Укинати забраните за сообраќај за камиони на повисоките места

 АМСМ информира дека од 8:10 часот е укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар. 

Во утринските часови се укинати и забраните за сообраќај на премините Плетвар, Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

Претходно АМСМ јави дека сообраќајот на патиштата се одвива по влажни коловози. На повисоките места и низ клисурите има остатоци од кашест снег на коловозите.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

За македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата. Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие кои што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и исклучително внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во Росоман и Демир Капија стартуваше гласањето за претседателските избори

Во Росоман и Демир Капија стартуваше гласањето за претседателските избори, од општинските изборни комисии информираа дека навремено се отворени сите избирачки места.  

Вкупно 113 болни и изнемоштени лица од Росоман и Демир Капија и петмина од затвор, беа пријавени за гласање во текот на вчерашниот ден, согласно на законот.

- Во единствениот избирачки список, се запишани 3.289 лица од општина Росоман со право на глас. Од нив, 51 болно и изнемоштено лице, како и двајца од затвор, беа пријавени за гласање за вчера, појасни претседателот на општинската изборна комисија, Александар Чадамов, за МИА.

Во Демир Капија, како што соопшти претседателот на ОИК, Благој Јовановски, 62 болни и немоќни лица, како и тројца од затвор, имаа законска можност да гласаат во текот на вчерашниот ден. Инаку, во Демир Капија се регистрирани вкупно 3.216 гласачи.

Навреме отворени гласачките места во Куманово, Липково и Старо Нагоричане

 Навреме се отворени гласачките места во Куманово, Липково и Старо Нагоричане, информираа денеска општинските изборни комисии.

Елизабета Стојковска, претседателка ОИК Куманово соопшти дека сите избирачки места навреме се отворени. Во Куманово, право на глас имаат 93.364 гласачи, кои гласаат на 167 избирачки места

- Гласањето почна навреме и во Липково, информираше претседателката на ОИК, Ајше Демири. Во оваа општина право на глас имаат 25.998 избирачи кои гласаат на 36 места.

Претседателот на ОИК Старо Нагоричане, Марјан Даиловски, рече дека навреме се отворени гласачките места. Во Старо Нагоричане право на глас имаат има 3.043 гласачи, кои гласаат на 38 избирачки места од кои две се споени, односно ќе ги опслужуваат 36 избирачки одбори.

Наставниците во Тенеси ќе можат да носат пиштоли на училиште

Пратениците во американската сојузна држава Тенеси вчера усвоија закон со кој на наставниците во државата ќе им се овозможи да носат скриени пиштоли на училиште, додека демонстранти од галеријата гласно протестираа против тоа.

Нацрт-законот беше одобрен со 68 гласа „за“ наспроти 28 гласови против во Претставничкиот дом на Тенеси, во кој доминираат републиканците. Државниот Сенат го усвои законот претходно овој месец.

Тенеси има жестока дебата за законите за оружје по минатогодишното пукање во училиште во Нешвил во кое загинаа три деца и тројца возрасни членови на персоналот.

Некои од демократите во Претставничкиот дом помогнаа во организацијата на протестите во главниот град, што доведе до нивно кратко протерување од законодавниот дом минатата година.

Околу половина од сите американски држави им дозволуваат на наставниците или другите вработени во училиштата да носат огнено оружје во просторот на училиштето, наведува Правниот центар Гифордс, група за безбедност на оружје. Според законот на Тенеси, секое лице кое сака да носи скриен пиштол на училиште мора да заврши најмалку 40 часа обука во училишната полиција. Трошоците за обуката заедно со огненото оружје се на товар на поединецот.

Според предлог-законот, идентитетот на наставникот или членот на персоналот што носи оружје нема да биде јавен. Директорите на училиштата мора да дадат одобрение за лицето да носи оружје, а началниците на локалната полиција мора да бидат информирани за идентитетот на носителот. /МИА

притисни ентер