Украина до Турција: Задржете го рускиот брод со нашето украдено жито и уапсете го екипажот

Украина вчера побара од Турција да го заплени товарниот брод со руско знаме Жибек Џоли, кој превезувал украинско жито запленето од окупираното пристаниште Бердјанск, и да го уапси неговиот екипаж.

Официјален претставник на украинското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на информации од Украинската поморска управа, соопшти дека бродот Жибек Џоли превезувал приближно 4.500 тони жито, натоварено во Бердјанск, за кое службеникот тврди дека ѝ припаѓа на Украина.

Во одвоено писмо до турското Министерство за правда, украинското државно обвинителство на 30 јуни соопшти дека Жибек Џоли бил вклучен во „нелегалниот извоз на украинско жито“ од Бердјанск, дека неговата дестинација е градот Карасу во Турција и дека превезувал 7.000 тони товар, што е поголема бројка од онаа наведена од службеното лице.

Турското Министерство за надворешни работи не било веднаш достапно за коментар во врска со доаѓањето на бродот.

Од казахстанската транспортна компанија КТЗ Експрес потврдиле дека Жибек Џоли е во нивна сопственост, но велат дека е ангажиран од руската компанија Грин Лајн, која не е на ниту една листа за санкции.

Украина ја обвинува Русија дека краде жито од областите окупирани од руските сили од почетокот на инвазијата на крајот на февруари.

САД испраќаат досега најголем пакет оружје за Украина

Соединетите Американски Држави денеска ветија дека ќе ѝ испратат на Украина нов пакет оружје и воена опрема во вредност од милијарда долари.

Новиот пакет оружје ќе вклучува ракети за моќни повеќецевни ракетни фрлачи HIMARS, илјадници артилериски гранати, минофрлачи, рачни противтенковски ракети Javelin и друга муниција и опрема.

Така, вредноста на оружјето и опремата што Америка ги испратила или ќе ги испрати во Украина од почетокот на руската инвазија достигна 9,1 милијарди долари.

„Поминаа речиси шест месеци од почетокот на неиспровоцираниот и брутален напад врз Украина. Русите продолжуваат да ги уништуваат украинските градови и села. Претседателот Бајден јасно изјави дека САД ќе продолжат да го поддржуваат украинскиот народ во одбрана од руската агресија, без разлика колку долго е потребно “, изјави денеска американскиот шеф на дипломатијата Антони Блинкен.

„Како дел од тие напори, денеска, со одобрение на претседателот Бајден, го одобрив досега најголемиот пакет американско оружје и воена опрема за Украина“, рече Блинкен.

Локализиран пожарот кај Дојран и Богданци

Пожарот кај селото Фурка и браната Паљурци, помеѓу општините Дојран и Богданци е локализиран со здружени и координирани сили, со дејство и од земја и од воздух. 

Огнот е опкружен и догорува само во контролирани површини, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи.

Со локализирање на пожарот се прегрупираат силите за негово догасување. Дел од луѓето на терен ќе дежураат до рано наутро кога е предвидено вработени од Јавно претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија да ја проценат ситацијата на локализираниот пожар, по што ќе се одлучи како ќе се дејствува за негово догасување, велат од ЦУК.

За гасење на пожарот во текот на денот беа ангажирани еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и авионот „ер трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пожарникари и вработени во шумските стопанства и комунални претпријатија од Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Валандово и Струмица, а помогна и дел од локалното население.

Лукаревска: Советничката група на СДСМ е нова енергија за Тетово

Изминува речиси една година од промената на локалната власт како во Тетово така и во поголемиот дел од дрѓавата и пред очи ни се таканаречените резултати.

Изминува речиси една година од промената на локалната власт како во Тетово така и во поголемиот дел од дрѓавата и пред очи ни се таканаречените резултати, за инает не се поддржуваат добри проекти, постојано празни ветувања, повикување на претходниците и удирања во гради со проекти од претходниците, не е лошо, полошо е, порача заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во обраќањето на промоцијата на советничката листа на СДСМ за локалните избори во Тетово.

„Да не дозволиме на 20 август да се изберат луѓе кои ќе бидат покритие уште неколку години, години на празни ветувања. Да бидеме мотивирани и на 20 август употребете го вашиот глас, гласајте за кандидатите за советници од СДСМ, за овие луѓе кои имаат свои идеи, кои ќе работат во интерес на граѓаните и кои нема да молчат ако градоначалникот не работи добро“ порача Лукаревска.

Заменик претседателката Лукаревска истакна дека кандидатите за советници од СДСМ се вистинското решение за Тетово.

„Нашите идни советници се новата енергија за Тетово. Тие советници ќе туркаат напред, и ќе бодат гласни и да можат да го кажат вашиот проблем, да нудат решенија за секојдневните а всушност најбитните проблеми од вашето живеење. Централната власт не го заборави Тетово и натаму ќе придонесува за развој на овој град. На 20 август одлучно гласајте за број еден, да не дозволиме општината да биде парализирана и некој да има оправдување дека има нефункционален совет. Гласајте за никој да не биде над вашиот глас, туку да биде во полза на вашиот глас. Да имате убави улици, нови паркови, да имате чист воздух, тоа не е политика, тоа е обврска која ќе ја имаат нашите другари, идните советници.“ порача Лукаревска.


притисни ентер