Уште шест дена претставување на изборните понуди на партиите пред граѓаните

Остануваат уште шест дена политичките партии и коалициите кои ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на 15 јули да ги претстават своите изборни програми пред граѓаните. 

Кампањата завршува на 12 јули во 24 часот кога и официјално почнува предизборниот молк.

Централниот караван на коалицијата „Можеме" предводена од СДСМ денеска својата програма ќе ја претстави пред граѓаните во Гостивар и Делчево, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија" ги продолжува своите изборни активности во Лозово, Свети Николе и Велес.

СДСМ презентацијата на програмата вчера ја насочи пред се кон политиките за младите. Лидерот на оваа партија Зоран Заев најави дека преку конкретни, ефикасни, структурни мерки и политики, се обврзуваат стапката на младинска невработеност до 2024 година да ја донесат под 17 проценти. За таа цел, потенцира тој, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за оваа година продолжува со рекорден буџет за 2020 година од 1,3 милијарди денари и тој буџет ќе продолжи да расте.

Тој нагласи дека обезбедуваат директна поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови во висина од пет до 15 илјади евра неповратни средства за започнување сопствен бизнис.

– Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето. Ова се пари кои одат директно на сметките на младите, односно повисоки плати за 10 посто веднаш. Поранешното „Македонско село" кое е во државна сопственост, го трансформираме во „Старт-ап село" („Start-Up Village") кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка. Мерката за три илјади денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование продолжува и понатаму, порача Заев.

Тој вчера истакна дека пресудно во коалицирањето со БЕСА била програмата, но и, како што дополни, заедничката тенденција да го збогатат и зголемат концептот едно општество за сите. Тој очекува на изборите да освојат доволно пратенички мандати за парламентарно мнозинство и за формирање влада, но не исклучува разговори и со други кои ќе добијат доверба од граѓаните.

Претставувајќи ја програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапува на претстојните избори, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски вчера од Василево нагласи дека таа е подготвена многу внимателно со сите структури на партијата и експерти, но и граѓаните и вбројува преку илјада проекти.

– Таму ќе најдете поголема просечна плата, како да дојдеме до неа за 25 проценти од тоа што е денес. Таму ќе најдете како до поголеми пензии, најмалку 20 проценти поголеми пензии од тоа што е денес. Враќање на старото законско решение кога пензијата растеше два пати годишно, а не како што тоа денес се случува кога едно покачување добија пензионерите поредизборно мислејќи дека изборите ќе се случат во април, истакна Мицковски.

Таму, вели тој, ќе најдете како до четири милијарди евра инвестиции и како да дојдеме до најнизок данок во Европа од осум проценти и нула данок за секој оној што ќе вработи лице до 29 години.

-Таму ќе најдете намален данок на додадена вредност за угостителите и хотелиерите, оние кои што се најпогодени од вирусот Ковид-19, од 18 на 10 проценти заклучно со 2021 година, таму ќе најдете како да дојдеме до бесплатна партиципација на државните универзитети за студентите за учебната 2020/2021 година и најмалку еден универзитет во првите илјада во светот, Македонија да биде извозник на знаење, а не да биде извозник на високо образован кадар, потенцираше Мицкоски, нагласувајќи дека е убеден во одлучноста на граѓаните да го изберат десниот пат.

Кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери, пак, на вчерашната прес-конференција пред Владата на која презентираше делови од својата програма изрази очекување неговата кандидатура за премиер да биде поддржана од припадници на сите етнички заедници. Тој најави Виш суд за еднаквост, нова институција, која ќе обезбеди еднаква правда и ќе ги истражува сите сомнителни случаи на етничка дискриминација во судовите, во државната администрација, од страна на надлежните органи, во училиштата и на работа. Презентираше план за еднаква економска преродба со кој, како што кажа, ќе се создадат илјадници нови работни места и ќе се постигне еднаквост и во приватните компании.

Алијансата за Албанците и Алтернатива од Куманово ги повикаа гласачите да ги поддржат на 15 јули и истакнаа дека е време за промени во албанското општество во државата. Тие предвидуваат проекти од повеќе области кои важат за сите граѓани – рамноправен развој во сите средини, водоснабдување, канализации, патишта, целокупна инфраструктура која е неопходна за секојдневното функционирање. Тие најавија богата политичка платформа, правда, економски развој, добро образование и ставање крај на девијантни феномени, затворање на казина.

За Петар Богојески од платформата „Македонски концепт" ова е последна шанса за вистински промени. Тој ги повика сите граѓани, особено најразочараните од политиките на двата партиски блока да излезат на гласање. Најдобро е, според него, со гласање за оваа платформа да се внесат во Парламент граѓански пратеници кои ќе ги менуваат работите од корен и без партиска контрола. Енергетските заедници се иновативна мерка која оваа платформа ја предлага.

– Доколку сакате да биде казнета и сменета оваа Влада, а од друга страна да не дозволиме возобновување на бандитизмот во минатото, тогаш гласајте за број 10, бидејќи само ние имаме кредибилитет да не ги дозволиме тие процеси во Парламентот, порача Богојески.

Партијата „Интегра" пред гевгеличани вчера вети редуцирање на јавната администрација, нова транспортна стратегија со 956 километри брза железница по која за еден час ќе се стигнува до секоја точка, слободни земјоделско-сточарски зони, како и во првите 100 дена ништовност пред Меѓународниот суд за правдата на Времената спогодба од 1995, Преспанскиот договор од 2018 и на спогодбата со Бугарија. Од гевгеличани побараа поддршка на 15 јули со заокружување на бројот 8 на гласачкото ливче.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, вчера соопшти дека најдоцна до 24 часот на 9 јули може да се објавуваат резултати од испитувањата на јавното мислење во врска со предвремените парламентарни избори и ги потсети радиодифузерите на одредбите од Изборниот законик за објавување резултати најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на изборите./МИА

Eрдоган на 9 мај ќе биде примен од Бајден

- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе престојува во официјална посета на Вашингтон, каде на 9 мај во Белата куќа ќе биде примен од неговиот американски колега Џо Бајден, соопшти денеска официјален извор.

Тоа ќе биде прва средба на овие двајца претседатели во Белата куќа.

Ердоган претходно беше примен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Односите меѓу Вашингтон и Анкара неодамна се подобрија кога Турција, членка на НАТО, го одобри влезот на Финска, а потоа и на Шведска во Алијансата, по 20 месеци двоумење.

Како знак на поддршка, Бајден во јануари, а потоа и Конгресот на САД во февруари ја одобри продажбата на американските борбени авиони Ф-16 на Турција, со што стави крај на повеќемесечните расправии меѓу Вашингтон и Анкара околу тоа прашање.

Меѓународна конференција за Македонците и Граѓанската војна во Грција

Меѓународна конференција за Македонците и Граѓанската војна во Грција по повод 75 години од нејзиното завршување.

Меѓународна научна конференција се организира денеска по повод 75 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, на која 26 учесници од земјава, од Србија и Хрватска, имаат реферати кои откриваат нови научни сознанија за учеството на Македонците во војната (1946-1949), за улогата на светските сили и односите со другите земји, одгласот во печатот и за присилното емигрирање на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија.

Катерина Мирчевска, претседателка на Организацискиот одбор на конференцијата, истакна дека за краток период настанеле сериозни миграциски и етнички измени што, рече, довеле до евидентно намалување на бројот на македонско население и промена на етничкиот состав на населението на тие простори. Посочи дека најпосакувана дестинација за бегалците била тогашната НР Македонија како единствена слободна држава на македонскиот народ во состав на Југославија, каде што до крајот на Граѓанската војна се населиле 24 илјади, а над десет илјади Македонци со процесот на репатријација дошле од источноевропските држави до почетокот на 1980-тите.

-Огромниот број бегалци како една од последиците на Граѓанската војна ја вообликуваат политичката емиграција од Граѓанската војна во Грција во чии расположливи статистики Македонците учествуваат со околу половина од нејзиниот вкупен број, всушност ја претставуваат најбројната политичка емиграција во Европа по Втората светска војна. Во годините што следуваат македонските политички бегалци отвораат едно ново поглавје на нашата национална историја, рече Мирчевска.

Ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова во поздравното обраќање рече дека конференцијата е научна самопотврда и верификација на научната вистина од релевантни научни авторитети од земјава и од странство. Нагласи дека темата за Македонците во Граѓанската војна во Грција е значајна и кон неа може се пристапи од повеќе аспекти – историски, политиколошки, социјален, јазичен, книжевен, фоклористички итн.

-Прашањето за идентитетот има важно место во оваа конференција. Борбата на Македонците од Егејска Македонија за возобновување на етнојазичната и територијалната целина на македонскиот народ е едно од покренатите прашања...Граѓанската војна во Грција отвора и голема тема за егзодусот на децата бегалци кои биле принудени да растат раселени низ светот далеку од своите семејства и од родните огништа. Но, покрај тешката судбина, неспорен е големиот натамошен подем на претставниците на оваа генерација кои по тешкото детство понатаму активно се вклучија и се истакнаа во општествено-политичкиот и во културно-уметничкиот живот на Македонија, истакна Ангелова на отворањето на конференцијата.

Претседателката на Републичкото здружение на децата бегалци „Т’га за југ“ Евгенија Николовска информираше за следните активности со кои во текот на целата година се одбележуваат 75 години од крајот на Граѓанската војна под слоганот „Да не се заборави и никогаш да не се повтори“. Меѓу другото, во септември, кога официјално завршила Граѓанската војна во Грација, во Катланово ќе биде организиран голем народен собир.

-Сакаме да ги зачуваме нашиот јазик, историја, култура и мелос. И оваа конференција е со таа цел. Ќе ги вклучиме и најмладите од институтите да се заинтересираат за Граѓанската војна, да најдат нови истражувања. Сигурно има скриени нешта, како што во 2003 година ја откривме масовната гробница во Лерин на Македонците борци кои учествувале во ДАГ и населението заедно. Така ја испишуваме историјата, со новите откритија што се случиле во минатото. Апелот наш е да не се заборави и никогаш никаде да не се повтори таа војна, рече претседателката на здружението кое ја организира конференцијата во соработка со три научни институти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Според Николовска, во последните години Македонците во егејскиот дел, „веќе послободно може да зборуваат македонски јазик и да го негуваат мелосот и песните“ и дека веќе има иницијатива за отворање културни центри.

Во контекст на промените по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, Николовска изјави дека за нив промената на името на државата била неприфатлива, но од друга страна, како што рече, „мора да се признае дека по тој кобен Преспански договор, малку по малку Грците почнаа попријателски да се однесуваат кон нас и кон нашите таму“.

Историчарот Тодор Чепреганов, еден од учесниците на конференцијата, изјави дека со Преспанскиот договор „таму немаме Македонци, туку народ што зборува јазик различен од грчкиот“.

-Се поставува и прашањето кои се тие Македонци што учествувале во Граѓанската војна ако не ги именуваме како Македонци. Затоа што сега имаме антички Македонци во Грција, имаме овде, на оваа страна, други Македонци. Кои се тие е големо прашање, бидејќи сега државава не смее да каже дека таму имало Македонци кои се бореле за обединување со Македонија и дека тие се декларирале Македонци. Не го зборуваме тоа ние, тоа го зборуваат документите. Американските и британските документи кои пишуваат за егејска Македонија, тие зборуваат за Македонци учесници во таа војна, изјави Чепреганов.

Сотир Лукровски, претседател на здружението „В'мбел“ и координатор на здруженијата на Македонци со потекло од егејскиот дел на Македонија соопшти дека се подготвува клуб со библиотека во центарот на Скопје кој ќе биде отворен во април.

-Ќе биде во редот на Театарот за деца и младинци. Имаме на располагање простор од 200 квадратни метри, засега имаме околу 400 наслови на книги поврзани со прашањето за Македонците со потекло од Егејскиот дел од Македонија и воопшто со македонското прашање. По низа години, се надеваме дека ќе има своевидно сврталиште, пред се, на младите, но и на највозрасните, каде што ќе разменуваат идеи со крајна цел да го одржиме отворено прашањето за Македонците со потекло од Егејскиот дел од Македонија и да ја вратиме и оживееме кај младите националната свест, изјави Лукровски.

Брнабиќ: Србија по литиумот ќе биде како Норвешка по откривањето на нафтата

Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека „отсекогаш“ верувала дека експлоатацијата на наоѓалиштата на литиум е добра за Србија и дека ќе „донесе многу добро“ не само за Лозница и Крупањ, туку и за цела Србија.

„Не можеме да замислиме колку пари би останале (од литиум). Тоа е буквално паралела со Норвешка пред и по (откривањето на) нафтата. Тоа е Србија пред и по литиум“, рече Брнабиќ во изјава за новинарите по посетата на градинка во Ваљево.

За време на нејзиниот мандат како премиер, Брнабиќ ја укина Уредбата за просторен план за подрачја за посебни намени за преработка на минералот „јадарит“, кој содржи литиум и бор, и изјави дека на Рио Тинто му е „ставена точка“.

Брнабиќ денеска изјави дека за ископување на литиум е потребен дијалог и дека се надева дека во пошироката дебата тоа ќе го поддржат мнозинството граѓани.

притисни ентер