Вакциналните пунктови соочени со недостиг на кадар

Вакциналните пунктови соочени со недостиг на кадар, едно од можните решенија правилна прераспределба.

Вакциналните пунктови низ државава се соочуваат со недостиг од кадар. Од Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во изјава за МИА велат дека на територија на градот Скопје, но и во државата, генерално, постои голем дефицит на медицински сестри насекаде, вклучувајќи ги и пунктовите за вакцинација. Од Министерството за здравство пак, потенцираат дека се работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи.

Според податоците со кои располага Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во општина Гази Баба, како една од поголемите општини со голем број пунктови, недостасуваат сестри во претшколските и во школските диспанзери, а во општина Прилеп недостасуваат две, односно четири медицински сестри во овие диспанзери.

Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, за МИА вели дека во овој момент, едно од можните решенија за да се надмине проблемот е правилната прераспределба.

- Од општините каде има доволен и непотребен број медицински сестри, истите да се прераспределат во здравствените домови каде што недостасуваат на територија на град Скопје. На пример, со случајот во општина Прилеп, каде до 15 јануари, шест доктори од концензионерските ординации заминаа во пензија, зад себе оставија медицински сестри кои во моментов се без работа. Со нивно вработување, како искусни медицински сестри, може веднаш да се надополни дефицитот, истакнува Бешлиовска.

Едно од главните решенија, како што додава Бешлиовска, е и континуираното организирање конкурси за вработување и тоа не само во овој дел, туку на сите нивоа во здравствениот систем.

- И тоа не само во овој дел, туку и во патронажните служби, како и во стационарите на секундарно и терциерно ниво на здравствениот систем. Заклучокот е дека сепак, превенцијата е најважна. Само еден грам превенција спречува тони лекувања, а нам ни е најважно да направиме сè за доброто на корисниците на услугите, односно за пациентите, нагласува Бешлиовска.

МИА се обрати и до Министерството за здравство, од каде побаравме одговор дали има недостиг на кадар во пунктовите за вакцинација низ државава. Во одговорот којшто го добивме оттаму се вели дека сите пунктови функционираат согласно потребите на населението и вакцинацијата се спроведува непречено.

- Министерството за здравство континуирано работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи. Континуирано се реализираат обуки на кадарот за вакцинација, зајакнати се инфраструктурните капацитети, со цел да се одговори на сите предизвици и да се обезбеди непречена и ефикасна вакцинација во целата држава, се наведува во писмениот одговор на Министерството за здравство. /МИА.

Почина архиепископот на Албанија Анастасиос

 На 95-годишна возраст утрово почина поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница, а здравствената состојба му беше критична.

На 95-годишна возраст утрово почина поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница, а здравствената состојба му беше критична, јави дописничката на МИА од Атина.

Поглаварот на Албанската православна црква на 30 декември бил превентивно примен во болница во Тирана со сезонски вирус, меѓутоа ситуацијата се влошила, па на 3 јануари во вечерните часови со авион на грчкото воено воздухопловство, итно беше пренесен во болница во Атина.

Пораки со сочувство за смртта на архиепископот испратија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, како и од опозициската СИРИЗА.

Роден како Анастасиос Јанулатос, архиепископот беше теолог, мисионер, писател и поранешен професор на Универзитетот во Атина, а во изминатите 32 години беше поглавар на Православната црква на Албанија, која тој самиот ја обнови во 1992 година под сегашната титула, откако мисијата ја доби од Вселенската патријаршија.

Со неговата напорна работа и посветеност биле формирани над 400 парохии, основал Богословско-свештеничката школа во Драч и црковната гимназија во Аргирокастро, обучил и ракоположил 145 нови свештени лица, се грижел за издавање на литургиски и други верски книги, се погрижил за обнова на 150 нови цркви, за реставрација на 70 манастири и цркви-културни споменици и за поправка на 160 цркви и 45 црковни објекти, односно вкупно 425 објекти, а го основал и првиот женски манастир.

Архиепископот Анастасиос дополнително им помагал на сиромашните, дистрибуирајќи стотици тони храна, облека и лекови, ги основал првиот православен албански весник, како и списанија за деца и млади, научно списание и радио.

Паралелно со возобновувањето на Православната Црква, развил програми од областа на образованието, здравството, социјалната заштита, руралниот развој, културата и екологијата.

Во 2000 година архиепископот Анастасиос беше номиниран за Нобеловата награда за мир.

Грчкиот Парламент гласа за избор на претседател на земјата

По пет дена ќе се одржи второто гласање и доколку и тогаш не се постигне потребното двотретинско мнозинство, ќе се одржи и трето на кое ќе бидат потребни три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници.

Претпладнево пратениците во грчкиот Парламент ќе гласаат за претседател на Грција, а првпат по над 30 години предложени се четворица кандидати, меѓутоа според калкулациите, не се очекува при денешното прво гласање да биде постигнато потребното двотретинско мнозинство, со што по пет дена ќе се одржи ново, второ гласање, јави дописничката на МИА од Атина.

До неодамна претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, како предлог од владејачката Нова демократија, поранешниот министер Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели предлог од СИРИЗА и писателот Костас Кирјаку прдложен од партијата Победа, се четворицата кандидати за кои ќе гласаат пратениците.

Согласно грчкиот Устав, претседателот го одбира Парламентот и предвидени се најмногу пет гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно најмалку 200 гласа, нешто што не се очекува да се случи за време на денешното гласање.

По пет дена ќе се одржи второто гласање и доколку и тогаш не се постигне потребното двотретинско мнозинство, ќе се одржи и трето на кое ќе бидат потребни три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници.

Доколку никој од кандидатите не добие ни 180 пратеници, ќе следи и четврто гласање, повторно по пет дена, кога ќе биде потребно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно најмалку 151 глас, а доколку и ова мнозинство не се постигне, гласањето се повторува по пет дена, по петти пат и за претседател се избира кандидатот кој добил соодветното мнозинство.

Според ставовите на партиите и пратениците, новиот претседател се очекува да биде избран по четвртото гласање, кое ќе се одржи кон средината на февруари и да биде избран Константинос Тасулас за шеф на државата со најмалку 158 гласа, од кои 156 од Нова демократија и два од независните пратеници Салмас и Самарас, кои до неодамна беа дел од владејачката партија.

Со уставните измени на крајот на ноември 2019 година, изборот на претседател се одвои од предвременото распуштање на Парламентот, за да се избегне реприза на она што се случи во 2015 година, кога недоволниот број гласови за претседателскиот кандидат доведе до предвремени избори во земјата.

Гласањето за претседател е јавно, со прозивање на секој од пратениците, кои се вкупно 300 на број, а ќе имаат можност да изберат еден од четворицата кандидати.

Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава.

Повеќе од сигурно е дека ниту еден од кандидатите од опозициските партии нема да го освои потребното мнозинство, со што се очекува Тасулас да биде новиот претседател на Грција.

Од јули 2019 година до пред десетина дена беше собраниски спикер, позиција на која три пати со широко мнозинство беше изгласан од пратениците, адвокат по професија и 25 години пратеник од Нова демократија, додека пак во однос на ставовите кон нашата земја, генерално, ставовите на идниот грчки претседател не се разликуваат од оние на актуелната Влада.

Како што анализираше МИА минатата седмица, Тасулас, согласно неговите јавни изјави изразени во изминатите години како претседател на Парламентот, ја поддржува европската перспектива и на регионот и на Северна Македонија, но и порачува дека е неопходно да се почитува Договорот од Преспа, додека пак на крајот на октомври 2022 година на маргините на Конференцијата на претседателите на Парламентите на земјите – членки на Советот на Европа, беше првиот претседател на грчкиот Парламент што се сретна со негов македонски колега и по средбата со тогашниот спикер на Собранието Талат Џафери порача дека парламентите со кои претседаваат „треба да го покажат патот за подобрување на односите меѓу двете земји“.

Во однос на ратификациите на трите меморандуми со нашата земја потпишани по Договорот од Преспа, кои сè уште чекаат да бидат ставени на дневен ред, на крајот на септември 2020 година, Тасулас, како претседател на грчкиот Парламент, посочи дека „трите ратификации на меѓународните договори со Северна Македонија немаат карактеристика на итни“.

Тасулас беше предлог на владејачката Нова демократија за шеф на државата, како што во телевизиска порака до граѓаните пред десет дена, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Резултатите на последните две истражувања на јавното мислење за телевизиите „Алфа“ и „Скај“ спроведени во текот на минатата седмица покажаа дека 43 односно 49 проценти од анкетираните не се согласуваат со владиниот предлог за претседател на земјата.

притисни ентер