Утре во Скопје се отвараат новите простории на Бугарскиот културен – информативен центар

Се прават последните подготовки за утрешното отворање на новите простории на бугарскиот културно-информативен центар во Скопје. Целта е преку промоција на културата да се затоплат  македонско-бугарските односи.

Бугарскиот културно информативен центар се сели на нова адреса. Во овие простории позади мене во строгиот центар на главниот град утре ќе бидат отворени вратите на културниот центар чија цел е продлабочување на односите меѓу двете земји...

Директорката на Центарот, Антониа Велева, во изјава за Канал 5 вели дека ова е државна институција, а официјалното отворање на новите простории се подготвувало подолго време и нема никаква поврзаност со контроверзните бугарски клубови кои се отворија неодмна и се приватни. Од бугарска страна досега присуството го потврдиле министерот за култура Миников, кој како што изјави Велева, тука ќе се сретне со неговата македонска колешка Бисера Костадиновска Стојчевска. Потврда има и од двајца заменик претседатели од бугарското Собрание, а претставник ќе има од кабинетот на бугарската потпретседателка Јотова.

„Всушност, времето за отворање нема никаква врска со какви и да биле околности. Едноставно завршивме со подготовката на нашите простории и галеријата, буквално пред околу 15 дена. Гледате дека се уште имаме мајстори, така што, требаше да започнеме со поактивна дејност и токму заради тоа, сега отвораме. Да се позиционираме навистина на место каде ќе има можност да кажеме дека ние сме видлива институција, изложбите кои ги правиме се достапни за сите, да има повеќе гости и да претставуваме поголем круг од културни претставители од двете држави, изјави Велева.

Од македонската влада не откриваат кој се ќе оди на отворањето. Засега е познато дека ќе присуствува министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. Таа за Канал 5 вели дека културната соработка меѓу државни институции е вистинскиот пат за меѓусебно пријателство.

Од бугарскиот културно информативен центар велат дека ова е резултат на Спогодбата од март 2003 година кога и во двете земји се основаа вакви центри.

Франција ќе биде домаќин на Конгрес за универзално укинување на смртната казна

Франција ќе биде домаќин на следниот Светски конгрес за универзално укинување на смртната казна во 2026 година, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон по повод 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.

- Таа борба (против смртната казна) е неопходна, подвлече францускиот претседател, додека оваа практика е се уште многу распространета во Саудиска Арабија, Кина и Иран и не е укината во САД.

На 10 декември 1948 година, ОН ја усвоија Универзалната декларација за човекови права во Париз, каде што вчера беше организирана прослава.

Макрон нагласи дека воспоставените принципи за заштита на човековите права не се ниту „културни“ ниту „западни“ и дека се „отворени за сите луѓе“. /МИА

Казнети 267 возачи во Скопје, 128 за брзо возење

На територија на Град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 267 мерки во контролите во областа на сообраќајот што го спроведува Секторот за внатрешни работи Скопје.

Како што соопшти МВР, за возење повеќе од дозволената брзина изречени се 128 санкции, 12 мерки за возење без возачка дозвола, 31 меркa за некористење на сигурносен појас, седум санкции за управување под дејство на алкохол...

- Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, се наведува во соопштението од МВР.

Бајден утре ќе го пречека Зеленски за разговори во Белата куќа

Претседателот на СAД Џо Бајден утре ќе биде домаќин на својот украински колега Володимир Зеленски, со кого ќе има средба во Белата куќа.

Бајден го повика Зеленски за „да ја нагласи непоколебливата посветеност на САД да го поддржат народот на Украина додека тие се бранат од бруталната руска инвазија“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

„Додека Русија ги засилува нападите со ракетни и беспилотни летала против Украина, лидерите ќе разговараат за итните потреби на Украина и за виталната важност од континуираната поддршка од САД во овој критичен момент“, додаде таа во изјавата.

Кабинетот на Зеленски на Телеграм објави дека украинскиот претседател ќе пристигне во Вашингтон на 11 декември и ќе се сретне со Бајден за време на работната посета која ќе опфати „низа состаноци и разговори“.

Клучни теми на посетата ќе бидат одбранбената соработка меѓу САД и Украина, „особено преку заеднички проекти за производство на оружје и системи за противвоздушна одбрана, како и координација на напорите на нашите земји во наредната година“, објави кабинетот на Зеленски. /МИА

притисни ентер