Угостителските објекти во руралните средини продолжуваат да ги прекршуваат превентивните мерки

За четири дена државните инспектори ставиле клуч на 48 кафеани и ресторани кои работеле и покрај забраната. 

Лоши хигиенски услови се затекнати во 15 месарници и маркети а 215 кафемати се забранети за употреба. Ова е епилогот од последните направени вонредни контроли.

48 угостителски објекти се затворени

15 решенија за месарници и маркети поради лоша хигиена

215 кафемати на јавни места се надвор од употреба

Како што потенцираше претседателката на Инспекцискиот совет, Филиповска – Грашкоска, од над 3.900 спроведени надзори најголемите прекршувања се регистрирани во руралните средини.

Пазарните инспектори во најголем дел не наишле на вртоглави цени на лимоните и другите цитрусни овошја во маркетите. Немало отстапки ниту со цените во аптеките.

Оние од транспорт, пак, во своите 70 извршени надзори утврдиле дека генерално во автобусите се вози со 50 отсто преполовен број патници, а меѓуградските автобуски линии се целосно редуцирани.

По вчерашната препорака со која излезе Агенцијата за храна и ветеринарство, претседателката на Инспекцискиот совет и денеска апелираше да се избегнуваат кафематите и апаратите за вода бидејќи се „магнет“ за зараза од корона.

Првиот човек на Инспекторатот за труд посочи дека пристигнале неколку претставки од вработени на кои работодавачите им давале да потпишат отказни решенија и им нуделе нови договори со скратено работно време. По сите овие претставки, како што спомена Хавзиу, веќе се постапува.

Истиот инспекторат за четири дена направил 290 контроли. Тринаесет работодавачи добиле опомена дека не ги почитуваат мерките за платено отсуство за дете до 10 годишна возраст, бремени жени и хронично болни.

притисни ентер