Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. 

Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.

Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини.

Во Хрватска предизборен молк пред парламентарните избори

Предизборен молк  стапи на сила во Хрватска на полноќ во пресрет на парламентарните избори в среда, на 17 април, а ќе трае до затворање на гласачките места во 19 часот

Во Хрватска ќе бидат отворени повеќе од 6.500 избирачки места за 11-те парламентарни избори, а првиот ден од гласањето е денеска 16 април во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, како посебна изборна единица.

На вкупно 165 листи има 2.302 кандидати кои се борат за 151 мандат во хрватскиот Сабор Среда, 17 април ќе биде неработен ден во Хрватска.

Пратениците во 151-члениот парламент се избираат со мандат од четири години.

Од 10 изборни единици се избираат 14 пратеници. Одделно, осум пратеници влегуваат во парламентот како претставници на малцинствата во Хрватска, а три пратенички места се резервирани за дијаспората.

Прекршувањето на забраната за изборна кампања не се санкционира, но Државната изборна комисија повикува на етичко однесување на учесниците на изборите и медиумите.

Со изборниот молк завршува 17-дневната официјална кампања пред парламентарното гласање, кое претседателот Зоран Милановиќ го закажа за 17 април, среда. Во Хрватска парламентарните избори секогаш се одржуваа во недела, со исклучок на 2000 година кога се одржаа на 3 јануари, понеделник.

Во странство денеска и утре ќе се гласа во вкупно 41 држава.

Роналдо се соочува со суспензија на два натпреварa

 Фудбалерот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо ќе биде суспендиран на два натпревара, пишува „Asharq Al-Awsat“.

Според тамошниот медиум, откако 39-годишниот Португалец беше исклучен во полуфиналето на Суперкупот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:2), дисциплинската комисија на фудбалската федерација ќе одлучи да го дисквалификува Роналдо две средби.

По испрашувањето на напаѓачот за инцидентот, играчот изјави дека е незаслужено исклучен.

Роналдо на мечот против Ал-Хилал го турна противникот без топка по страничната линија, откако претходно му ја исфрли топката од раце. Откако напаѓачот доби црвен картон, замавна со тупаница кон судијата.

Оваа сезона Роналдо одигра 37 натпревари, постигнувајќи 36 гола и 12 асистенции.

притисни ентер