Многу од наставниците и родителите стравуваат дека повторното отворање на училиштата ќе го забрза ширењето на Ковид-19, но владите инсистираат на тоа да се продолжи со наставата во училиштата.
Француските студенти се враќаат по летна пауза од два месеци. Наставниците и учениците на возраст од 11 до 18 години мора да носат маски и во затворено и на отворено.
Денеска во училиштата се враќаат и учениците во Белгија, а минатиот месец се вратија во Германија.
Маските се задолжителни и во Грција, каде учениците се очекува да се вратат на училиште следниот понеделник, со ограничен број од најмногу 25 ученици во одделение.
Во Англија и Велс - каде што децата се враќаат на училиште оваа недела по шест месеци - владата првично рече дека маските на училиште нема да бидат потребни, но ја смени својата одлука.
Новите упатства ги советуваат вработените во училиштата и учениците на возраст од 11-18 години да носат маски во ходници и заеднички простории.
Шпанската влада инсистира на тоа дека децата над 6 години мора да носат маски постојано и да ги мијат рацете најмалку пет пати на ден.
Децата треба да одржуваат растојание од 1,5 метар едни од други, а регионалните власти ангажираа дополнителни наставници за да го намалат бројот на деца во училниците.
Но сепак, многу од шпанските наставници и родители сметаат дека мерките не се доволни или дека биле воведени премногу кратко пред почетокот на наставата за да бидат соодветно спроведени.