УЈП ги потсетува граѓаните да ги проверат своите годишни даночни пријави за 2023

Управата за јавни приходи ги потсетува граѓаните да направат увид во Годишните даночни пријави (ДЛД ГДП), кои веќе се поставени на системот а се однесуваат за остварени приходи во 2023 година. 

Секој кој е регистриран на системот ППД - (ujp.gov.mk) има обврска во својот кориснички профил, најдоцна до 31.05.2024 година, да ја потврди или доколку истата не ја прикажува точната слика за износот на остварен доход и платени даноци, да ја коригира пријавата!

По истекот на овој законски рок, потврдените и Годишните даночни пријави кои не се потврдени, ниту се коригирани ќе се сметаат за конечни, додека коригираните даночни пријави ќе треба да се одобрат од страна на службено лице од Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава, Управата за јавни приходи ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2023 година.

Кај обврзниците во чија ДЛД ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, ќе се генерира налог за доплата со фолио број и истиот ќе биде содржан на третата страна во печатењето на даночна пријава(PDF документот). Обврзниците во чија ГДП се појавува повеќе платен данок, имаат можност во самата пријава да искажат барање за враќање на данокот.

Управата за јавни приходи, апелира до граѓаните кои оствариле доход во земјава или странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид на доход и се уште не се регистрирани на системот е – Даночни услуги, за да ги исполнат своите обврски за пријавување и плаќање на данок, истото да го сторат во најкраток можен рок.

За дополнителни информации околу исполнувањето на обврските за пријавување на доход , плаќање и поврат на данок можете да се обратите на [email protected].

Управа за јавни приходи

Вучиќ и Курти во Брисел на средба со новата шефица на европската дипломатија, Калас

Косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат денеска со новата шефица на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Одделните средби на Калас со Курти и Вучиќ во Брисел, кои ги потврди и портпаролката на ЕУ за надворешна политика, Анита Хипер, нема да бидат во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, процес кој го посредува Европската унија.

Калас е новата шефица на надворешната и безбедносната политика на ЕУ и заедно со останатите нови комесари на Европската комисија го започна својот мандат на 1 декември.

Портпаролката Хипер, на вчерашната прес-конференција, одговараше на прашања во врска со нападот на каналот Ибар-Лепенец во северно Косово во петокот, на 29 декември, како и за иднината на дијалогот меѓу Косово и Србија.

Таа го повтори ставот што ЕУ го изрази ден по нападот во селото Варага кај Зубин Поток, опишувајќи го како терористички напад врз критичната инфраструктура на Косово и ги повика сите да соработуваат со косовските власти за да се откријат сторителите и истите да се соочат со правдата.

За средбите што Калас ќе ги одржи во Брисел, Хипер појасни дека тие нема да бидат дел од дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Каја Калас сега, по добивањето на мандатот, треба да одлучи како ќе продолжи процесот на дијалог, кој започна во 2011 година.

Косовскиот премиер и српскиот претседател во Брисел ќе имаат одвоени средби и со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста, а потоа ќе присуствуваат на неформална вечера што Коста ќе ја организира со сите лидери од регионот на Западен Балкан.

Курти и Вучиќ во последните денови разменија обвинувања за нападот во Зубин Поток. Косово ја обвини Србија за нападот на водениот канал Ибар-Лепенец. Србија негира дека стои зад нападот и рече дека започнала сопствена истрага за случајот.

Од САД за Украина нова помош од 725 милиони долари

САД ќе и обезбедат на Украина воена помош за одбрана од руски напади во износ од 725 милиони долари, објави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Одлуката е донесена во контекст на напорите на тимот во заминување на претседателот Џо Бајден да ја зајакне позицијата на владата во Киев во војната за да се одбие руската инвазија пред тој да ја напушти Белата куќа во јануари.

Поддршката меѓу другото ќе вклучува ракети Стингер, муниција за ракетните фрлачи HIMARS, беспилотни летала и противпешадиски мини.

Минатата недела тимот на Бајден подготви нова воена помош, од која голем дел ќе вклучува и противтенковско оружје за да ги одвратат нападите на руските трупи.

„САД и повеќе од 50 други земји се обединети во нивните напори да ги гарантираат одбранбените способности на Украина пред руската агресија“, рече Блинкен.

ВМРО-ДПМНЕ: Довербата во правосудниот систем блиску до нула, Коцевски и ЈО да почнат да работат

Од слоганот на СДС „Нема правда нема мир“, но и од правдата на која се надеваа дел во учесниците во Шарената револуција, денес правосудството е на дното, а довербата на граѓаните во судството и обвинителството блиску до нула.

Надежта за правда, на која се фокусираше СДС, заврши неславно со инсталирање на обвинители и судии избрани во Струмица и Зајас кои не постапуваат по наводите за криминал.

Од урлањето на Зоран Заев дека ќе донесе правда во Македонија, остана само клиентелизмот на судиите избрани во Струмица и Зајас кои ги опструираат предметите и не постапуваат.

Љупчо Коцевски 6 месеци нема покренато ниту едно обвинение. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за не постапувањето и неработењето на обвинителите под него.

Љупчо Коцевски е одговорен за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ. Коцевски наместо да работи на владеење на првото и да го санкционира криминалот, тој ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудството.

Коцевски е платен од граѓаните и треба да ја гарантира правдата и владеењето на правото, а не да е во спрега со политичките криминалци на СДС и ДУИ.

Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас.

Коцевски не постапува по наводите за криминал во Онкологија, ЈПДП, Државна Лотарија, ТЕЦ Неготино, РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, Министерството за здравство, нивите купувани вдолж трасата за автопатот Скопје – Блаце и мноштво предмети за кои известуваа медиумите.

Коцевски треба да знае дека правдата не смее да чека, граѓаните заслужуваат правда и не можат повеќе да трпат неуспех, несериозност и непрофесионалност од судиите и обвинителите.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер