Велес ќе добие модуларна монтажна КОВИД болница

На Велес му се доделени модуларни елементи, кои се странска донација, за изградба на модуларна монтажна КОВИД болница со капацитет од 33 болнички легла. 

Ќе биде изградена на парцела до хелиодромот над Хирушките амбуланти на ЈЗУ Општа болница, на местото познато како „Германски гробишта", информира на денешната прес-конференција градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

– Во наредниот период ќе се бара решение како да се завршат инфраструктурните работи за да може да дојде до монтирање на елементите. Локацијата која е одредена за оваа намена е парцелата лево од Инфективното одделение веднаш до хелиодромот над Хирушките амбуланти на ЈЗУ Општа болница, Велес, изјави Коцевски.

Тој посочи дека Велес е една 16 општини каде треба да се распределат модуларните КОВИД болници.

Тој информира дека за оваа намена на барање на Министерството за здравство, општините треба да го бетонираат платото и да обезбедт приклучок на водоводна и канализациона мрежа, иако болниците се национални, а не локални установи и тоа не е надлежност на локалните самоуправи.

– Ние за жал немаме предвидено таква ставка во буџетот и допрва треба да бараме решение како да обезбедиме средства за да ги извршиме нашите надлежности или треба да ја известиме Владата и Министерството за здравство дека не можеме да обезбедиме такви средства. Причината е затоа што финансиската состојбата на Општината станува критична поради состојбата со КОВИД-19 и по последиците од невремето, а кои ни одземаа допонително финансиски средства. Така што ќе мора да правиме или со ребаланс на Буџетот или со измена на програмите, да обезбедиме средства за оваа болница, појасни Коцевски. /MИА

Врховниот суд ги одби жалбите Груевски, Јанкуловска и Поповски за случајот „Тенк“

Врховниот суд ги одби жалбите на поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и екс министерката Гордана Јанкуловска за случајот Тенк.

Со ова се потврдија затворските казни кои претходно ги досуди скопска Апелација, а со која Груески е осуден на две години затвор, Поповски на четири ипол години, а Јанкулоска на казна затвор од четири години.

Грчките медиуми за интервјуто на Заев за МИА

Онлајн изданието на весникот „Етнос", акцентот го става на делот од интервјуто на Заев за МИА во кое вели дека Мицотакис изразил желба да го посети Скопје.

На најавената меѓувладина седница меѓу двете земји, го ставаат акцентот, онлајн изданијата на грчките медиуми во текстот преземен од грчката новинска агенција АНА-МПА, за интервјуто на премиерот Зоран Заев за МИА по средбите во Грција за време на дводневната работна посета, јави дописничката на МИА од Атина.

АНА-МПА под наслов „Меѓувладина седница меѓу Грција и Македонија, најави Заев", пишува дека ќе биде потпишан договор за избегнување на двојното оданочување, објаснува дека тоа ќе биде втора седница по првата одржана во април 2019 во Скопје и ги пренесува ставовите на македонскиот премиер, како во однос на големите можности за соработка меѓу двете земји, така и за интересот за учество во проектот за снабдување со течен природен гас кај грчкиот град Александруполи.

„Заев: Меѓувладина седница на Македонија и Грција"; „Меѓувладина седница на Македонија и Грција, најави Заев"; „Заев: Мицотакис сака да дојде во Скопје – следните чекори", се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, во текстови главно преземени од АНА-МПА.

Онлајн изданието на весникот „Етнос", акцентот го става на делот од интервјуто на Заев за МИА во кое вели дека Мицотакис изразил желба да го посети Скопје, а ја споменува и понудената подготвеност на Грција, да ја снабди Македонија со вакцина за Ковид-19.

Посетата на Заев на Атина и средбите со Мицотакис и Сакеларопулу, предизвика интерес кај медиумите во Грција кои информираа за разговорите со грчкиот државен врв, а македонскиот премиер, додека престојуваше во Грција за конференцијата на „Економист" , освен за МИА, даде интервјуа и за грчката телевизија „Мега" и за весникот „Та неа".

Истражување: Лошите временски услови предизвикаа елементарна катастрофа кај голем дел од лозовите насади во Тиквешкиот регион

 Лозарството и винарството во земјава се едни од најпогодените гранки со кризата, но и со лошите временски услови.

Винарниците се полни заради намалената продажба, додека состојбите со бербата 2020 не се ништо подобри. Лозовите насади во Тиквешкиот регион се во лоша здравствена состојба, а кај голем дел од нив, на повеќе локации, констатирано е присуство на болеста ботритис, што негативно влијае на квалитетот на грозјето.

Ова се наодите од истражувањето, што по иницијатива на Стопанската комора на Македонија го направи Земјоделскиот институт од Скопје за состојбата на лозовите насади на неколку локации со винови насади во тиквешкиот регион како најголем вински регион во земјата.

Истражувањето, како што соопшти Стопанската комора, е спроведено на локалитетит Рибарци, Манастирец, Краиште, Црвени Брегови, Дисан – Дуброво, Дисан- Салиев Брест, Дисан – Вешје, Сопот – Смолник, Сопот- Кошариште, Сопот – Курија, Ило Виларов, Белград, каде има лозови насади од сортите вранец и смедеревка.

– Лошиот квалитет на грозјето на овие лозови насади во тиквешкиот регион, во кој се сместени 45 проценти од вкупната површина на лозови насади во земјава, според наодите од истражувањето на Земјоделскиот институт од Скопје, се должи на обилните дождови во вториот дел од вегетацијата, како и грешки во заштитата на лозовите насади. Во одредени локалитети е утврдено оштетување на зрната од над 90 отсто, како резултат на големото присуство на вода, се наведува во соопштението.

Покрај овие неповолни состојби и присуство на болеста ботритис, стручните лица од Институтот кои ја вршеле анализата утврдиле присуство на гроздов молец што дополнително негативно влијае на квалитетот на грозјето на овие локалитети.

– Ваквата ситуација резултира со висок принос на грозје со намалена содржина на шеќер во гроздовиот сок кај двете сорти – вранец и смедеревка. Високата инфицираност на грозјето со ботритис доведува и до голема содржина на глукани и глуконска киселина која негативно влијае на квалитетот на виното доколку ова грозје се употреби во производство во ваква состојба, се наведува во заклучоците од анализата на состојбата на терен која ја спроведе Земјоделскиот институт.

Болеста ботритис, како што посочуваат од Стопанската комора, е опасна и заразна и може да предизвика контаминација како на здравото грозје, така и на винарските визби ако примаат вакво болно грозје.

притисни ентер