УХМР: Најавените врнежи нема да предизвикаат излевање на поголемите реки

Нема опасност од излевање на поголемите реки во земјава и покрај најавите за локални поројни врнежи дожд во наредните неколку дена, соопшти УХМР.

Според Управата, доколку на одредени места врнежите бидат поинтензивни и паднат за кратко време и ако бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер, можна е појава на слевање на вода во градските урбани средини поради неможноста за одведување на водата.

,,Почнувајќи од денешните попладневни часови па во наредните неколку дена, на поедини места од државата се најавуваат локални поројни врнежи од дожд, при што нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата. При краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците. При такви околности, предупредуваме на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава, наведува УХМР.

Сообраќајот по влажни коловози, одрон на патот Берово - Будинарци

На патниот правец Берово - Будинарци има одрони од камења каде се зафатени двете коловозни ленти од патот, при што сообраќајот се одвива со наизменично пропуштање на возилата, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

Гвардиола: Главната работа во фудбалот е да постигнеш гол

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола ги искажа своите впечатоци по елиминацијата од Реал Мадрид (1:1, пен. - 3:4) во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

- Би сакал да победевме, но честитки за Реал Мадрид. Направивме сè што можевме, одигравме исклучително во сите аспекти. За жал, не успеавме да победиме. Во фудбалот, главната работа е да се постигне гол. Тие се снајдоа подобро од нас во пенал рулетот. Тие се во полуфинале, ние не. Сè беше одлучено од ситниците. Некогаш победуваш на пенали, понекогаш не, изјави Гвардиола за прес-службата на УЕФА.

Реал Мадрид во полуфиналето на елитното фудбалско натпреварување ќе игра против Баерн.

Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Борусија Дортмунд и Пари Сен-Жермен.

Тајм ги објави 100-те највлијателни луѓе во 2024 година

Американскиот магазин Тајм објави листа на 100-те највлијателни луѓе за 2024 година, а во категоријата на највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, ...

Американскиот магазин Тајм објави листа на 100-те највлијателни луѓе за 2024 година, а во категоријата на највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.

Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.

Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.

Победниците традиционално се класифицираат во неколку категории, од дебитанти до титани, а на листата на 100 највлијателни луѓе се наоѓа и палестинскиот фоторепортер Мотаз Азаиза, кој помина речиси четири месеци документирајќи го животот во Појасот Газа по ескалацијата на палестинско-израелскиот конфликт.

На листата на влијателни луѓе се и американскиот рапер „21 Савич“ (21 Savage), нигериската музичарка Бурна Бој и американската филмска режисерка Софија Копола.

На листата на 100 највлијателни луѓе во 2024 година е и канадскиот актер Елиот Пејџ, кој во 2021 година стана првиот трансродовиот маж кој се појави на насловната страница на магазинот Тајм.

На листата се и американскиот актер Колман Доминго, кој играше во ТВ сериите „Еуфорија“ и „Fear the Walking Dead“, канадско-американскиот актер Мајкл Џеј Фокс, познат по улогата на Марти Мекфлај во филмот „Назад во иднината“, како и холандскиот Формула 1 возач Макс Емилијан Верстапен.

притисни ентер