Тут л’Ероп: „Членство на Западен Балкан во ЕУ: Што сакаат земјите-членки?“

Во регионот на југоисточна Европа, неколку земји со години тропаат на вратата на Европската унија и сè уште го чекаат повторното започнување на проширувањата.

За да се приклучи, на Западен Балкан му треба едногласно да се договорат земјите-членки, објаснува францускиот веб портал Тут л’Ероп посветен на европските интеграции, пренесува дописникот на МИА.

Новиот самит ЕУ-Балкан кој се одржува денеска и утре во Брисел, според веб порталот, има за цел да направи преглед на тековниот процес на кандидатура. Последен пат ваква средба се одржа по повод Самитот во Брдо на 6 октомври 2021 година, организиран од словенечкото претседателство со Советот на Европската унија. Единствената земја од Западен Балкан што стана членка на ЕУ беше Хрватска во 2013 година.

Останатите шест земји од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ не се сите во иста фаза во процесот на интеграција, се наведува во анализата. Меѓу нив, четири се официјално признати како кандидати: тоа се Македонија (од 2005 година), Црна Гора и Србија (од 2012 година) како и Албанија (од 2014 година). Босна и Херцеговина и Косово се сметаат за „потенцијални кандидати“. БиХ се декларира во 2016 година, но се уште не добила кандидатски статус. Што се однесува до Косово, се посочува, дека земјата ја изрази својата намера за влез во ЕУ, но сè уште нема поднесено барање.

Финалната декларација на Самитот во Брдо во октомври 2021 година ја потврдува „недвосмислената поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“ на 27-те и инсистира на посветеноста на Унијата „на процесот на проширување“. Особено поради взаемниот стратешки интерес на двете страни. Изгледите што беа реафирмирани на овој состанок, се наведува во текстот, беа особено рефлектирани со економски и инвестициски план од 30 милијарди евра за седум години со цел да се финансира транспортот, енергетската транзиција, здравството, обуката или дигитализацијата на економијата на овие земји кандидати.

-Сепак, пречките за европската интеграција опстојуваат. Како што се повторливите тензии од гранична или етничка природа меѓу населението на поранешна Југославија. Но, поделбите меѓу земјите-членки на ЕУ по ова прашање исто така го забавуваат процесот. Сегашното блокирање од Бугарија на отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија е пример за тоа, стои во анализата.

Во контекст на војната во Украина од крајот на февруари 2022 година, се посочува, неколку земји-членки на Унијата неодамна ставија до знаење дека сакаат повторно да го започнат проширувањето на Балканот. По повод состанокот на земјите од југоисточна Европа во Солун на 10 јуни 2022 година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го искористи овој самит за да предложи интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2033 година.

-Австрија, исто така жесток бранител на идејата за брз пристап на Балканот, од своја страна повторно ги покани своите европски партнери да испратат „јасни сигнали“ до балканските земји за време на самитот на 23 јуни, особено до Македонија и Албанија и Босна и Херцеговина, нагласувајќи го „големиот потенцијал на Русија за дестабилизација не само во источна Европа, туку и на југоисток“. Истовремено, Словенија ќе изврши притисок за време на следниот Европски совет на 23 и 24 јуни Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус за ЕУ, наведува францускиот веб портал.

За Тут л’Ероп, една од главните актуелни пречки за интеграцијата на Западен Балкан е бугарското вето кое бара Северна Македонија да ја вклучи заштитата на бугарското малцинство во нејзиниот Устав.

Софија веќе во 2020 година ја отфрли „преговарачката рамка“, која требаше да го сочинува патоказот за пристап на Скопје во Европската унија. Згора на тоа, ова вето ја спречува и Албанија да напредува во процесот на проширување бидејќи земјите-членки одлучија да ги поврзат македонската и албанската кандидатура. Затоа, убедувањето на Бугарија ќе биде една од целите на самитот ЕУ-Балкан на 23 јуни 2022 година, оценува веб порталот во анализата.

На чело на ротирачкото претседателство на Советот, Франција формулираше решение за надминување на ветотот од бугарската влада.

-Неодамна во Софија беше предложено почитувањето на идниот билатерален договор со Македонија, кој ќе ги реши нивните разлики, да биде дел од преговарачката рамка на земјата. Предлог позитивно оценет од владата на Кирил Петков. Но, во зафатот на големата политичка криза, се чини малку веројатно дека Бугарија ќе го укина ветото до крајот на неделата. Од друга страна, ветото би можело да биде повлечено во блиска иднина, по самитот на Балканот, лидерот на десноцентристичката опозициска партија ГЕРБ, поранешниот премиер Бојко Борисов, изјави дека го поддржува францускиот предлог. Ова дава парламентарно мнозинство во Бугарија подготвено да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, посочува веб порталот.

Но, овие две земји, како и другите земји кандидати во регионот, се наведува, нема да можат веднаш да се интегрираат во ЕУ – времето врши притисок. Во Западен Балкан, силите кои се натпреваруваат со Унијата, Кина и Русија на чело, се во потрага и се обидуваат да го прошират своето влијание што е можно повеќе. За да одговори на оваа вонредна состојба без да го запре процесот на проширување, Емануел Макрон на 9 мај го претстави проектот за Европска политичка заедница (ЕПЦ).

Целта на оваа заедница, како што објаснува Тут л’Ероп, е да се создаде структура која ќе ги обедини земјите од Европа кои сè уште не можат да се приклучат на ЕУ или кои не сакаат да го сторат тоа околу заедничките демократски вредности. Оваа организација, која има за цел да биде комплементарна на Унијата, а не како алтернатива на членството, би била наменета да ја олесни соработката меѓу државите во клучните области, како што се безбедноста, енергијата или инфраструктурата. Конкретно, за ЕПЗ ќе се дискутира на самитот на Дваесет и седумте, на 23 и 24 јуни. И доколку идејата се оствари, земјите од Западен Балкан секако ќе бидат поканети да учествуваат, заклучува францускиот веб портал во анализата./МИА.

Ковачевски во телефонски разговор со Шолет: Високо ја ценам поддршката на Стејт департментот

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски вечерва телефонски разговараше со Советникот на Стејт департментот, Дерек Шолет во присуство на амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.

Премиерот Ковачевски изрази огромна благодарност до Стејт департментот и рече дека високо ја цени поддршка и интересот за нашата земја во овие клучни моменти за државата.

Исто така го информираше советникот Шолет за процесот на широка консултација со сите чинители во општеството кој Владата најодговорно го започна веднаш по добивањето на европскиот предлог. Премиерот во разговорот уште еднаш ги потврди и посочи на јасните определби на Владата кои се темелат на демократските вредности и припадност кон прогресивниот свет кои за нас немаат алтернатива, бидејќи тоа е единствениот пат кој води кон напредок и просперитет, се наведува во соопштението од Владата..

САД ѝ праќаат на Украина ракетни системи, со кои ги бранат Белата куќа и Конгресот (ВИДЕО)

САД денеска официјално објавија дека на Украина ќе ѝ испратат нов пакет воена помош. Станува збор за оружје вредно 820 милиони долари.

Новиот пакет воена помош ќе вклучува ракети земја-воздух и противартилериски радари, кои би требало да ѝ помогнат на Украина поуспешно да се справи со руските удари со долг дострел, кои во последно време стануваат сѐ почести.

Пентагон објави и дека во Украина ќе испрати околу 150.000 парчиња артилериска муниција.

Ова е 14-ти американски пакет воена помош за Украина од август 2021 година. Севкупно, Америка за Украина обезбедила оружје и обука во вредност од 8,8 милијарди долари.

Како дел од новиот пакет воена помош, САД ќе купат два системи од типот НАСАМС од Норвешка. Станува збор за системи за противвоздушна одбрана кои се користат за заштита на воздушниот простор околу Белата куќа и зградата на Конгресот во Вашингтон.

Пентагон, исто така, најави дека ќе испрати повеќе муниција во Украина за модерните повеќецевни ракетни фрлачи HIMARS, кои првпат беа испратени минатиот месец.

ФИФА ја полни касата со пари што ќе им ги одзема на криминалците

Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) ќе добие дополнителни 92 милиони долари како компензација за загубите предизвикани од корупциски скандали во последните години, одлучи американското Министерство за правда.

Во август минатата година, судот веќе донесе одлука да ѝ плати 201 милион долари на ФИФА, а тие пари ќе бидат земени од луѓе кои биле вмешани во корупциски скандали, од кои повеќе од 50, меѓу кои и поранешни челници на Северноамериканската фудбалска асоцијација. (КОНКАКАФ) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).

„Во таа корупциска шема во игра беа големи суми пари. Парите што ќе им бидат одземени на криминалците ќе бидат наменети за развој на женскиот фудбал“, најави помошникот директор на ФБИ во Њујорк, Мајкл Дрискол.

притисни ентер