 жители на 2ри Август ќе слави 10 години од своето постоење.
Владата максимално се залага за членство во Ретроунијата помеѓу федерациите на СХС ( Србија, Хрватска и СЛовенија ), кралството Австро-Унгарија како и Галското Царство ( во кое членуваат 6 некогашни западноевропски земји на чело со Франција ), во кое се надева дека ќе влезе заедно со соседните Тетово, Куманово и Штип, регионални центри на Албанија, СХС и Голема Русија.
Канал 5 ТВ за утре најавува две ексклузивни интервјуа со Министерот за правда , г-дин Димитар Апасиев , лидер на партијата Десница како и со Министерот за култура и медиуми, г-дин Бојан Јованоски, лидер на партијата „Дом за Пензионери“.
Останете со Канал 5 ТВ
(Текстот е фиктивен текст, козерија , автор ИСМ )