Утре облачно, ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец

Времето утре оретпладне ќе биде променливо облачно со поголема облачност во западните делови. 

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне облачноста ќе се намали. Минималната температура ќе биде во интервал 1 до 7, а максималната од 8 до 14 степени.

Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 12 степени.

Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег. Врнежите најпрвин ќе почнат во недела попладне, а ќе бидат пообилни во понеделник (на повеќе места над 20 л/м2). Поради заладување проследено со засилен северен ветер врнежите во вторник ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, велат од УХМР.

Влада: Наставата во основното и средното образование ќе трае 172, односно 158 наставни денови

Владата на денешната трета седница, којашто се одржа преку видео конференциска врска, донесе Одлука за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во основните училишта во услови на вонредни околности.

Со оваа одлука бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во основните училишта во услови на вонредни околности се утврдува на 172 наставни денови, што значи дека зимскиот распуст на учениците ќе трае до 1 февруари 2022 година, а учебната година ќе заврши на 10 јуни 2022 година.

Одлука со истата содржина е донесена и за средните училишта, што значи дека и во овие образовни институции бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта во услови на вонредни околности се утврдува на 172 наставни денови односно 158 наставни денови за завршната година на средното образование, зимскиот распуст на учениците ќе трае до 1 февруари 2022 година, а учебната година ќе заврши на 10 јуни.

Одлуката за почетокот на второто полугодие во основните и средните училишта за први февруари годинава е донесена на претходната седница на Владата и по препораката на Главниот координативен кризен штаб согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.

Со денешната одлука се овозможува соодветна адаптација на наставните програми со цел запазување на датумот 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година.

Мајкрософт ја откупува компанијата, автор на Call of Duty за 68,7 милијарди долари

Microsoft објави дека ја купува Activision Blizzard за 68,7 милијарди долари. Трансакцијата, пишува Ројтерс, била извршена одеднаш..

Ова е огромна и изненадувачка вест што може драстично да влијае на иднината на растечката индустрија на видео игри. Activision е познат по серијата Call of Duty, но и по многу други популарни наслови.

Покрај Call of Duty, Activision Blizzard ги има следните наслови: Warcraft, World of Warcraft, Diablo, Crash Bandicoot, StarCraft, Tony Hawk, Overwatch, Candy Crush, Guitar Hero, Spyro ...

Тоа е најголемата аквизиција во историјата на индустријата за игри.

Сè уште не е можно да се знае, но лесно е можно оваа аквизиција да има огромно влијание врз иднината на индустријата за игри. Имено, Microsoft е сопственик и производител на популарната конзола Xbox, која со години води голема битка со поуспешниот и се уште популарен PlayStation. Со оваа аквизиција, Xbox сигурно ќе добие огромен замав, имајќи предвид дека сите горенаведени игри, како и многу други произведени од Activision Blizzard, би можеле да бидат ексклузивни за конзолата на Microsoft.

Тоа, се разбира, е само можност. Но, секако гејмерската индустрија се соочува со огромни промени после ова.

За почеток, претплатниците на Xbox Game Pass наскоро ќе ги добијат повеќето од гореспоменатите наслови.

„Ќе ги ставиме сите наслови на Activision Blizzard на Game Pass на конзолите и компјутерите на Xbox“, рече Фил Спенсер, шеф на Xbox.

Веста доаѓа нешто повеќе од една година откако Microsoft ја купи ZeniMax Media за 7 милијарди долари, давајќи не само Bethesda Game Studios туку и Arkane Studios, id Software и Machine Games во еден потег.

Поради овој потег, Microsoft има игри од сериите Elder Scrolls, Fallout, Doom, Dishonored и Wolfenstein. Ова се исто така некои од најпопуларните игри на сите времиња.

Европскиот парламент има нова претседателка на местото на починатиот Сасоли

Новата претседателка на Европскиот парламент е Малтежанката Роберта Мецола, која победи во првиот круг од изборите со 458 гласови.

„Давид Сасоли беше борец, тој се бореше за Европа, за нас, за овој парламент“, рече Мецола на почетокот на својот победнички говор, додавајќи дека ќе продолжи да оди по тој пат.

Таа им порача на европратениците дека Европскиот парламент мора да ги напушти Стразбур и Брисел и да се доближи до сите европски градови, да ја поддржи Конференцијата за иднината на Европа и да обезбеди успех на овој демократски проект. „Треба особено да ги слушаме младите“, рече Мецола, бидејќи 2022 година е европска година на младите.

Таа повика на заедничка борба против климатските промени.

„Треба да му покажеме на остатокот од светот дека борбата против климатските промени е нашата заедничка судбина“, рече новата претседателка на ЕП, додавајќи дека е можно истовремено да се зачува животната средина и да се зајакне економијата.

Мецола е третата жена што го води ЕП по Симона Веил (1979-1982) и Никол Фонтен (1999-2002). Таа е во Европскиот парламент од 2013 година, а во 2004 година како студент ја водеше кампањата за прием на Малта во ЕУ. Во трката за претседател на ЕП, Швеѓанката Алис Кунке освои 101 глас, а Шпанката Сира Рего од Клубот на левицата освои 57 гласа од 705 пратеници во Европскиот парламент.

Италијанскиот социјалист Сасоли, претходникот на Мецола на чело на парламентот, почина на 11-ти јануари во болницата во Авијано, каде што бил хоспитализиран од 26-ти декември „поради тешки компликации од дисфункција на имунолошкиот систем“.

притисни ентер