Учениците во Будаково добија реконструирано училиште

Со македонски и со турски мелос учениците од село Будаково во општина Могила го прославија отворањето на реконструираното училиште ,,Браќа Миладиновци,,.

Училиштетто е реконструирано по цели 50 години со поддршка на Турската агенција ТИКА. Овде се школуваат вкупно 33 деца од македонска и турска националност во паралелки од прво до петто одделение.

Училиштето е вистински пример за соживот и меѓуетничка толеранција.

Од општината Могила најавуваат дека во наредниот период се планира реконструкција на уште 10 училишта во општината.

Четврти член на бразилската делегација во ОН позитивен на коронавирус

Педро Гимареш, член на делегацијата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во Обединетите нации, е позитивен на коронавирусот, напиша извршниот директор на банката „Каиша економика федерал" на социјалните мрежи.

Гимареш, кој рече дека е комплетно вакциниран, е четвртиот член на делегацијата кој е позитивен на Ковид, а кој беше со Болсонаро во Њујорк на неговото обраќање во ОН.

Тој рече дека бил асимптоматски, но бил во изолација од средата, кога се вратил во Бразил од Њујорк.

Бразилскиот министер за здравство Марсело Квирога, синот на Болсонаро, Едуардо и еден дипломат, исто така, беа позитивни.

Квирога, на кој коронавирусот му беше дијагностициран за време на посетата на Њујорк, се уште е во изолација во хотел во Њујорк.

Болсорано во неделата рече дека има негативен резултат на тестот за Ковид-19. Откако пристигнаа во Бразил, сите членови на делегацијата на Болсонаро беа во изолација и направија тестови поради контакт со министерот за здравство.

Ескобар доаѓа во Брисел на разговори поради ситуацијата на северот на Косово

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар неделава ќе пристигне во Брисел за да разговара со европските партнери за актуелната ситуација во северно Косово.

Соединетите држави работат со ЕУ, НАТО и владите во Белград и Приштина „да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и избегнување дејствија што ги зголемуваат тензиите, го загрозуваат напредокот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ и негативно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните “, рече портпаролoт на Стејт департментот за Радио Слободна Европа , додавајќи дека: „Соединетите држави продолжуваат да поддржуваат тесна регионална соработка со цел да се отстранат сите пречки за слободно движење, трговија и инвестиции од кои ќе имаат корист сите граѓани на Западен Балкан“.

Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички.

Австралиските власти најавија крај на тримесечниот „локдаун“ за вакцинираните жители на Сиднеј

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. “

Карантинот во сиднеј и во останатиот дел од австралиската држава Нов Јужен Велс ќе биде укинат кога стапката на целосно вакцинирани ќе надмине 70 проценти, цел што премиерката на таа држава, Гладис Береџиклијан, очекува да биде постигната на 11 октомври.

Првпат по три месеци пабовите, рестораните и продавниците ќе можат да се отворат за вакцинираните.

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. Скоро сме таму, да не се откажуваме во последен момент“, рече Береџиклијан.

Според планот, ќе може да се патува низ сојузната држава Нов Јужен Велс, а ќе се укине ограничувањето на бројот на луѓе присутни на погреби и свадби и ќе бидат дозволени спортски настани.

Невакцинираните граѓани мора да чекаат барем до 1 декември за да ги уживаат истите слободи, кога се очекува 90 проценти од населението да биде вакцинирано.

притисни ентер