Вести на Канал 5 во 18, 03.05.2025 - Канал 5

Кошта бара да се испорача договореното од 2022, за Мицкоски предлог без гаранции е неприфатлив

Нема простор да се бара повеќе а договореното од 2022 да се испорача – е пораката која претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта ја упати по средбата со премерот Христијан Мицкоски. 

Кошта бара да се испорача договореното од 2022, за Мицкоски предлог без гаранции е неприфатлив

Оцени дека евроинтегративниот процес на Македонија трае предолго време и дека е постигнато многу. Прашан околу гаранциите дека земјава нема да се соочи и со други барања, Кошта вели дека договореното е јасно.

-Знаеме што беше договорено во 2022 година и мора да го испорачаме тоа. И јас совршено добро сфаќам кога премиерот вели дека веќе е променето знамето на нашата држава, дека имало измени на Уставот. Сите тоа го сфаќаат. Сега треба да бидеме сигурни дека никој нема да дојде и да побара нешто повеќе од она што претходно било договорено. И јас навистина се согласувам со него, она што е договорено е договорено и сега треба да испорачаме,- изјави – Антонио Кошта – Претседател на Европски Совет .

Премиерот Христијан Мицкоски потенцираше дека ставот за уставните измени останува непроменет и дека ќе остане таков додека Софија не покаже добра волја и не ги спроведе пресудите од Судот во Стразбур кои се однесуваат на Македонците во Бугарија. Вели дека е подготвен во Брисел да разговара со бугарската страна.

-Никој кај нас нема проблем како дел од Преамбулата да ги вметне да речеме Хрватите, Црногорците, Словенците и останатите, затоа што имаме принципиелен однос со тие држави, дури ни Португалците, Шпанците или Французите. Немаме ние таков проблем. Јас не можам да излезам и немам совест да излезам пред македонските граѓани и да им кажам дека ќе биде променет уставот а притоа да заборавам дека најмалку 14 пресуди од Стразбур има за Македонците од другата страна на границата коишто Бугарија игнрира да ги примени,- изјави – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада.

Средбата Кошта – Мицкоски траеше повеќе од еден час. И двајцата ја оценија како пријателска и конструктивна и заклучија дека иднината на земјава е во ЕУ. Разговарале и за спроведувањето на реформите и коридорите 8 И 10.

По средбата со премиерот, Антонио Кошта во Вила Водно се сретна и со претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Посетата на претседателот на Европскиот Совет на Македонија е дел од неговата турнеја во земјите од Западен Балкан. Премиерот Мицкоски ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана каде утре лидерите на Западен Балкан имаат состанок на Европската политичка заедница.

Стармер од Тирана: Путин е тој што ги одолговлекува работите и предизвикува одложувања

-Путин е тој што ги одолговлекува работите и предизвикува одложувања на прекинот на огнот.

Стармер од Тирана:  Путин е тој што ги одолговлекува работите и предизвикува одложувања

Она што се случи денеска е доказ дека Путин е тој што ги одолговлекува работите и предизвикува одложувања на прекинот на огнот. Мора да имаме санкции бидејќи Путин ја продолжува својата агресија на овој начин, изјави британскиот премиер Кир Стармер, на заедничката прес-конференција во Тирана, со неговиот албански колега Еди Рама.

-Веќе неколку месеци Украина е јасна во однос на прекинот на огнот. Путин беше агресор и го попречува мирот, ова е Русија и тој е Путин. Ова е доказ за она што го реков, Путин е тој што ги влече работите надолу, рече Стармер околу неучеството на рускиот претседател Владимир Путин, на мировните преговори денеска во Турција, објавија албанските медиуми.

Од своја страна, Рама, откако иронично кажа дека ни најмалку не чувствуваат носталгија, што „ниту еден руски претседател или премиер не стапнал во Албанија и никој од тука не одлетал во Русија“ ја повтори поддршката на неговата земја за Украина.

Во неговиот познат стил тој одговорил и на прашањето на британски новинар, за двајцата премиери, дали разговарале за прифатни центри за мигранти во Албанија „Ние сме верни на бракот со Италија, а останатото е љубов“.

-Бев јасен уште од првиот ден кога го започнавме процесот со Италија, тоа беше единствен договор со Италија поради нашиот посебен однос, но и поради географската положба што е доста значајно. Да бидам искрен со вас, многу земји прашаа, а ние рековме не. Ние сме верни на бракот со Италија, а останатото е љубов, рече Рама.

Неговиот гостин изјави дека за ова прашање разговарале со голем број земји, и оти истото го гледа како иновативно и важно прашање.

-Тоа што сакам да го направам е да го зголемам бројот на овие центри за реадмисија. Работата што ја направивме со Албанија, со потпишаните договори, е од витално значење. Мило ми е што ги покривме празнините и вративме 24 илјади албански граѓани кои дојдоа нелегално, додал тој.

И двајцата оценија дека е вистинска привилегија што за првпат во посета на Албанија е британски премиер, што е „доказ за силните односи што постојат меѓу двете земји“.

Љутков: Библиотеките мора да се приспособат, да бидат подостапни за сите граѓани без исклучок

На попреченоста не треба да се гледа како на пречка туку како на предизвик.  Таа треба да биде поттик за библиотеките да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани. 

Љутков: Библиотеките мора да се приспособат, да бидат подостапни за сите граѓани без исклучок

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во рамките на Конференцијата на библиотекарите со наслов „Услуги за корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“, порача дека библиотеките мора да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и подостапни за сите граѓани без исклучок.

„На попреченоста не треба да се гледа како на пречка туку како на предизвик. Таа треба да биде поттик за библиотеките да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани. Затоа денес, кога технологијата ни нуди сè поголеми можности, немаме изговор да не го направиме тоа. Говориме за пристапност во физичка смисла – како пристап до просториите, но и за пристапност до содржините – преку Брајово писмо, аудиокниги, дигитални формати, приспособени образовни програми и персонализирана поддршка“, рече министерот Љутков.

Според Љутков, сите ние, а особено институциите што ја носат одговорноста за културниот развој, мора да гледаме на достапноста не како на дополнителна обврска, туку како на основен принцип. Оваа конференција е важен чекор во таа насока.

„Како Министерство за култура и туризам, свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат библиотеките денес, затоа ние сме тука да ве поддржиме не само со зборови, туку и со дела. Да креираме заедно културни институции во кои достапноста и грижата не се додаток, туку темел“, порача Љутков.

На Петтата конференција на библиотекари, што се одржува во Велес во организација на Библиотекарското здружение на РМ, учествуваат библиотекари од земјава и од странство: Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Индија и Босна.

притисни ентер